Shock Troopers – Лешинари [Diehard, 2013]

Гневот, онаа силна, вулканска лутина што сите барем некогаш сме ја почувствувале, со текот на времето прераснува во состојба од која се дистанцираме, што ја оттурнуваме или дури ѝ се потсмеваме. Надраснувањето или во општествено прифатливи термини кажано – созревањето – е едно од објаснувањата за оваа промена. Другото би можело да биде стерилизацијата што истото тоа опкружување, отсликано во држава, корпорации или центри на моќ, ни ја врши од најочигледна причина – да не се разбесниме поради неправдите што на дневна база се гарантирани како и ПМ10 честичките во скопскиот воздух. Да беше нашево СФ-дистопија со овој отров сигурно ем ќе нè убиваа нежно ем тивко ќе ни правеа антибунт-имунизација, ама вака, ќе си ја почитувам онаа старата, од Аристотел искажана, а од Зак Де Ла Роча пренесена – срдбата е дар.

Скопско-кочанскиот бенд Shock Troopers нема допирни точки со политичкиот рап-рок на Rage Against the Machine, меѓутоа, на деби-албумот „Лешинари“ не се срамат, ниту бегаат, од јаростa туку прецизно ја лоцираат во себеси, како и причините за нејзиното постоење, и темелно ја прецедуваат во звук и стихови. Петорката е ентитет комплетно спротивен од, на пример, некаков си филозовски тупаџија забревтан во какофоничната агора. Нивната музика е бучна, екстремна, тешка. На моменти таа е и дисонантна, но и куса, натискана и директна, поради што од неа пораките кристално се истакнуваат и се распрскуваат во секунда и насекаде, без разлика на расположението на околината или биографијата на восприемачот. Тука нема агитаторство, активизам или пропаганда, а има – во огромни дози – прегледна, изживеана, човечка раздразливост и невроза.

Во суштина, на најфундаментално ниво, ова е панк. Поспецифично, таквата основа е издефинирана во мешавина од неколку сродни жанрови – хардкор, краст и грајнд – кои се стегнати со хеви-тупаницата на металот. Дотука, сè е на разбеснетата фреквенција очекувана за албум насловен „Лешинари“. Изненадувања, сепак, доаѓаат повремено и токму тие го издигнуваат материјалот над стереотипот на вообичаено, рудиментарно и примитивно, беснило (што воопшто не значи дека ваквиот безочно гневен пристап по правило е безвреден). Првиот отскок се случува на „Обезглавен, секој на патот“ кога од нигде никаде, од торнадото на брзината, се појавува недисторзирана, којзнае, делумно рејдиохедовска (од The Bends ерата) гитара. „Под темни облаци“ испливува со средно темпо и со риф-мелодија што глатко се лизга од шестте жици до мемориските бразди.

Пред да загризе ѕверски и „На работ“ привлекува со инструментално парче потипично за сиетловски гранџери отколку за Cripple Bastards почитувачи. Интрото на „Студот“ и буквално целата насловна (и убедливо најдобра) трака најпродорно ја нагласуваат – во најпозитивна смисла – слаџерската фиксација радиоактивно расфрлана во севкупното течение и потврдена во извонредната, атомска, скриена обработка на Electric Funeral од Black Sabbath. Компактноста на плочата, не од авторски, туку од продукциски аспект е изместена од последните пет песни кои звучат значително посирово од осумте што им претходат. Засебно, и едните, со пресијата на ниските тонови и другите, со фокусот на нечистотијата, солидно ги подвлекуваат композициите, ама споени заедно непотребно ја нагризуваат потполноста на дискот.

Оваа, условно кажано, слабост е прифатлива и сосема разбирлива затоа што на прсти се бројат тие што во Македонија можат да си го дозволат луксузот на преснимување. Таа, сепак, е минимизирана од пишувачките решенија кои иако имаат (навидум) проста мисија – да предизвикаат прочистување на гневот – ги прикажуваат Shock Troopers како интелигентни, едуцирани и сконцентрирани автори. Нивниот деби-албум е огледало на лешинарите од секаков вид, но тој не е создаден од мршојадци на пцовисани идеи туку од човечки суштества кои не се воздржуваат креативно да ја ожнеат лутината која што, веројатно како и сите ние, во себе ја носат – ако не катадневно, барем повремено.

Оцена: 84/100

Артист: Shock Troopers
Албум: Лешинари
Датум на објава: 15 ноември 2013
Тон-мајстори: Горан Петровски и Ненад Трифуновски
Етикета: Diehard Records

Листа на песни:
1. Shock Troopers – 02:44
2. Обезглавен, секој на патот – 02:38
3. Под темни облаци – 02:10
4. На работ – 03:31
5. Жив закопан – 03:31
6. Црната слика – 02:29
7. Студот – 02:57
8. Лешинари – 04:08
9. Каде си?! – 01:15
10. Никогаш пак – 01:06
11. Мирисот на слободата – 02:04
12. На завист заколнати – 01:19
13. Патот на проколнатите – 09:23

Слични написи

Остави коментар