Molokai – You Surf, We Send Piranhas [Направи заедно, 2012]

Сурф-рокот отсекогаш ми делувал како чиста жанровска музика. Со оглед на тоа што звучната поп-уметност и онака е поделена на правци, изјавава, сама по себе, ништо не значи. За мене, пак, во неа е содржан фактот дека бендовите или индивидуалците кои избрале да се изразуваат во оваа насока, не го прават тоа за да ја унапредат, прилагодат или да ја раштрафат и повторно склопат, туку за да се истакнат во нејзините јасно и гласно дефинирани граници. Или поедноставно кажано, кога слушате сурферски рокенрол, во најголем дел од случаите, не очекувате да бидете прободени со копје на оригиналноста. Заклучоков повеќе ветува разочарување отколку возбуда нужна за нечие аудиодело да го сместите во плеерот, меѓутоа, зарем сите поп, рок, фанк, соул, панк, хардкор, метал, електронски и какви уште не изведувачи кои ги почитуваат жанровските основи гарантирано се лоши? Како тогаш во океанот од нив да ги најдеме тие што го заслужуваат нашето ценето внимание?

На одговорот ме потсетија младите битолчани, Molokai, со нивното деби You Surf, We Send Piranhas. Во водената шир од сурф-групи, кои последниве години постепено се намножуваат, доволно интересни се тие што се изверзирале во пишувањето песни кои ја отсликуваат суштината на жанрот. Критериумов на многумина сигурно им изгледа неинтелектуално низок, ама, да бидеме потполно искрени, не секоја музика треба и мора да поместува емотивно-филозовски планини. Понекогаш, а ако некој милува, оти да не и често, брка работа доколку ритамот е пулсирачки, мелодиите запаметливи и дисторзијата набилдана. И, пресудно, целиот комплет да – вози. Првенчето на триото со црвена боја ги штиклира сите овие категории и тоа со ниво на зрелост неочекувано за клинци. Ако главна поента на сурфањето е да се трагаат, успешно да се пронаоѓаат и да се јаваат брановите, тогаш целта на неговиот саундтрак е да лебди со даската на жанрот.

Бендот именуван според хавајски остров се турка во плиткото со Gliding Through the Sewers, седнува на Coralhead, тетеравејќи се исправа на Mummies Can’t Surf и од Attack of the Radiation Crabs до последната трака, Gale Warning, лизга без да погледне назад. Тоа што материјалот си цепа речиси исклучиво право, не обидувајќи се да влезе во какви било креативни кривини, го спасува од запаѓање во непроверени стапици на експерименталноста, но во исто време, и не му овозможува да се издигне над збирот на влијанијата на членовите. Колекцијата на моменти потсетува на неизвештачено и забавно писмо со посвета од неколку момчиња до нивниот омилен аудиоправец. Како што и споменав погоре, ова не мора да се перцепира како слабост, особено бидејќи Molokai на You Surf, We Send Piranhas покажува огромен потенцијал, талент, а во одредени мигови и егзекуција. Со текот на времето, заедништвото и концертите, тоа може да се изделка во изданија кои ја зачувуваат срцевината на сурф-рокот, но кои се и слика за уникатните искуства на авторите. Ако триото продолжи со темпото прикажано на дебито, тие сами од себе ќе си дојдат, нема да им потреба од праќање пирани за од нив ваквите остварувања да ги извлечеме.

Оцена: 71/100

Артист: Molokai
Албум: You Surf, We Send Piranhas
Датум на објава: 14 декември 2012
Тон-мајстори: Ненад Трифуновски и Дени Крстев
Издавач: Направи заедно

Листа на песни:
1. Gliding Through the Sewers – 1:55
2. Coralhead – 2:05
3. Mummies Can’t Surf – 3:07
4. Attack of the Radiation Crabs – 2:38
5. Duckdiving the Tsunami – 2:10
6. Fujiwhara Effect – 1:47
7. You Surf, We Send Piranhas – 2:23
8. Operation Overdrive – 2:46
9. My Girlfriend Was Kidnapped by Wiki-Tiki – 1:47
10. Gale Warning – 2:01

0 коментар

Слични написи

Остави коментар