Yo La Tengo – Fade [Matador, 2013]

Најлогичната траекторија што бендовите можат да ја изберат за сопствениот развој се чини дека е еволуцијата. Освен за членовите да се изразуваат креативно, најголем дел од групите се формираат за да се бркаат средношколски соништа за рокенрол-слава, сопствени постери на туѓи ѕидови и освојување на срцето на девојката од соседната клупа. И секако, сèопшто покорување на светот и на фрижидерите. Не можам да знам што им се вртело низ глава на Ајра Каплан и на Џорџија Хабли кога во 1984 година во Хобокен го основале Yo La Tengo, но сè што претходно споменав, денес (а веројатно и никогаш) не важи за составот од сојузната држава Њу Џерси. Како што и потврдува басистот Џејмс Мекњу, триото помалку е заинтересирано за еволуцијата, а повеќе за истражувањето како авторски процес. Истото продолжува и на новиот албум, Fade.

Тоа што буричкањето низ традицијата и ветувањата на рокенролот почнува со наслов Ohm, не значи дека бендот го сондира електричниот отпор со дисциплинираност на научник од МИТ (Институтот за технологија во Масачусетс, не приватниот скопски универзитет). Употребата на овој симбол, заедно со стиховите во кои лошите момци ги победуваат добрите, флуидно се надоврзува на тезата дека групата со материјалот се обидува да ја тестира тврдоглавоста на гитарскиот правец во поглед на новините и на неконвенционалните решенија. На првата композиција тие имаат форма на безмалку седумминутно “јодлање” базирано на ритмичка репетиција врз која дисторзијата се наметнува трепеливо и прогресивно станува погласна. Над сето тоа, Каплан со гласот ја најавува мелодичната питомост што командува со целата колекција.

Кроткоста долго време е меѓу идентификациските шифри на Yo La Tengo, ама се чини дека продуцентската соработка со Џон Мекинтаер од Tortoise значително ја исфрлила во преден план. На втората песна, Is That Enough, тоа е надградено со оркестрации, а е запечатено со мудрите стихови: “Тажно е, но не и невистинито. Тоа што не може да се врати е тоа што ризикуваме да го загубиме”. Дваесеттината воведни секунди во Well You Better отвораат простор за кусо размислување, по што веселоста и игривоста ја издигнуваат нумерата на ниво на потенцијален концертен фаворит. Капацитет за тоа има и Paddle Forward, траката која прва ја зголемува бучноста со дисторзија која што, истовремено, е продорна и ненападна. Тешко дека имаат поим кои се, но гитарското интро на Stupid Things триото го изведува со решенија не претерано далечни од тоа што “Леб и сол” своевремено одлично го правеше.

Композицијата продолжува атмосферично и сонливо, а гласот на Каплан низ ефекти истакнува: “Секогаш се будиме пред да паднеме”. Акустичниот старт, потиштениот глас и отсуството на удиралки ја прават I’ll Be Around совршен избор за успорен крај на некоја од актуелните, драмски феноменално дотерани, телевизиски серии. Реверб, дувачка екција и мистична гитара која допира силно од далечините се суштината на Cornelia and Jane, а Two Trains има блуз-рокерски трип-хоп шмек во којшто текстот за бркање време и возови глатко се вклопува. Староста и смртноста трескаат од земја на звучно кревката The Point of It која крши душа со стиховите: “Кажи дека се плашиш, кажи дека ноќта е близу. Душо, во ред е. Ако старееме, ако не сме доволно силни, ако нашата приказна е раскажана, тоа е целта на раѓањето”. По ова, се чини дека крајот, оној згазениот, претепаниот и депресивниот, е најлогичниот чекор, но Yo La Tengo со извонредната Before We Run нè испраќа на позитивна нота, со повик за заминување на место без стрес и за искажување зборови што не се бришат. Слушањето на Fade носи на таква идеална локација, а питомата убавина на песните што го сочинуваат осигурува дека тој нема да избледи од сеќавањето.

Оцена: 83/100

Артист: Yo La Tengo
Албум: Fade
Датум на објава: 15 јануари 2013
Продуценти: Џон Мекинтаер
Издавач: Matador

Листа на песни:
1. Ohm – 6:48
2. Is That Enough – 4:15
3. Well You Better – 2:37
4. Paddle Forward – 2:49
5. Stupid Things – 5:06
6. I’ll Be Around – 4:47
7. Cornelia and Jane – 4:49
8. Two Trains – 4:45
9. The Point of It – 3:38
10. Before We Run – 6:14

Слични написи

Остави коментар