Звучни резови #10: The Lost Tapes 2013 [Посно едишн]

Празниците, оние околу преминот на старата во новата година и барем на балканскиве простори, се период што на моменти делува до недоглед исполнет со лични, домашни и бизнис-слави. Маратонов е освежителен за семејната и пријателската комуникација, но не може да се тврди дека нашите стомаци со нетрпение го очекуваат. Додуша, кој, колку може, ќе се обиде да се спаси иако постои огромна веројатност и тоа на крајот да се покаже како залудна мисија. Тоа што менито е посно не прави драматична разлика, освен како што е случајот со текстов, ако се работи за музика прочистена од маснотии. Како антипод на претходните, овие „Звучни резови“се осврнуваат на изданија што беа дел од мојата плејлиста во 2013 година, но не стигнав да им отстапам пишан простор. Тоа што немаат (екстремна) дисторзија, бучава и неколкутонска тежина не значи дека се идејно и емотивно лесни за восприемање. Напротив, некои се морничаво вистинити, други се исцрпувачки инспиративни, а тоа во секој поглед е успех за восхитување.

My Bloody Valentine – m b v [MBV]
Оцена: 90/100
Датум на објава: 2 февруари 2013

Лавината од бучава што овие британски ветерани ја поттикнуваат е невозможно да се класифицира како нежна, но во контекст на претходните „Звучни резови“ My Bloody Valentine, сепак, повеќе се ориентирани кон преносното и симболичното, наместо кон директното и невоздржаното. Спротивното од последново, односно речиси параноја-чувството дека m b v во секој миг е на раб на детонација, од албумот прави боца под емотивна и звучна компресија. Сè на авторската камбек-колекција на шугејзерите од Даблин е обвиткано во сињак од дисторзија што, наместо да прободува остро, полека го гради циклусот на смрзнување, нагризување и растопување. Ова е издание на кое што треба целосно да му се препуштите за севкупно да го искусите, но и доколку сте неволни или сомничави, тоа самото се прикрадува, мистериозно засадува никулец на привлечност што тешко се дефинира, по што навраќањето од желба – станува потреба.

Kurt Vile – Wakin On A Pretty Daze [Matador]
Оцена: 85/100
Датум на објава: 9 април 2013

Кантавторството во рокенролот, она харизматично, дилановско, не е до крај загубена уметност, но примероците што суштински го отелотворуваат се на граница да станат загрозен вид. Курт Вајл, со етеричниот глас, гитарите завиени во реверб и со зборовите кои еднаш се шифрирани, а следниот пат кристално јасни, на Wakin On A Pretty Daze го издигнува својот статус на песнописец до степен на модерна икона. Интригантно е што тоа не го постигнува со куси блокови од акорди и стихови туку со композиции подолги од седум, осум, девет, па и десет минути. Репетицијата во нив, наместо да се истакне како одбивна карактерна особина, ги претвора траките во пријатен, замаглен, емотивен транс од којшто тешко е само да се посака, а камо ли фактички да се излезе. Не е тоа пеколен круг туку издолжена и издлабена терапија за оштетени нерви.

Volcano Choir – Repave [Jagjaguwar]
Оцена: 88/100
Датум на објава: 3 септември 2013

Џастин Вернон, со неповторливото доловување на човечката фрагилност на дебито на Bon Iver, од критичката и од генералната јавност си обезбеди празен лист што можеше да го пополнува како, кога и до каде креативно ќе посака. Наместо да ја растегнува и да ја развлекува сопствената персона до незамисливи его-пропорции тој се откажа од капетанската позиција и седна во бендовското комбе на Volcano Choir. По првенчето од 2009 година, Unmap, каде што шесторката амбиентално експериментира, на Repave тие ја задржуваат инди и пост-рок основата, но врз неа сега издигнуваат стилизирани, со јасни рабови поврзани, исполнувачки композиции. Емоциите и дилемите се големи, затоа и мелодиите, хармониите и рефрените се уште поимпресивни. Највосхитувачки, сепак, е што ова „преасфалтирање“ не ја покрива интимноста туку – ја истакнува.

Chelsea Wolfe – Pain Is Beauty [Sargent House]
Оцена: 82/100
Датум на објава: 3 септември 2013

Бездруго е стереотип и клише-асоцијација, меѓутоа, Челси Вулф на четвртиот студиски албум отелотворува замисли за морничави бајки, магливи кории и потиштен амбиент – без разлика дали сте тинејџерка опседната со The Hunger Games или возрасен маж кој конечно се пресрамил од сопствената чувствителност. Како и на претходниците, оваа кантавторка од Лос Анџелес, воглавно се потпира на волшепствата скриени во гласот што фантазерски врати ширум отвора. Над, под и околу него сега внесува и траги од блек-метал (минијатурни, а присутни), електроника потипична за 90-тите отколку за денес, како и ехо-широчина карактеристична за религиозни храмови. Во одреден број мигови, што и веројатно најзначајно изненадува, емотивниот набој се позиционира врз меланхолијата што, сепак, не ја меле срцевината на која со срча е издлабена пораката – и во болката е закопана убавина.

