St. Vincent – St. Vincent [Loma Vista, 2014]

Ени Кларк можеби е чудак, уникат, дури и генијалец, но нереално е, ако ништо друго, барем не на прва топка, таа да се перцепира како тотем за журка. Уште од дебито од 2007 година, Marry Me, оваа кантавторка од Тулса, Аризона, скокна во врвот на современата независна сцена, ама со арт-интерпретација на рокот, не и со незапирлив нагон за уривање плафони и корнење денс-подиуми. Новото издание, неодамна објавеното и именувано според нејзиниот сценски прекар, е комплетно поинаква приказна. Дисторзираниот семпл и стихот во којшто таа се расоблекува ја одвиткуваат стартната нумера, Rattlesnake, и нагло истакнуваат оти 31-годишната мулти-инструменталистка сега поинтензивно е заинтригирана за отворање, директност и комуникација, а помалку за суптилност и симболика.

Не дека овие „симптоми“ се покриени со мрсен коректор. Редовите, напротив, се како создадени за St. Vincent меѓу нив да вденува нитки и нијанси, меѓутоа, нејзиниот четврти студиски соло-албум е понаметлив, поударен, едноставно, посконцентриран. Тоа веројатно би можело да се припише на Love This Giant, претходната плоча што ја потпиша со Дејвид Брн кој, пак, иако е специфичен во речиси сè што прави, воопшто не ги заборава или крие склоностите кон истенчени теми и збиени мелодии. На Birth in Reverse тоа има твистерска, мини-рокабили форма, на Prince Johnny плива во некакво згуснато, пост-индустриско, блуз-мочуриште, на Huey Newton се трансформира и во брејкбит, квази-хип-хоп, балада, а џезот, споен со хаус-ритам, истрчува во Digital Witness чиј рефрен е вкусно заразен.

Преломот на средишната I Prefer Your Love, каде што Кларк потресно укажува оти ја претпочита мајчината љубов наспроти таа на Исус, се случува со сајзер-атмосфера и ехо кое не скокотка, туку силно чеша под душевната површност. Бавниот, безмалку леплив, грув доминира на Regret за потоа да се испокрши во Bring Me Your Loves каде што вокалот на кантавторката, ама и селекцијата на звуци и инструменти (особено меката гитара и размафтаниот бас), фрлаат во транс од којшто тешко се излегува. Со Psychopath тоа и не се случува, туку се намалува интензитетот и со крцкавата дисторзија се држи на средно темпо до Every Tear Disappears. Тука нагазува денс-панкот надополнет со УФО-електро, по што Severed Crossed Fingers сè затвора лулајќи се до зајдисонцето.

Последниов опис дефинитивно е клише (симпатично, а сепак, клише) што, од друга страна, ниту во кој било сегмент не може да се каже за овие 11 траки и 40 минути саундтрак на филмот од идеи што се проектира во умот на Ени Кларк. Оваа збирка е интелигентна, особено писмена во поглед на звучната историја, исто како и претходните, само што пред, зад, под и над сето ова сега е сместен поттикот, страста, дури и катарзата. За гнев, лутина и за фрустрација скоро и да нема место на колекцијата. Ова не значи дека се работи за „сè ми е рамно“ или „рози цветаат“ тип на материјал. Тој поседува сериозност и стаменост, но тие се потиснати подалеку, на второ и на трето место, додека примарната позиција ѝ е отстапена на – како сакате наречете ја – веселбата, забавата, уживањето. Гласно се слуша оти St. Vincent моментно се наоѓа на емотивен стадиум понасмеан од вообичаено. Можеме само да ѝ заблагодариме што го снимила на албум зашто со него и секој слушател може истиот да го достигне – без да се прекрстува.

Оцена: 90/100

Артист: St. Vincent
Албум: St. Vincent
Датум на објава: 24 февруари 2014
Продуцент: Џон Конглтон
Издавач: Loma Vista

Листа на песни:
1. Rattlesnake – 3:34
2. Birth in Reverse – 3:15
3. Prince Johnny – 4:36
4. Huey Newton – 4:37
5. Digital Witness – 3:21
6. I Prefer Your Love – 3:36
7. Regret – 3:21
8. Bring Me Your Loves – 3:15
9. Psychopath – 3:32
10. Every Tear Disappears – 3:15
11. Severed Crossed Fingers – 3:42

0 коментар

Слични написи

Остави коментар