Tonyo San и Kemp O.D. – Чаирскиот албум [ATP, 2013]

Маалото во рапот е како Ѓаволот во хевиметалот, „посреќувањето“ во поп-хитовите и трулиот државен систем во панкот. Клише, а истовремено и препознатливост. Со него би сакале да има што помалку стихови, а без оваа потпора, барем и да е минимална, сè би било за нијанса поиспразнето. Како и честата инспирација во останатите споменати жанрови, така и hood-от е гравитациското поле што ги влече емсијата. Ритми и рими во актуелнава ера на егзибиционисти се прават за сè од пичка на ајкула до чорапа за глава. Темната улица, искршените тротоари и распаднатите клупи, сепак, упорно го наоѓаат патот до формата што се изроди од потребата за канализирање на гнасотилаците кои секојдневно се случуваат во заборавените делови од градот. Доколку мора да се лоцира населба во Скопје која евоцира слики, спомени и ситуации како тие што ги слушаме во планетарно славниот, странски, најчесто американски, хип-хоп тоа бездгруго е Чаир.

Токму оваа урбана област, со која повеќето од нас почесто се соочуваат во полициски билтени отколку на тет-а-тет средби, е костур, мускули и крвоток на првиот заеднички албум на Тонио Сан и Кемп О.Д. Линеарен концепт или последователно раскажување на една велика приказна нема, но збирката е цврсто и течно врзана со местото кое што авторите го сметаат за најприродно свое. Судбините за кои тие рапуваат се мали, ама нивната универзална човечнот ги прави поголеми од најкрупното конто наполнето со пари од политичка корупција или од антисоцијален криминал. За многу пропаднати потенцијали се одговорни самите индивидуи. Мноштвото уништени животи, пак, ќе одеа на совеста – ако воопшто ја поседуваа луѓето што ги влечат конците во земјата во која се раѓаме и во маалото во кое нè засадуваат. Дуото, притоа, не завива и не лелека поради суровоста во којашто се фрлени, туку ја прифаќа и со збор ја портретира.

Мрзеливите во ова своеволно гушкање на сопственото мачно опкружување можеби ќе пронајдат дефетизам, отсуство на борбеност и откажување. Внимателните слушатели, сепак, брзо ќе забележат дека под површинската прегратка на грешката на системот е содржано нејзиното широкоградо разнебитување и возвраќање со креативност остра како сатар. Напросто, колку материјалов е меланхоличен, замислен и тажен, толку е и прониклив, издржан и поттикнувачки. Тонио Сан и Кемп О.Д. гласно кажуваат оти се од другата страна на градот, јасно е дека тоа не го прават од чатал и со наежувачкиот глас на Кертис Мејфилд нè воведуваат во прекувардарските потресни приказни. Тука минимален простор е отстапен за веселост („Врнежи од стрели“: Градот плаче, нели). Елегичноста доминира. Двојката е сурова во решителноста што поверодостојно да ги отслика личните битки со стихови, а општото чувство на траорност со продукција.

Грувот потпрен на минимализам, како и изборот на пијаното и на виолината за главни мелодиски двигатели, заедно со говорните семплови од филмски драмски класици, го создаваат скрбниот тон на дискот. Ваквото директно гледање на маалската, а со тоа и на севкупната македонска општествена бруталност нема глатко да се провре во сечие уво, но не зашто е аматерско и детско, туку бидејќи во него е збран дел од секого. Таа внатрешна рентген-снимка во која што и ние, однадвор, ќе се пронајдеме, авторите ја направиле најкристална на траки како „Ум(о)рен“, „Верувај ни“, „Крут грув“, „Умри нашки“, „Причина“ и на „Има ли спокој…“. Флуктуации има во прифатлива доза, ама тие минорно ја разретчуваат густината на компактно збиената целина. Составувајќи ја од хип-хоп третиран како социјално освестена поезија, емсијата со неа и фактички, со дело, не само со посвета преку реченица, им искажуваат неизмерна почит на главните инспиратори на збирката – Кочо Рацин и Блаже Конески. На тој начин Тонио Сан и Кемп О.Д. ја приближуваат вредноста на „Чаирскиот албум“ (во домашниот, како и во регионалниот рап) до таа на „Бели мугри“ и „Везилка“ (во македонската литература).

Оцена: 87/100

Артист: Tonyo San и Kemp O.D.
Албум: Чаирскиот албум
Датум на објава: 29 мај 2013
Продуцент: Tonyo San
Етикета: Aaastudup-Tup-Pa

Листа на песни:
1. Другата страна на градот – 2:36
2. Тензија во Чаир – 4:29
3. Духови – 3:16
4. Депресрадоси – 4:12
5. Ум(о)рен – 4:06
6. Студен свет – 1:19
7. Еден живот во три чина – 4:35
8. Врнежи од стрели – 3:34
9. Верувај ни – 4:49
10. Крут грув – 3:54
11. Момците од маало – 2:36
12. Умри нашки – 4:13
13. Причина – 5:02
14. Има ли спокој… – 3:44
15. Никогаш – 4:09
16. Тунелот – 2:38

Слични написи

Остави коментар