Bernays Propaganda во МКЦ: Концерт на доверба и страст

Ниту се првиот, ниту се последниот бенд што бината ја ставил во срцето на подиумот, но со тој потег, Bernays Propaganda синоќа во Младинскиот културен центар нагласи две работи што сè повеќе им се потребни на земјава, на светот и на музиката – доверба и страст. Сместувајќи се во просторот што природно ѝ припаѓа на публиката, групата понуди поинаква верзија на лајв-правилата (и на меѓучовечките односи генерално). За промоцијата на новиот албум составот одби да се „штити“ себеси со железна ограда. Наместо да се држат до верувањето дека луѓето се диви животни кои секоја шанса ќе ја искористат за да одгризат нечија глава, скопските пост-панкери избраа да им веруваат дека таму се дојдени за споделување, а не за (само)уништување.
Бришејќи ја физичката бариера, квартетот со сето битие ги покани присутните да им се придружат во нивната „Забранета планета“. Во текот на вечерта се испостави дека таа е и наша, заедничка, на сите илјада души кои овој првомартовски петок 2013 година го резервираа за патување – најмногу внатрешно, во себе, а дури потоа, надворешно, во свет паралелен на македонскиот и глобално-капиталистичкиот. Многумина, можеби и со право, ќе речат дека сум нашол претерана симболика во обично „редизајнирање на внатрешниот ентериер“ на денсинг-салата во „25 мај“, но оваа опсервација е директно поврзана со вториот елемент што Bernays Propaganda синоќа го демонстрира – страста. Најпрво кај нив, кај секој од членовите, а потоа и кај публиката, таа клокотеше час и половина, колку што отприлика траеше настапот на бендот.
Со слична жар, но со поинаква аудиоинтерпретација, пред хедлајнерите настапија сè подобрите Molokai, СИЗ и Culture Development. Експлозијата, која што не изгори сè за секунда, туку лулаше низ безмалку непрекинати бранови енергија, дојде од жиците – гласни и гитарски – педалите, кожите, чинелите, трзалиците, микрофоните, од сè во што „Бернајс“ вчера беа вклучени. Над сето тоа, сепак, беше очигледниот факт дека членовите на составот се поврзани со сопствените, интерни, човечки и музичарски, струјни кола на ниво поуникатно од кога било. За група што речиси секогаш грми и тресе на сцена ова е знак дека достигнува уште една точка на пресврт, која овој пат има форма на помазна изделканост како композитори, што, пак, резултира со постегната изведба. Причина за синоќешната посебност, секако, може да биде и податокот дека составот извесно време не свирел во матичниот град, ама сепак, повеќе ми делуваше дека четворката е исклучително возбудена од шансата новите траки да ги свири во живо.

Вокалистката Кристина Горовска во еден наврат потенцира дека музиката се слуша со срце, а не со уши и оти таа не се гледа со очи. Срцето, без разлика колку во денешнава дигитална ера кон оваа етерична формулација приоѓаме со цинизам, забележливо беше дека чука извонредно силно и кај Васко Атанасоски, Ненад Трифуновски и Џано Куч. А и кај мнозинството присутни кои, барем додека се одвиваше концертот, танцуваа на гробот на сèприсутната и сè поразулавената демо(н)кратија. Ако во секој вообичаен и волјоубиствен работен ден тишината е нашиот слободен говор, а илјадата споменици го отсликуваат мртвиот дух, вчеравечер Bernays Propaganda нè потсети и си подвлече пред себеси дека животот може и да не биде казна – ако го следиме својот ритам.

Фото: Тоше Огњанов

Слични написи

Остави коментар