Менувањето членови во бендови е новина колку што поставувањето споменик во строг центар на Скопје е вест. Поради честите проветрувања, рокот – со сите негови понежни и погруби варијации – слободно може да го добие македонскиот сертификат за промаја. Народно мудрите доктори се убедени дека таа е виновна за сите болести на планетава. Нејзиното влијание врз здравствената состојба на гитарските групи, исто така, е силно. Честите измени во поставата знаат да доведат до креативен ишијас. Голем е бројот на случаи кога настанува обратното, односно кога авторската кичма им се исправува, се освежуваат, кога пак се пронаоѓаат себеси. Последново звучи распекмезено и њу ејџ, ама неговата спротивност – губењето – навистина се остварува и тоа поконкретно кога составот се разделува од еден од своите основачки елементи.
По објавата на Alive or Just Breathing, албумот што во 2002 година ја нацрта шемата на американскиот металкор модернизиран со мелодичната шведска гетеборшка школа, Killswitch Engage остана без вокалистот Џеси Лич. Соул-воспитаниот Хауард Џонс го замени повеќе од квалитетно и стави свој печат на веќе дефинираната музика. Лично, иако делумно го вртев The End of Heartache, од ова и од сите следни изданија во ум ми останаа помалку од десет траки. Којзнае, можеби е до предрасуда, меѓутоа, повеќе сум уверен дека се работеше за вообичаена, професионална, компактност отколку за врска која е подлабока и подругарска. Во хардкорот, без разлика колку тој кај петорката од Масачусетс е далечен темел, ваквата конекција е нужна за вклучените во приказната да го извлечат максимумот од себеси и од заедничката авторска работа.
Таква енергија со леснотија командува со Disarm the Descent, шесттата лонгплејка на бендот стартуван во 1999 и прва со 35-годишниот пејач по декада и кусур. Екстремно рекомпонирање на пристапот нема, но песните се поизделкани и позапаметливи. Тоа значи дека тие што не можат да го поднесат лепливиот и заразен карактер на овој стил и понатаму ќе имаат отворен терен да блујат поганости кон Kilswitch Engage. Тие, пак, кои немаат проблем со жанровската дисциплина и кои пронаоѓаат вредност и во поп-едноставност како таа на ABBA, новиот диск ќе го сметаат за враќање во форма. Таа не е врвна, меѓутоа, на полето на кое што групата се изразува достигнува топ-димензии. Не е ова кревање револуција во хардкорот како со втората плоча (дури и не е хардкор, значително повеќе е метал), ама е солидно над повеќето современици на составот.
Материјалот почнува бластерски со The Hell in Me. Скримовите се поостри, а Лич во првиот момент демонстрира дека и мелодичната страна на неговиот глас е созреана и попродорна од претходно. Тоа го прави дет-лицето на песните побрутално, а певливото уште позапаметливо. Колекцијата потоа продолжува со нагласено шведската Beyond the Flames, среднотемповската The New Awakening, хитовската In Due Time, а на A Tribute to the Fallen сè претходно набројано жестоко се балансира. Чекан ритамот ја движи Turning Point, спид-трешот е вбризган во All We Have, на You Don’t Bleed for Me бендот се разнежнува, за со The Call да размава со мешани боречки вештини. Грлото и кракенската гитара бомбардираат од No End in Sight, просторот за задолжотелна балада симпатично го пополнува Always, додека Time Will Not Remain ја заокружува плочата со потсетник за што, всушност, Killswitch Engage се мајстори: двоен хармониски напад од секирите со шест жици, титански рифови, магнетно привлечни рефрени и изведба што е микс од древна далекуисточна дисциплина и модерен западен професионален спорт. На Disarm the Descent сè тоа е поврзано безмалку беспрекорно, не резултира со повторно откривање на музичкото тркало, но на петорката ѝ помага да ја разоружа можноста за сопствен – сегашен и иден – нагол пад.
Оцена: 77/100
Артист: Killswitch Engage
Албум: Disarm the Descent
Датум на објава: 2 април 2013
Продуцент: Адам Дукевич
Издавач: Roadrunner
Листа на песни:
1. The Hell in Me – 2:57
2. Beyond the Flames – 2:53
3. The New Awakening – 3:33
4. In Due Time – 3:18
5. A Tribute to the Fallen – 4:02
6. Turning Point – 3:12
7. All We Have – 3:20
8. You Don’t Bleed for Me – 3:20
9. The Call – 2:50
10. No End in Sight – 3:29
11. Always – 4:33
12. Time Will Not Remain – 3:13