Neurosis – Honor Found in Decay [Neurot, 2012]

Додека разгледував фотографии од потопот што Сенди, брилијантиски насловениот ураган, го оставаше зад себе, инстинктивно, раката го довлечка маусот до фолдерот со Honor Found in Decay, новиот студиски албум на Neurosis. Пусти улици. Поплавени квартови. Џиновски бранови. Разурнување од шокантни размери. Луѓе кои втренчено ѕурат во јагленосаните скелети на сопствените домови. И на животите, веројатно. По разврската од налетот на суровата бура, целата оваа деструкција, уште повпечатливо се врежува во мислите доколку се анализира со звучна заднина од последниот материјал на составот од Оукленд. Тие немаат директен најмал заеднички содржател. Плочата не е дрвогушкачки памфлет, но во него врие нешто значително посилно, посуштинско, поголемо. Наречете го како сакате, Бог, енергија, космос, природа, тоа битие се храни од пропаста и израснува во титан со седум раце манифестирани како песни.

Првата од нив, We All Rage in Gold, по апстрактниот, амбиентален, вовед, вклучува низок бас, најавувачки риф и со завидна кинетичка сила отпочнува марш со средно темпо. Скот Кели ја зема молњата од дисторзираниот микс и ја претвора во зборови: “Небото го чува татко ми, сонцето ми ја повикува душата. Причината заборавена, од лекциите жигосани во дабовина”. Создавајќи комплетен контраст, Стив Вон Тил ја отвора At the Well со тивок, а продорен, баритон кој преминува во ‘ржење и до крајот еволуира во напорен тренинг за реоткривање на гласовните граници. Во меѓувреме, составот скалесто ја зголемува масата и бучавата, а вокалистот некаде на средината се разлајува: “Крвта не е изговор. Еднооките стануваат кралеви, сенките се прикрадуваат од мрачни дупки”. По последниов збор, гитара или клавијатура, налик шкотска гајда ја крши композицијата која потоа пак моќно се бранува до репетитивниот финиш.

Повеќе од две минути трае етеричното интро на My Heart for Deliverance, која нагло се редизајнира себеси, најпрво, во густа каллива аудиоматерија, а потоа и во збиен пост-рокерски транс чиј врв е преломот со едниот, единствен, тон на пијано. Во тој момент, женски глас раскажува: “Ние ја следиме Земјата, таа ги следи ѕвездите, тие го знаат патот. И иако телото умира, ѕвездите ќе царуваат како брановите на морињата и како забревтаниот ветар”. По ова, бум – Големата Експлозија која одѕвонува како камбана со универзумски димензии. Индастриал квичење ја најавува Bleeding the Pigs. Вон Тил ја зајакнува напнатоста со морничаво беседење. Племенските тапани ја одржуваат. Шестте жици ја компресираат, го игнорираат црвеното копче за предупредување и ја насаскуваат да пукне како преполна, зажарена, плинска боца. А текстот, тој заглушувачки поентира: “Изгреби го црниот катран од минатиот живот. Дозволи неговата тежина да изгори”.

Атмосферата добива за нијанса посветла боја со недисторизираниот гитарски старт на Casting of the Ages. Мрак-вокалот ја враќа на добропознатата потиштена патека пред убермасивниот риф да ја реформатира во гигантска, успорена, лулашка. Таа полека се забрзува на All is Found… In Time, груверска хедбенгерица со затскриена мелодија и феноменална точка на прекршување по која следи земојтресна кулминација. Сето тоа е надополнето со проникливите стихови: “Гледам настрана од падот на утрешнината. Пробивам тунел низ црнилото што ќе следи. Ја распорувам болката во празните срца. Ги кршам коските за да дојдам до с’ржта”.

Ненаметливо, ама само на почетокот, од нејзината магла се појавуваат контурите на Raise the Dawn, нумера-ѕвер која веднаш ги покажува острите рогови. Откако ќе избоде сè пред себе, таа се претвора во бајче кое кротко си заминува зад хоризонтот проследено со евокативна виолинска оркестрација. Завршувајќи го Honor Found in Decay во овој стил, Neurosis како да го нагласува тоа што со првобитно писмо е издлабено во насловот: во гнилежот се пронаоѓа честа. Потпирајќи се на нескриената човечност на албумот, оваа порака е екстремно повеќеслојна, поактуелна и повизионерска отколку што од избрзан и буквалистички агол изгледа.

Оцена: 91/100

Артист: Neurosis
Албум: Honor Found in Decay
Датум на објава: 26 октомври 2012
Продуцент: Стив Албини и Neurosis
Издавач: Neurot

Листа на песни:
1. We All Rage in Gold – 6:36
2. At the Well – 10:21
3. My Heart for Deliverance – 11:40
4. Bleeding the Pigs – 7:20
5. Casting of the Ages – 10:03
6. All is Found… In Time – 8:50
7. Raise the Dawn – 5:57

Слични написи

Остави коментар