Anciients – Heart of Oak [SoM, 2013]

Самоувереноста во сопствените инструментални квалитети не така ретко се претвора во пречка, наместо да се памети како предност на одредени бендови. Способноста за свирење со врвна вештина не ја поседуваат и не ја достигнуваат сите. Завиден број од тие што пристигнуваат до оваа точка, сепак, попат забораваат оти музиката не е саем во шатори каде што се рекламира добиток, туку форма на израз што е најдобра кога е приземна и непретенциозна. Или, пак, само така изгледа бидејќи под површината на нејзината едноставност поткованите автори сокриле скокотлива комплексност. Има и варијанта кога сè – буквално – звучи екстремно упростено и делува најлесно на свет за изведба. Ситуацијава не е ваква бидејќи групата нема поим како да ги (с)врзе жиците туку затоа што знае дека самоконтролата е платина. На крајот, меѓутоа, опстојуваат и состави кои не прикажуваат никаква желба за воздржување, а креираат албуми што е ѓаволски тешко да престанеш да ги слушаш. И покрај тоа што се претерани.

Потполно таков бенд е Anciients и целосно таква плоча е Heart of Oak. Со оглед на тоа што во претходниот параграф и самиот ги испуштив уздите на прибраноста нужно е да поедноставам. Замислете го следниов тотално нереален збир од околности: на местото на стар театар се гради чичка нов за да остави впечаток оти е уште постар. Државните неимари, наместо со кристални линии и со смирувачка елеганција, го натискуваат и го накитуваат со орнаменти, статуи и хеклани завеси како од сиот тој ужасно грд спој да зависи опстојувањето на планетата. Самоувереноста во личните естетски критериуми владее, а преиспитувањето, премерувањето и прекројувањето на вишоците е отсутно. Аналогно на оваа исклучително невозможна архитектонска фантазија, би требало да се заклучи дека и канадската четворка не знае кога да стави точка со товењето на своите песни. Газејќи наспроти ветрот, овој ризичен чекор тие го претвораат во одлука што ги истакнува нивните инструментални и композиторски таленти.

Бендот тргнува со низок старт, галовно и атмосферично, на Raise the Sun, пред да дојде гитарската екстаза и повикувачкиот вокал. Почетокот е прогерски, дури џезерски, а по минута и пол експлодира во вител од хеви, треш и блек-метал. Промените на темпото, мелодиско-хармониските подигрувања, жонглирањето со динамиката, со сè тоа групата веднаш ги отвора картите и монолитно подвлекува дека изданието ќе кипе од крупни елементи и ситни детали. Галопирајќи војнички, Overthrone ја симплифицира бурната најава на плочата, а бас-солото затскриено во акустичното интро на Falling in Line пак нè носи во матичната плоча на сложеноста. Пеењето тука е вознесувачко, океанско, за во наредниот миг да крика врз жестжичани костурски глави. Средишницата се ломи во непарна ритмика пред да се крене во вулкан од дет-грофтање и дисторзиран групњак. Доследно држејќи се до насловот The Longest River надоаѓа трпеливо како мал извор од кој се претвора во дива планинска река од лидови, дупли-битови и гневни гласови.

По спуштањето во рамницата таа се шири во делта од стилови и се влева во мирното море на кусиот инструментален прелом One Foot in the Light. Традиционалното хеви-лице квартетот го покажува на Giants, спидот лета на Faith and Oath, а полжавскиот, но певлив слаџ се влечка на Flood and Fire. Откако таа ќе финишира како поплава и оган, For Lisa со фјужн-лебдењето не ја пушта одјавната шпица, туку укажува дека таа веќе поминала, а сега се слуша поговорот или оддишката. Заднинскиот, филмски, карактер на композицијата овозможува да се земе здив, да се премота лентата и да се погледне наназад. Во тие мигови се доразјаснува претставата што меѓу редови (тонови и ритми) се создава додека материјалот 60 минути спокојно си тече – дека рифот е единственото божество што заслужува да биде наречено врховно. Канадскиот состав не измислува нагласено свои молитви од разреден воздух, туку адаптира постоечки и добропознати и притоа му се клања како излуден дервиш. До овој стадиум Aniients доаѓа искусно, како членовите да пронашле некаква древна вистина, а не како ова да им е студиско деби. Неприродно е долг и преобилен за мнозинството, но Heart of Oak не е промашен труд туку албум исполнет како срцевината на митолошки, илјадагодишен, даб.

Оцена: 86/100

Артист: Anciients
Албум: Heart of Oak
Датум на објава: 16 април 2013
Тон-мајстор: Џеси Гандер
Издавач: Season of Mist

Листа на песни:
1. Raise the Sun – 6:33
2. Overthrone – 6:38
3. Falling in Line – 8:20
4. The Longest River – 9:16
5. One Foot in the Light – 1:07
6. Giants – 7:47
7. Faith and Oath – 6:07
8. Flood and Fire – 7:17
9. For Lisa – 7:18

Слични написи

Остави коментар