The Shins – Port of Morrow [Columbia, 2012]

Филмовите, а во последниве години богами и телевизиските серии, се одлично место за откривање нови бендови. Како и за многумина, така и за мене, подвижните слики беа заслужни за мојата прва средба со The Shins. Слаткиот Garden State остави таков вкус зад себе, но од остварувањето во 2004 година најјасно во сеќавањето се врежа бендот на Џејмс Мерсер. Зак Браф продолжи да стажира – отпрвин забавно, потоа здодевно – пред да ја скубне од планетата Земја. За разлика од неговата кариера, таа на групата од Албакерки, а особено на нејзиниот фронтмен, не престана да се разгранува со што тој и фактички го обзнани тоа што сите и онака го знаеа – дека е “газда” на популарниот и омилен инди-состав. Тоа целосно се кристализира на Port of Morrow, првиот албум на којшто 41-годишниот автор не е придружуван од ниту еден од инструменталистите со кои ја почна приказната на Шинови.

Првата работа што се забележува како резултат на оваа де факто индивидуализација на The Shins е отисокот на мерсеровото искуство од изминативе години, а најмногу од Broken Bells, проектот со Дејнџр Маус. Не е спорно дека “матичниот” состав на почитуваниот вокалист и гитарист и претходно беше цврсто во негови раце – само тој е потписник на музиката и на стиховите на сите претходни изданија на групата. Port of Morrow е ист во овој поглед, во авторската колона единствено е запишано неговото име. Отскокнува со решителноста што Мерсер ја демонстрира во намерата да ја прикаже својата верзија на “музиката за широки народни маси” во сите проекти во кои што сега членува. Ова е инди-рок од првата нота до последниот стих, само што звучи поиспеглано, поопуштено и поиздефинирано од постарите, за два-три степена посурови, плочи на бендот. Некому ова ќе му делува како компромитирање, ама и да е така, несомнено е одлично.

И во текот на Sub Pop-фазата на The Shins, Мерсер не само што не бегаше, туку со сета ширина на рацете ги прегрнуваше своите идеи за грандиозни рефрени што одѕвонуваат во умот и телото. На Port of Morrow тие ја добиваат, условно кажано, комерцијалната боја на Broken Bells, но со силни нијанси од палетата на независното рок-сликање. Не е ова модерен топ-листа-разурнувач, што со сајзер и вокали со ефекти ќе си го расчисти патот до врвот. Ама па и не е шифрирана, интелектуална, инди-кореспонденција која мора, дури и по цена на сетилно затупување, “да се разбере”. И новата инкарнација на мерсеровата креативност нуди стиховна повеќезначност, пораки и прашања доволно широки за секој засебно да си најде нешто во нив, меѓутоа, нивната звучна амбалажа е симпатична, се отвора без шпицангли и не предизвикува психолошка траума доколку само сакате да ја набљудувате (слушате) без да буричкате во нејзината суштина.

Џејмс Мерсер и своето последно креативно поглавје го исполнил со поетичност која што е празник на душата, но на инструментално и вокален мелодиски план, тоа нуди цел фестивал за сетилата. Едноставно, ова е од оние убави, позитивни, зајакнати со кревка доза меланхолија, албуми што се слушаат и уште поважно – доживуваат – со речиси ист степен на исполнетост во различни опкружувања – дома, во канцеларија, на улица, од врв до Средно Водно, зад волан и во совозачко седиште. Ова покажува дека материјалот не се плаши да комуницира со симболите на универзалноста без разлика на ризикот сето тоа да биде интерпретирано како плиткост. Наречете ја како сакате, но токму таа ненапнатост или можеби уште попрецизно, безгрижност, е најистакнатиот сојузник на Port of Morrow. Со неа, The Shins гради пристаниште на мислите, од кое што можете да испловите било каде на планетава. Или многу, многу, подалеку.

Оцена: 88/100

Артист: The Shins
Албум: Port of Morrow
Датум на објава: 20 март 2012
Продуценти: Грег Керстин и Џејмс Мерсер
Издавач: Columbia
 

Листа на песни:
1. The Rifle’s Spiral – 3:30
2. Simple Song – 4:15
3. It’s Only Life – 4:02
4. Bait and Switch – 3:23
5. September – 3:33
6. No Way Down – 3:16
7. For a Fool – 3:57
8. Fall of ’82 – 3:48
9. 40 Mark Strasse – 4:39
10. Port of Morrow – 5:50

Слични написи

Остави коментар