The Dillinger Escape Plan – One of Us Is the Killer [Sumerian, 2013]

Замислете во животот да си поставите ваква цел: од замрсен, какофоничен и хаотичен збир на стилови да направите музика што се памети, се потпевнува и на која што ќе ѝ се навраќате со мерак. Не мора да свирите инструмент. Ниту е потребно да имате слух што препознава звук или да поседувате основно чувство за ритам. Нема неопходност дури и од бегло слушање и следење артисти. Доволно е само да се ставите себеси во ролја на луѓе исправени пред таков предизвик. И од овој лаички и фантазерски агол не делува баш лесно, нели? Како и би можело да биде, кога врзувањето јазли со најмалку два, а најчесто многу повеќе екстремно различни аудиожанрови значи и спојување на целите култури, очекувања и уверувања на луѓето што со нив се идентификуваат. Ако метал-бенд ненадејно почне да користи поп-рефрени, тврдокорните обожаватели ќе го распнат за продавање на ѓаволот (корпорацискиот, Сатаната се прифаќа).

Со таа мака The Dillinger Escape Plan се соочени цела кариера, а One of Us Is the Killer, нивниот последен студиски албум, ќе им помогне тоа и во иднина да продолжи. Хеви-влијанијата и тоа како се претопени во изразот на квинтетот од Морис Плејнс, ама тие компонирањето отсекогаш го пуштале низ хардкор-филтер. Математички вообичаено се нарекува, меѓутоа, оваа придавка е симбол за комплексноста, а не за смрзнатоста и за рационалноста. Групата, спротивно од тоа, без калкулации исфрла сè од себе како и останатите припадници на сцената што за севкупното постоење на рабуш е задолжена кај панкот. Ако, пак, под овој термин се подразбира контрирање, разрушување, или со четири јасни букви – бунт – тогаш составот формиран во 1997 година несомнено е во топ-десетте „противничари“ во тврдо-дисторзираното опкружување. По малиот пад и олабавување на Option Paralysis, на петтата лонгплејка во кариерата тие успеваат да се издигнат на хималајски височини и да ги збијат редовите како армијата на Калиси.

Пред објавата, над фановите и љубопитните набљудувачи сигурно висело прашањето дали со One of Us Is the Killer бендот ќе ги исполни одамна етаблираните потенцијали. Сосема со право, но таа дилема на Prancer се крши на парченца како што огледалата се фрагментираат во легендарната сцена од „Супермен II“. Првата трака од изданието ја реставрира довербата во жестоката, тотално напиздена, страна на The Dillinger Escape Plan. Нејзиниот средишен, кус и атмосферичен, дел подвлекува дека на членовите на групата ниту на крај памет не им е откажувањето од експериментите со старт-стоп и угоре-удолу моментите. Со изострената „рајд“ чинела и танцувањето со удиралките по добошот, џезот на голема врата влегува во When I Lost My Bet. Болдиран со пијано, тој е истурен напред и со отсечни, бучни, гитари води до подземниот свет на Ад и назад. Следи мајсторско, занесно и нежно, лулање со потпевнувачката насловна нумера што финишира како ненадејно вивнување на Бурџ Калифа од правот до небото.

Хоророт, шизофренијата, но и комедијата, која и онака ја има на цела плоча, скокаат на спид на Hero of the Soviet Union. Грув топоти низ индастриал-издрогираната Nothing’s Funny, чиј рефрен е широк и кристален како телевизор со ултрависока дефиниција на слика. Првокласен џангл-парти, сосе ритмот отсвирен на лајв-тапани, се случува на Understanding Decay, а на Paranoia Shields составот без задршка растрчува низ поп-рок терен, во секунда се претвора во боса нова по што скалесто пак стигнува до точка на детонација. Придушена, искршена, гимнастика на жест жици и ноиз-електроника ја тераат CH 375 268 277 ARS, тоа преминува во безредие зачинето со ксилофон на Magic That I Held You Prisoner и со диносаурски бас се префрла во слаџерско-мелодичната влечуга Crossburner. Со времетраење од пет минути, ова е најдолгата композиција на дискот, но со таа по неа, The Threat Posed by Nuclear Weapons, која што е и последна, бендот ја пушта одјавната шпица исто како и воведната – рафално и бескомпромисно  зближувајќи жанрови, претпоставки и културни сфаќања. Стискајќи го овој огромен казан со матеница во One of Us Is the Killer, албум што има 11 песни и трае одвај 40 минути, The Dillinger Escape Plan нè потсетија дека живеат меѓу нас и ни нагласија оти сè уште се убијци – на музички ограничувања, предрасуди и стереотипи.

Оцена: 91/100

Артист: The Dillinger Escape Plan
Албум: One of Us Is the Killer
Датум на објава: 14 мај 2013
Продуцент: Стив Еветс
Издавач: Sumerian / Party Smasher

Листа на песни:
1. Prancer – 3:52
2. When I Lost My Bet – 3:53
3. One of Us Is the Killer – 3:28
4. Hero of the Soviet Union – 3:00
5. Nothing’s Funny – 3:26
6. Understanding Decay – 3:48
7. Paranoia Shields – 4:27
8. CH 375 268 277 ARS – 2:32
9. Magic That I Held You Prisoner – 2:49
10. Crossburner – 5:05
11. The Threat Posed by Nuclear Weapons – 3:46

2 коментари

Слични написи

2 коментари

Naum 17/06/2013 - 14:10

Одлична рецензија! Албумот исто одличен, рока од почеток до крај. Пак се осеќаат оние влијанија од Irony Is A Dead Scene – за мене тоа EP и влијанието на Mike Patton направија пресвртница у кариерата на бендот. Nevertheless, многу поцврсто и поиздржано од претходникот, иако на ниеден албум не промашуваат.

Reply
Cene 24/08/2013 - 02:57

Trebashe da prekinat po mene posle Irony is a dead scene, a Calculating Infinity e vrvot!!!

Reply

Остави коментар