The xx – Coexist [Young Turks, 2012]

Статутот на поп-музиката содржи туце насоки како таа највпечатливо се пишува, ама убедливо најсуштинска е – со малку да кажеш многу. А што правиме ако некој реши со речиси ништо да каже безмалку сè? Тогаш се кове секира со две острици. Доколку им успее (скоро) од воздух да изградат прекрасна галерија на креативноста, нема да биде претерано авторите да се наречат генијалци. Во случај, пак, да го промашат океанот и да се здробат трескајќи на земја како спејс-шатл, логично ќе биде потписниците да си ја заработат етикетата – “пропалици”. Кога во 2009 година на светот му ја претставија својата крајно минималистичка романтика до уши, The xx беа, приближно едногласно и со право, најфалениот инди-поп-бенд на планетава. И секако хип(стер)-составот што беше дозволено да го обожуваат и најалергичните на какво било незаслужено кревање фама. Кога на ред за објава дојде Coexist, вториот албум на составот, очекувањата се вивнаа над стратосферата. Британците, во исто време, потфрлија и ги исполнија.

Сакаме да веруваме оти тие што ги слушаме, гледаме, читаме и за кои што навиваме се суперјунаци. Нерационално, а искрено, сме убедени дека не само што се безгрешни, туку и оти немаат право на промашување. А реално, тие се, како мене и тебе, луѓе, но со екстремно поударно маркетинг-портфолио. Несомнено е глупаво, меѓутоа, токму поради ова слушањето на Coexist е обременето од плаштот на надежите. Не верувам дека членовите воопшто со нив се заморувале додека работеле на материјалот. Врз него нема траги од непотребно притресување, тој зрачи со природност, ама од оваа, од страната на восприемањето, приколката натоварена со претпоставки, написи, анализи и молитви во исчекување, и тоа како е тешка за игнорирање. Уште поважно, ова е прва, далеку понезначајна, причина за незадоволство од плочата. Втората е испреплетена со карактеристиката која што xx го издигна до степен на ремек-дело, а тоа се песните.

Слично како тие на дебито, овие на Coexist се елегантни, сочни, прочистени од било какви непотребности. За разлика од единаесетте на првенчето, 11-те на следбеникот како да немаат душа, како да им недостасува снага за да го кренат слушателот и со свои раце да го доведат до точка од која што нема да има простор за маневар, туку ќе мора речиси без пауза да им се навраќа. Албумот воопшто не е шуплив. Некако дури и здодевно, предвидливо, е потресителен, чувствителен, љубовен како што ретки инди-артисти знаат денес да бидат. Не е ова навреда, туку комплимент – едноставно, од The xx не би требало да се очекува емотивна плиткост. Секогаш можат да разочараат, но барем во тој поглед, вториот диск им е на ниво на тој со којшто планетата ги запозна. Неговата фалинка е што во преголем дел од течението е како лулашка која што ретко менува ритам или, пак, височини на кои што нозете се исправуваат како пушка.

Музиката на лондонското трио и во иднина ќе буди телесна состојба на опуштеност, дури и приспивност – по тоа се препознатливи, се бара од нив – ама не е на арно кога таа се приближува до ситуација на ментална заспаност. Роми феноменално ги кине сите надворешни и внатрешни кожурци отворајќи се на Angels, со Оливер Сим заедно ја поместуваат стрелката на барометарот на Chained, која има и супер-мазно-гитарче, а слична блуз-електро амбиент-атмосфера се претопува и во Fiction. Водечкиот семпл во Try внесува привлечна доза мистериозност на која што подмачкано се надоврзуваат мелодичноста на женско-машкиот вокален микс. По оваа песна, до крајот само Tides успева сама да се наметне, а остатокот нумери цврсто се држат за ограда искована од  слични хоризонтални, вертикални и кружни, железно-емотивни форми. Тие на Coexist креираат целовитост што е компактна, уникатна и со врвна аудиоестетика, но и која не успева да се наметне, да ја пронајде точката на возбуда и без недоумици да се закова во умот. Ова е потврда дека The xx се потпишале на албум со којшто полесно ќе живеете еден до друг, ама потешко вистински ќе коегзистирате. Нам овде барем, по Балканиве, тоа ни е исцрпно (или исцрпувачки) познато.

Оцена: 75/100

Артист: The xx
Албум: Coexist
Датум на објава: 5 септември 2012
Продуцент: Џејми Икс Икс
Издавач: Young Turks

Листа на песни:
1. Angels – 2:52
2. Chained – 2:48
3. Fiction – 2:58
4. Try – 3:16
5. Reunion – 3:58
6. Sunset – 3:39
7. Missing – 3:35
8. Tides – 3:02
9. Unfold – 3:04
10. Swept Away – 5:00
11. Our Song – 3:15

Слични написи

Остави коментар