Culture Development – The 3 of Us [Направи заедно, 2012]

Домашни телевизии не гледам, освен кога сум приморан од нив да се информирам, а и во тоа, во пренесувањето основни вести, во девет од десет случаи доживуваат дебакл. Како да се работи за известување од самит за евалуација на резултатите собрани од хадронскиот колајдер во Церн, а не за чекорите што треба да ги преземеш ако сакаш да го искачиш Водно додека е во сила забраната за движење низ шуми. Делот од нивната програма на којшто, сепак, од сè срце се радувам, се интервјуата со овдешните фаци што себеси се сметаат за поп-ѕвезди. Настрана галовното обраќање, персирањето како да се работи за Волфганг Амадаус Моцарт и севкупната финоќа со која што муабетиве се одвиваат, најмногу ме весели мигот кога гостинот, самодефинираниот суперстар, ќе изјави дека е креативна личност.

Да го поделам на слогови за да биде појасно: кре-а-тив-на. Тоа го кажува персона која, во најдобар случај, изведува вокал на однапред снимена песна, а неретко само криви уста и остава компјутерот да заврши работа. Во тие моменти на самоспознавање и на паѓање на шеќерот на водителот од откритието, ниту надуваниот селебрити (од его, не од магичниот змеј), ниту “новинарката” се свесни дека во Македонија има вистински творци. Некои од нив, иако за многу од фејк популарните ликови се обични клинци, создаваат дела низ кои течат густи сокови на креативноста. Таков албум е The 3 of Us, дебито на трите невообразени момчиња од Culture Development. Земајќи го предвид жарот, енергијата, како и слушливоста и мелодичноста на материјалот, бендот би се вклопил во емисија на очајните меинстрим ТВ-канали, ама само доколку е помалку писмен – ем музички, ем со зборови.

Скопското трио прикажува ниво на образованост каква што локалните комерцијални трујачи на етерот никогаш нема да достигнат. Не е дека Culture Development открива погон за вселенски летала со којшто за ден и половина се пристигнува на Марс. Тие се држат, помалку или повеќе, до постулатите на емотивниот вашингтонски хардкор од средината на 80-тите години. Вметнуваат и нијанси на модернизиран пост-панк, во расфрлани сегменти, особено во рифовите, се забележуваат и метал-одѕвонувања, ама во срцевината, групата комуницира со ретро-јазик, а свири со актуелна живописност. Ако музиката објавена во споменатите жанрови би се собрала во книги, лесно би се заклучило оти тројката се помачила да прочита импресивен број од најзначајните. Од оваа причина, без разлика што доминира “гуштерската” боја, на дискот е очигледен и искусниот, делумно созреаниот, тон.

И покрај тоа што станува збор за “чувствителен хардкор”, пристапот на составот во иднина ќе си додаде болдиран плус ако во извесна мерка го набилда звукот, ја засили жестокоста и уште похрабро си игра со динамиката. За деби, овие фалинки се мали и прифатливи, а можат и да се гледаат како неколку од потенцијалните насоки во кои што групата има шанса, но и не мора, да се развива. Кој стилско-жанровски правец и да го одберат за следното авторско проширување, членовите не смеат да заборават дека при секој нареден обид за творештво, задолжително треба да се стегнат поцврсто од претходниот пат – и свирачки и креативно. Засега, и во ваквата сурова, недоделкана, а сепак, пристојно обработена форма Culture Development на The 3 of Us отвора биро за културен развој. Како негови први луѓе, тие тројцата можат да им држат предавања на своите поп-врсници и лекции на нивните балон-идоли.

Оцена: 75/100

Артист: Culture Development
Албум: The 3 of Us
Датум на објава: 23 август 2012
Продуцент: Ненад Трифуновски и Дени Крстев
Етикета: Направи заедно

Листа на песни:
1. Take Me Away – 01:55
2. Tonight – 03:13
3. The Highest Walls – 03:14
4. Second Chance – 02:38
5. Sarah Song – 02:15
6. I Will Never Be – 02:56
7. Things – 01:42
8. The Movies and the Nights – 02:04
9. Saint – 04:29
10. Friend – 02:57

Слични написи

Остави коментар