Bloc Party – Four [Frenchkiss, 2012]

Кога со објавата на несигурниот Intimacy во 2008 година Bloc Party екстремно си ја оштети хип-репутацијата чесно заработена со мерак-дебито Silent Alarm ме копкаше дали бендот воопшто ќе се обиде да ја врати и како тоа ќе го изведе. Првото цеде, а и до пристоен степен следбеникот, A Weekend in the City, ја портретира четворката како еден од подобрите претставници во тогашниот надојдувачки бран инди-рок-состави навртени кон забрзувањето на пулсот и кревањето на притисокот на денс-подиумот. Или попросто кажано, си обезбедија место во врвот на пост-панк-ривајвалот. Третото студиско издание не ги збриша од сцената, ама на него баш и не им цветаа ружите на креативноста. За пак да ја зграби старата слава, квартетот можеше до недоглед да го брка духот на првенецот. Наместо тоа, ангажира екс-хеви-прволигаш и ја сними Four, најметалската плоча во својата целосно инди-кариера.

Металот овде, секако, е најсимболично употребен. Bloc Party и понатаму се рокери повеќе во врска со убавите пејсажи на урбаноста, отколку со нејзината канализација. Сепак, кога ги премерував стилските потези што Келе Окереке и бандата би ги избрале за да го разгорат оганот во и околу бендот, ниту на крајот на умот не ми беше дека најмногу ќе се потпираат на распенавена, назабена, гитарска дисторзија. Тие можеа да ги повикуваат боговите на британскиот или американскиот фолк, да скокнат во тава со креаторите на електрониката, да си ги продадат душите на техно-транс-поп-ѓаволот што суверено владее со современите топ-листи, но избраа сурови рифови, разбивачки ритми и продорност карактеристична за манијаците на хеви-атмосферата. Причината поради која сето тоа функционира и не звучи самопародично е ефективноста со која таа тежина е избалансирана со старата убава мелодичност на составот.

Движењето на албумот е безмалку непрекинато, не паѓа во бескрајни амбиси и не се крева до недостижни врвови. Има бучни изблици на гнев, нежно беседење за љубов и спојување на инди-рокот и железната алтернатива. Продукцијата овозможува целата збирка да звучи габаритно и набилдано, ама и приземјено и истенчено. Се слуша оти пристапот е студиски-модерен, меѓутоа, желбата да се даде простор инструментите јасно да се изразат не ја десеткувала намерата за зачувување на лајв-анархичноста. Во дел од нумерите се среќава и блед отпечаток на пост-рокот, скромно се расфрлани и синт-електро-влијанијата, а денс-грувот ја има една од најистурените и најударните улоги. Местото во хиерархијата и не е толку значајно, колку што е битен фактот дека Bloc Party на изданието одново ја откриле игривоста што вриштеше на Silent Alarm, се подзагуби на A Weekend in the City и речиси стана невидлива на Intimacy.

Не е важно колку групата тоа го мрази, несоборлив факт е дека дебито и понатаму ќе биде референтна точка за можностите на нејзиниот талент. На таа плоча членовите ја пронајдоа рамнотежата меѓу пишувањето потенцијални хит-синглови и материјал што опстојува како целина. Четвртото остварување најмногу е сконцентрирано на вториот аспект – да се креира севкупност – додека грижата за број-еден-парчиња е спуштена на пониско ниво. Цедето е поделено меѓу пост-панк-растурачини (3×3, Team A, Octopus) и певливи подиумски придвижувачи (Real Talk, Day Four, V.A.L.I.S., Truth, The Healing) што перфектно ќе легнат на радио. Квартетот, сепак, сјае во миговите кога сето тоа го врамнотежува (So He Begins to Lie) или целосно се препушта на хард-хеви-елементот (Kettling, Coliseum, We Are Not Good People). Tоа истакнува дека сè што на Bloc Party не им се посреќи претходниот, трет, пат, им дојде на Four со помош од дисторзијата зголемена на куб.

Оцена: 80/100

Артист: Bloc Party
Албум: Four
Датум на објава: 20 август 2012
Продуцент: Алекс Њупорт
Издавач: Frenchkiss

Листа на песни:
1. So He Begins to Lie – 3:34
2. 3×3 – 2:39
3. Octopus – 3:05
4. Real Talk – 4:14
5. Kettling – 3:41
6. Day Four – 4:11
7. Coliseum – 2:29
8. V.A.L.I.S. – 3:20
9. Team A – 4:37
10. Truth – 4:00
11. The Healing – 4:19
12. We Are Not Good People – 3:20

Слични написи

Остави коментар