Објективно, не постои албум што заслужува во него да набутате песна од 35 минути. Кажано уште понепристрасно, нема композиција од половина час достојна да присвои толкав блок од поголема, далеку побитна, целина. Ненапишано, секако, но ова треба да биде барем лабаво – некакво – правило. Инаку, грото музичари ќе ги вклучат каблите во засилувачите, ќе се размаваат по кожите, ќе се расплукаат во микрофоните и воопшто нема да се оптоваруваат дали тоа што излегува кажува нешто или само бучи (и мучи) оти потполно го искористува правото слободно да зборува. Ништо од ова, бездруго, не важи ако во наведената претерано долга трака натискате и флуидно споите екстремно потентни идеи. Или ако, напросто, сте толку внесени, претопени, убедливи што прави времето и просторот да станат ирелевантни. За Swans, ова е најприродната состојба.
Токму затоа, нивниот последен албум To Be Kind, што вклучува нумера од 34 и кусур минути и севкупно трае два часа, цврсто гази на земја и покрај јасното игнорирање на самоконтролата. Кога таа е отсутна, особено кога се работи за поп/рок изданија, лесно (многупати и оправдано) е да се препознае задоволување на авторска суета наместо да се пронајде поместување на границите. Иако се забележуваат и не така малку трипови на егото, тринаесеттата плоча во кариерата ги прикажува њујорчаните во праисконска, неразводнета и соголена форма. Таа не би се изродила од неподносливата леснотија на самобендисаноста туку единствено од комплексната тежина на отворањето – во студио и на бина, но во секој случај, пред публика. Бендот на збиркава тоа го прави фуриозно, дури и бескомпромисно, ама не и вештачки или одглумено.
Фасцинира како албумот тече ли тече, не престанува да се движи, се развива нагоре, надолу, лево, десно и во сите искривени правци што можат да се замислат, а притоа не остава впечаток на дефокусирани маструбации од здружени лични фрустрации. Овде има гнев – и тоа во јаки дози – чија што насобраност и збиеност ја одржува тензијата во секоја од десетте песни. Воочливо се распоредени и мигови на бес кои се излеваат како река што пробила обемна, бетонска, брана по децении минати во бесполезно удирање во нејзината ѕидина. Лутината, исто така, ги пушта пламените јазици да дивеат како што секоја година проголтуваат широки пространства од ридестата и се чини, вечно разеленета и пошумена, Калифорнија. Сите овие варијации и степени на разјареност, најпрво, оживуваат во експлозивната изведба на Мајкл Жира, а потоа и во музиката.
Шеесегодишникот до последен атом ја ползува и ја отелотворува идејата за фронтмен. Шамански, тој влегува во циклуси на вокално прочистување (особено на споменатата, издолжена, Bring the Sun / Toussaint L’Ouverture) и достигнува извици со кои – изгледа – навистина се искачува на повисоки точки на свесност. Во композиции како Just a Little Boy, She Loves Us, Oxygen и Nathalie Neal тој се претвора индијански поглавар кој го подгрева племето за битка, а лулето на мирот го оставил за други, поубави, времиња. Најголем дел од ова, секако, е интелигентно, но во себе содржи и извесна доза лудило подвлечено од гитарски крици, саксофонска тортура или клавијатурско брусење. Освен тоа навидум грубо лице, на албумската опачина се наоѓа музика исполнета и со грув и со кревкост. Уште на стартот, Screen Shot граби со ритамот на шесте, недисторзирани, жици, па со бас и пијано, за до крајот сè внатре и околу себе да разнесе на парченца.
Ако некоја од траките може да се брои за танц (иако и ова е крајно дискутабилно), тоа бездруго е A Little God in My Hands, чиј костурски фанк-риф прераснува во везење на клавишите ала џез-виртуоз кој се весели во бар во Њу Орлеанс. Насловното парче, пак, заедно со Some Things We Do и со Kirsten Supine, го илустрираат фрагилниот карактер што вирусоидно е распослан на целата збирка, меѓутоа, на овие композиции прогонува со минималистичката ранливост. Тука не се работи за дилановско-кешовско соло-вокал песнопојство – сепак, бруи величественоста на многубројната постава – но Жира успева некако сè да заземји близу тој фазон. Динамички, со ова Swans го обезбедува нужниот контраст на анималноста и непопустливоста кои честопати го предводат, ама целосно не го дефинираат албумот. Тоа се случува на финалното, речиси исповедно, поглавје каде што претходно изложените музички елементи се вкрстуваат со тематскиот штоф. Или поточно, со дилемата со која што фронтменот, а со ова и самата група, два часа се борат – како (е) да се биде добар, внимателен, мил.
Оцена: 91/100
Артист: Swans
Албум: To Be Kind [стрим]
Датум на објава: 12 мај 2014
Продуцент: Мајкл Жира
Издавач: Young God
Листа на песни:
1. Screen Shot – 8:04
2. Just a Little Boy (for Chester Burnett) – 12:39
3. A Little God in My Hands – 7:08
4. Bring the Sun / Toussaint L’Ouverture – 34:05
5. Some Things We Do – 5:09
6. She Loves Us! – 17:00
7. Kirsten Supine – 10:32
8. Oxygen – 7:59
9. Nathalie Neal – 10:14
10. To Be Kind – 8:22