Janelle Monae – The Electric Lady [Bad Boy]
Оцена: 82/100
Датум на објава: 6 септември 2013

Генерално, денешнава ера не може да се пофали со барем пристојни, а уште помалку со квалитетни меинстрим поп-албуми и изведувачи. И тие што ги бива, кои се повеќе од банален, отупувачки, микс од набилдани сајзери и плажа-рефрени, не се пробиваат до врвот од едноставна причина – критериумите на најшироката публика се спуштени под каков било пристоен минимум. Не и за Џанел Моне. Таа и на втората лонгплејка се држи до сопствениот нагласено висок плафон за масовен арт и во пракса демонстрира како се модернизира мешавината од соул, фанк, рок, хип-хоп и вокален џез. Овој спој на The Electric Lady е истакнат со драматичноста и грандиозноста карактеристична за мјузиклите, меѓутоа, без нивната извештаченост и комичност. Авторката очигледно се забавува и со песните истата реакција ќе ја поттикне кај слушателите, но нема дилема оти ова е осмислено, истечено и сериозно издржано меинстрим поп-издание.

Bill Callahan – Dream River [Drag City]
Оцена: 88/100
Датум на објава: 17 септември 2013

И да го исклучиме албумскиот наслов, поради којшто без дилема умот се поднасочува кон спефицична идеја, Dream River влече – тегли како мал и лут реморкер – до точката од која што сите потекнуваме: природата. Не се работи за некаков си натуралистички, еко-терористички, список од песни што повикуваат на разголување до праисконското. Во прашање е атмосферата, вокалната зен-сталоженост, ритмичката промисленост и економичност, едноставно, целокупната претстава оти музиката срочена во овие траки е неизвештачена, неисфорсирана и неопседната со последната рецензија на TechRadar. Фасцинира, а ако се погледне дистанцирано, можеби дури и вознемирува, колку сè на плочава е изолирано, издвоено и исклучено (иако има и мека дисторзија) од потребата за инфо-силување до бесконечност. На неа, сè тече, лебди, се лелеави, како река која што опстојува само во сонливото паметење на цивилизацијата.

CHVRCHES – The Bones of What You Believe [Glassnote]
Оцена: 87/100
Датум на објава: 20 септември 2013

Поп-изразот, со своите прости аранжмански решенија, мелодии лепливи како катран и со вкоренетата способност за спамирање, е најлесна жртва за дискредитирање (особено денес и со право), но артисти како CHVRCHES таа задача исклучително ја отежнуваат. Сè од набројаново тие компресираат на годинашново долгосвиречко првенче, а сепак, им поаѓа од рака да бидат интелигентни, освежителни и издржани. Суштински вкопано во електро-оставнината шкотското трио покажува и сериозност, информираност, како и фокусираност. Отсекогаш, а уште поконкретно во актуелнава ера, овие елементи се и повеќе од нужни за секој што сака да се потпише на силна поп-колекција и притоа да се одвои – сосема нагласено – од нашминканите паради или реално-шоу циркузирања на топ-листите. Дополнително, а можеби и пресудно, рудникот на The Bones of What You Believe има жица мрак доволно дебела за да ги исплаши „ангро-весељаците“.

Haim – Days Are Gone [Polydor]
Оцена: 84/100
Датум на објава: 27 септември 2013

По сите параметри – харизматични млади девојки, композиции перфектно испеглани за мултимилионска дистрибуција и прецизно дозирана носталичност – Haim се уште еден маркетинг-трик измислен од музичката индустрија. И да е така, а за тоа веројатноста е огромна и ќе ни се разјасни со (не)излегувањето на следното издание, бендот вреди за сите пари (што се инвестирани во нивното испилување). Обожавателот во мене, кој го заборавил циникот некаде низ интернет-беспаќата, сепак, се сеќава на времињата кога издавачките куќи формираа, рекламираа и продаваа групи, меѓутоа, поентата најчесто беше оти тие имаа авторско-продукциски квалитет. Фанкот, лесниот рок, аренбито, но и фолк-интимноста од Days Are Gone прават целина што е умно поп-издефинирана. До кога ќе трае составот е тешко да се процени, но ако цедево е некаков доказ, деновите на оваа тројка се далеку од избројани.

Слични написи

Остави коментар