Kimiko – From Our Room To Yours [2011, Geenger]

Во лудачки футуристичката Јапонија, традицијата жилаво опстојува, а нераскинлив дел од неа е женското име Кимико. Не е прва асоцијација за рок или поп, без разлика дали и колку се тие современи, но Зоран и Лора од Загреб одлучија токму овој збор да биде заглавие на нивниот облак од звуци. Следејќи ја класичната траекторија на изјави со кои објаснуваат зошто вака го крстиле бендот, тие велат дека неколку букви, зборови или хип-избрана фраза со повеќе значења не вредат ниту грош доколку музиката што ја создаваш е помизерна од кариерата на Еди Марфи изминатава деценија и кусур. Тие и се зезаат дека на терминот налетале разгледувајќи вебсајт на садо-мазо порноѕвезда која под псевдонимот Кимико пишувала колумна со исповеди за подемите и падовите во светот на сексуалното потчинување. А значењето на името е сосема поинакво.

Ако го прашате, освен што ќе го пронајде на катаљон страници за кумување неродени бебиња, семоќниот Google речиси секаде тврди дека значењето на Kimiko е “постара, благородна, царица”. Редоследот на овие три збора е неважен, исто како и тоа дали во личноста се содржани сите или само една карактеристика. Вистината е дека Зоран и Лора сакале име што не е ниту англиско, ниту хрватско, а кое што исто ќе се пишува и чита во двата јазика. На некое ниво, што гарант постои исклучиво во мојата глава, овој потег ја опишува суштината на хрватската група, а и на нејзиниот деби-албум. Со тоа што се решиле за име кое во Јапонија е баеги секојдневно, а кое што е подеднакво разбирливо на глобалниот и локалниот код, дуото како да потенцира оти е наострено да креира звук што се дешифрира без универзалниот преведувач од Star Trek, но кој што не е збир од сигнали за предисториска комуникација.

Кажано со терминологијата на музичките критичари, Kimiko свири поп-музика, со јасна рокенрол подлога, што би можеле да ја слушаат племенски заедници од исток, запад, север и југ, но нивните поглавари одговорни за медиумски односи тешко дека ќе погледнат подалеку од сопствениот подуен нос. Многумина што се во тек со новите ажурирања на модерната книга на музиката избегнуваат артисти кои не се замараат артот по секоја цена да им биде во преден план. И покрај тоа што така им успева тој да не премине во fart, баталјон луѓе ги одминуваат дозволувајќи си покрај нив да мине воз со постари, гланцнати, графитирани, вагони што ги размрдуваат очите и разигруваат ушите. Од јапонското значење на името, загрепскиот состав ја има авторската зрелост, благородната пријатност и иако не се китат со круни, немаат агресорски нагони, тие се цареви на занаетот чии принципи на работа сами ги воспоставуваат.

На дигитална ритмичка основа, со ненаметлив, скоро синт, бас-тапан и скротен добош, Зоран и Лора ги калемат, најпрво, своите клавијатури, кои често се програмирани како прекрасно пијано, потоа електрониката и амбиенталните акорди, за најгоре да ги врзат груви-гитарите и мелодичните вокали. Миксот не е пренагласено весел или блуткаво мрачен, туку вирее во неакаква сива зона меѓу задлабочена промисленост и насмеана полетност. Има тука и делумен пост-рок-инструментализам, не претерано, доволно за да му овозможи на умот чат-пат да одлета и да се врати со стопалата цврсто на земја за тие да продолжат да го нишаат телото. Не да скока од егзалтација, да се ака од патос или да се витка како шпагета, едноставно, да се клацка од задоволство. Мерак ми е оти таа лулашка, што е како измислена за во дневната соба, утревечер ќе биде привремено поставена во скопска La Kaña.

Оцена: 82/100

Артист: Kimiko
Албум: From Our Room To Yours
Датум на објава: 22 ноември 2011
Продуцент: Зоран и Лора
Издавач: Geenger

Листа на песни:

1. Penguin In A Golden Coat – 04:04
2. Take A Bow – 04:53
3. Ten More Beats – 04:45
4. One Way Lane – 04:15
5. Golden Dress – 04:41
6. Berlin – 03:28
7. AK 47 – 03:34
8. Nothing To Me – 03:54
9. Poison Lakes – 04:03
10. Moscow – 03:03
11. Mad Scientist – 06:02

Слични написи

Остави коментар