Sun Kil Moon – Benji [Caldo Verde, 2014]

Акустична гитара и човечки глас е исклучително проста, базична, можеби дури и примитивна, музичка комбинација. Кога е во прашање спојот на зборот и на мелодијата, таа веројатно е наједноставната. Истото ова, пак, ја прави тотално спротивна на принципите според кои заслепувачки исплатливо опстојува оваа наша мила, драга и масовно популарна, продукциски накитена, икс-факторски наштелувана, ера на инстант-ѕвезди. Гитарските и вокалните жици можат да се надополнуваат перфектно. Истовремено, овој микс има потенцијал за брутално разобличување на затскриените несовршености. А денес, нели, ништо под 100 процентната безгрешност – отсликана во сè од размислување преку однесување до телесно обликување – не може да стане инспирација за постери.

И покрај ова величење на вештачкото, за среќа, сè уште виреат кантавтори кои воопшто не се плашат да се соочат, соголат и себеси најприродно да се распостилат на албум. Таква неисполирана и незавиена човечност прикажува Марк Козелек на Benji, чудесната нова плоча што ја објави под името Sun Kil Moon. Инструментално минималистичка, креирана воглавно со акустична гитара, глас без очигледни компјутерски ефекти, спонтано расфрлано пијано, нежни перкусии, неочекуван саксофон и по некој гостин во различни ролји, колекцијата e емотивно сложена беседа поделена на 11 поглавја чиј НЗС е – смртноста.

Ситуацијата во која што музичар невоздржано го разглобува лавиринтскиот карактер на своето битие е видена и слушната безбројпати. На извесен начин, таа дури може и да се смета за клише. Ништо од ова, сепак, не е доволно голема причина за вакви уметници да не постојат и да не се принесуваат себеси на јавноста како жртви кои на врв на пирамида на Маите незаштитено ја чекаат судбината. Актуелното издание на 47-годишниот Американец потсетува оти без разлика колку формата е позната, побитно е што околностите се секогаш уникатни. Конкретно на Козелек тоа му овозможило на Benji да се осврне на цела плејада луѓе со кои тој минливо или темелно бил поврзан низ годините. Најголем дел од нив се починати, карактеристика што им е заедничка, а начинот и шокантноста на којшто тоа им се случило, заедно со нивните особини, ги издвојуваат едни од други само како што луѓето можат да се разликуваат.

Втората братучетка, која настрадала лани, на 35-годишна возраст во несреќа со запаливо ѓубре, е тема на стартната трака Carissa, каде што дознаваме дека и нејзиниот дедо бил убиен од фрик-експлозија на аеросол-боца. Истиот човек се појавува и во Truck Driver, се открива дека бил „сељачиште што гори ѓубре во дворот“, а неговата фамилија обожувала KFC, Domino’s и серијата Happy Days. Во Jim Wise зборува за Џон кој ја застрелал сопругата од милост затоа што имала болки од аневризми, а Ричард Рамирез е сериски убиец кој во затвор го напуштил светов од природна смрт (во песната се појавуваат и култистот Џим Џонс и ајатолахот Хомеини). Родителите на бившиот фронтмен на Red House Painters сè уште се живи, но се ближат до крајот на својот век и веројатно затоа толкава искрена љубов блика од I Can’t Live Without My Mother’s Love и I Love My Dad.

Суровоста на светот е отсликана во Pray for Newtown, каде што е воспоставен феноменален линк меѓу масовно убиство во „МекДоналдс“ во Калифорнија во 1984 година, масакрот на Брејвик во Норвешка, како и тие на Џејмс Холмс алијас Бетмен во Аурора, на Џејкоб Робертс во трговски центар во Портланд и на Адам Ланза во Њутон. Во Dogs се потсетува на девојките со кои тргнал од прва и стигнал до последна база (американска бејзбол-аналогија) и се навраќа на Animals од Pink Floyd. Слично носталгично реминесцирање има и во I Watched the Film The Song Remains the Same, каде што им оддава почит на потивките песни од Led Zeppelin кон кои секогаш бил повеќе привлечен. На Micheline почнува со истоимената комшивка, полека се префрла на пријателот Брет и завршува со својата баба која починала од рак.

Сето ова делува, и на моменти навистина е, ,мрачно, но бизарноста на некои од настаните, како тие се поврзани и тонот на којшто потписникот повремено се потпира вбризгува доза на црн хумор што ја врамнотежува тегобноста. Така и завршува збирката, со ода за Бен Гибард, лидер на Death Cab for Cutie и дел од дуото The Postal Service. Токму нивен концерт од 2013-та година во „грчкиот театар“ во Лос Анџелес е повод авторот да се исмева на сопствената криза на средни години што тогаш ја почувствувал и тоа што неговиот другар „продава многу билети“.

Овој хумор е надополнет и со мелодиите и хармониите што се надоврзуваат на стиховите иако, според структурата, тие повеќе наликуваат на директна проза отколку на филозофска поезија. Во нив, бездруго, е содржана извонредна проникливост, но Козелек ја раскажува од агол што се допира со рапави прсти, боли во зарѓани зглобови и лази како морници од крајот што се насетува. Овие точки опипливо, реално, ама и сосема очекувано, потсетуваат дека годините и конечноста натежнуваат на телото. Од друга страна, преку тоа што избрал име на весело кутре за албумски наслов, Sun Kil Moon укажал на другата, особено значајна, човечка карактеристика – непредвидливоста на духот. Токму со него слушањето на Benji не може да се претвори во неприкосновена досада туку ќе биде нагласено индивидуална, интимна, авантура.

Оцена: 91/100

Артист: Sun Kil Moon
Албум: Benji
Датум на објава: 11 февруари 2014
Продуцент: Марк Козелек
Издавач: Caldo Verde

Листа на песни:
1. Carissa – 6:56
2. I Can’t Live Without My Mother’s Love – 3:59
3. Truck Driver – 3:56
4. Dogs – 5:37
5. Pray for Newtown – 4:08
6. Jim Wise – 3:34
7. I Love My Dad – 6:16
8. I Watched the Film The Song Remains the Same – 10:31
9. Richard Ramirez Died Today of Natural Causes – 5:35
10. Micheline – 6:07
11. Ben’s My Friend – 5:17

0 коментар

Слични написи

Остави коментар