Средината на 90-тите години во преден план исфрли бендови кои повеќе од кога било претходно ризикуваа да бидат расчеречени бидејќи се осудија од поинаков агол да го гледаат и да го интерпретираат најтешкиот рок-правец: металот. Подемот и падот на гранџот, рап-рифизмот на Rage Against the Machine и алтернативата на Faith No More се вкрстија во шаренолик пристап што, сепак, имаше слична основа и подоцна беше неславно именуван како nu metal. Ненавлегувајќи во анализа за севкупното влијание или придонес на овој стил во поголемата хеви-слика ќе заклучам само дека како и со сè останато во музичките жанрови, така и оваа циклична фаза помина. Истата судбина ја чека и сега актуелниот стоунер-слаџ тренд што дојде по шведскиот мелодет-бран кој, пак, го зеде приматот токму од њу-металците.
Дел од оваа сцена беа голем број групи, но одвај неколку објавија албуми што и денес имаат (некаква) тежина, како дебијата на Korn, Limp Bizkit, Slipknot, Incubus, System of a Down и Deftones. Меѓу наведениве, само составите предводени од Чино Морено и од Серџ Танкијан продолжија да објавуваат издржани остварувања без разлика на графата во која што би ги сместиле. Останатите или залутаа во меѓупросторот (како ерменско-американската четворка) или заглавија во бескрајно шлајфување. Длабоко во сенката на соборците од САД, кои дури достигнаа статус на поп-ѕвезди, опстојуваа и артисти кои беа медиумски поситни, но креативно нагласено покрупни. Такви беа Британците earthtone9. Подобрувајќи се на секое следно издание тие се потпишаа на ремек-делото arc’tan’gent по што во 2002 година се разнебитија.
Албумот од 2000 помина речиси незабележано веројатно поради преамбициозноста за времето во кое што се појави, но уште тогаш беше јасно дека е во прашање група која знае да свири, да компонира и да воспостави баланс меѓу хардкор, метал, алтернатива и рок. Токму тоа се слуша и на нивниот камбек-материјал, цепелиновски насловен IV. Сличноста со монолитот на легендарниот квартет завршува во оваа точка и покрај тоа што четвртото издание на бендот со потекло од Нотингем содржи јасно-гласни знаци на жанровска разновидност и експерименталност. Ако earthtone9 од крајот на 90-тите и почетокот на новиот милениум беше повеќе хардкор и метал, составот сега најмногу е рок и алтернатива. Мелодијата и порано силно ги интересираше, но како контраст на урлањето, а сега е обратно – таа е напред, викањето поназад.
Речиси иста позиција, пак, имаат гитарите и пред сè – рифовите. Ерата во која што се појавија и Tool-склоностите ги сместија earthtone9 во њу-метал кошот, но тие тогаш, како и сега, темелите на својот израз ги градеа по овој редослед: хардкор, метал, рок, панк, поп. Тоа значи дека приказната во песните ја раскажуваат скромно, со неколку рифови (како во хардкорот) во кои има гнев, но предност добива тежината (како кај металот). На IV шесте жици се узурпирани со одлучност слична како и претходно, ама сега се забележува и самопрегор и концентрација, што изгледа е резултат на годините и созревањето. Или како што вели стихот од извонредната Occam’s Razor, која сјајно ја затвора збирката: keep it simple. Групата се држи до едноставноста, но наместо да биде глупава таа е образована од влијанија, натрупана со искуство и – софистицирана.
Под ова не се подразбира шуплива претенциозност, туку се мисли на осмисленоста со која што составот приоѓа кон сè од дисторзирани грубости преку ритмичка динамика до вокална заразност. Колекцијата е исполнета со понервозни траки, како March of the Yeti, Preacher и God Cloud, помеланхолични, како Andersion и Our Last Sunrise и тие што ја пронаоѓаат рамнотежата помеѓу овие, условно кажано, екстреми, како Sea of Blades, Our Last Sunrise, Harsh Light, The Sound of the Engine Turning и Horizon’s End. Освен гитарите, најкултивиран аспект кај бендот – поради бојата и како резултат на специфичната мелодичност – отсекогаш бил гласот на Карл Мидлтон. Препознавајќи ја таа поволност и накалемувајќи ја на исклучителното чувство за грув групата креирала микс што во исто време е интелигентен, запаметлив и агресивен. Несомнено помек и не до тој степен пионерски како претходниците IV, сепак, е проникливо парче музика кое не се испилува лесно по пауза од две-три, а камо ли како earthtone9, по отсуство од цели 13 години.
Оцена: 82/100
Артист: earthtone9
Албум: IV
Датум на објава: 8 април 2013
Продуцент: Ромеш Додангода
Издавач: et9 (преку Pledge)
Листа на песни:
1. March of the Yeti – 05:10
2. Preacher – 05:01
3. Sea of Blades – 04:41
4. Andersion – 05:24
5. God Cloud – 03:31
6. Our Last Sunrise – 04:54
7. Harsh Light – 03:41
8. The Sound of the Engine Turning – 04:28
9. Horizon’s End – 04:45
10. Occam’s Razor – 10:15