Tinariwen – Emmaar [Anti-, 2014]

Движењето може да се издвои меѓу одличјата кои ја разграничуваат посебната и инспиративна музика од таа што содржи потенцијал за возбуда колку хитовите на Џејмс Блант. Самите изведувачи, песни и изданија се базираат на менување емотивна и умствена местоположба, на поаѓање од една и завршување на друга точка. Тие дејствуваат и нанадвор, кон слушателите, кои или ќе добијат нагон (дури и само ментално) да се поместат од столчињата од кои се чини и тесла не може да нè откова или, пак, значително ќе ја засилат гравитацијата. Има автори кои од плочите на родителите ја разбрале лекцијата за важноста на мрдањето и не забораваат да го вклучат во своите остварувања, а има и такви на кои животот им објаснил или кои научиле да живеат спротивно од статични фикуси.

Токму таа состојба веројатно им е најпозната на номадите и затоа Tinariwen на секој албум тргнува од зачетната и не застанува до крајната нота. На актуелната плоча, Emmaar, тоа е поистакнато од кога било претходно, веројатно затоа што е првата што ја снимаат надвор од татковината Мали. Пустината, таа единствена константа во нивните постојано флуидни животи, секако дека не е отфрлена. По некоја проста логика, базирана на тоа (што сум чул) кои бендови таму работеле, Џошуа Три делува како најперфектната можна локација за оваа екскурзија. Со тоа на ум интересно е како материјалот звучи помалку „западњачки разгалено“, а од друга страна, не ја губи природноста и езготиката што се гарантирани кај изведувачи кои опстојуваат со сериозни, незамисливи, турбуленции, наместо да се соочуваат со слатки маки од првосветски калибар.

На Emmaar движењето има танцувачки карактер, но тој не е од типот „лудувам на подиум – цена бесплатна“ туку од оние хипнотизирачките, што ги креваат нозете како да се на полуфункционален ховерборд и со мали, нежни, подеми и падови лебдејќи играат во некој позитивен меѓупростор. Електричната гитара тука е недовосмислено најбитна. Во ера кога нејзината улога се намалува, дури и саркастично се исмева, Tinariwen одново, без трошка резерва, од кревањето до спуштањето на албумската завеса ги лизга чувствата, ставовите и стравовите на шесте жици. Блузот, секако, е каналот низ којшто тие се спроведени, а рокот, но оној класичниот, ги врзува во компактна маса од придушена дисторзија и соло-делници кои се издигаат и спуштаат како пустински дини. Древната традиција на Туарезите е пренесена во тапите бас-удари на перкусиите, како и во јазикот.

Во овој поглед, немам поим за што беседат, ама до корен обзема чувството оти се обраќаат на претците, ја сецираат мачната сегашност и стамено се обидуваат да најдат агол како ведро да гледаат на иднината. Моментно, за последново и немаат реална основа зашто културата и територијата на која што живеат е под воена закана – дел од основачите и најискусни членови подолги периоди земаат учество во фактички борби – но тоа не ги спречило да направат издание што ќе блика од решителност, солидарност и пред сè, искреност. За ова да се осети не е нужно познавање странски букви и говорни звуци (нормално, превод се наоѓа) туку љубопитност и рецептивност. Така „чакрите“ се отвораат за доживување и достигнување на состојба што Tinariwen ја срочил во самиот наслов на албумот – Emmaar отприлика значи „жештината на ветрето“. Ова е метафора за сегашната ситуација на Туарезите, за тензијата пред војната, за револуцијата што претстои. Каква ќе биде разврската во стварноста тешко е да се претпостави, но до крајот на преслушувањето на дискот, оваа напнатост не испарува. На некој необјаснив, чуден, начин, пак, тоа не напрега, туку ослободува.

Оцена: 80/100

Артист: Tinariwen
Албум: Emmaar
Датум на објава: 10 февруари 2014
Продуцент: Патрик Вотан
Издавач: Anti-

Листа на песни:
1. Toumast Tincha – 4:26
2. Chaghaybou – 4:56
3. Arhegh Danagh – 4:09
4. Timadrit In Sahara – 4:02
5. Imidiwan Ahi Sigdim – 4:54
6. Tahalamot – 5:13
7. Sendad Eghlalan – 5:04
8. Imidiwanin Ahi Tifhamam – 4:42
9. Koud Edhaz Emin – 4:36
10. Emajer – 3:42
11. Aghregh Medin (Hassan’s Song) – 4:18

0 коментар

Слични написи

Остави коментар