Threesome – Adriatica [Double Crown, 2011]

Најмногу што сум се приближил до сурфање во животов е преку возење даска, или кажано народски, сноуборд. Климатските и модните услови за овие две активности не можат да бидат поспротивни. За едното треба океан, сонце, бранови и бермуди со цветови, а за другото планина, снег, кацига, јакна, панталони, ракавици, чизми и долна облека – со или без растителни аранжмани. Двата спорта, пак, се спојуваат кај даските, позицијата што ја завземате кога ги управувате и во извесна мерка, кај музиката. И сноубордингот и сурфањето совршено легнуваат со песни што, да употребам клише измолзено до бесвест, возат. На клипови со ликови (каква рима) што изведуваат егзибиции на вода или на снег, најчесто се врти мелодичен хардкор-панк, хип-хоп, некогаш и метал. Освен овие правци, јавањето бранови си има и свој звук, а тоа е сурф-рокот. Не сум го слушал којзнае колку, ама бидејќи вози како и споменатите стилови и ме потсетува на сноубордот што ми фаќа прашина, лесно ми беше да се поврзам со Threesome и со нивниот деби-албум, Adriatica.

Тоа што белградската тројка го прави е интелигентно, не поттикнува отапување, ама, пред сè, е забавно. Оваа плоча е pure fun исто како што верувам дека е и даскањето на вода. Во интервјуто пропуштив да ги прашам дали сурфаат, но за луѓе од град без море, тие со фантастична прецизност ја доловиле суштината на оваа култура на живот и на музиката што од нејзините јасли е излезена. Во овој правец не постои губење во комплексниот лавиринт на филозофско-интелектуалниот дискурс. Тука сè речиси веднаш преминува на главното. Барем на филм, сурферите се типци што животот го водат во лер или најмногу во прва брзина, но вакво екстремно развлекување не се среќава на Adriatica. Изданието почнува со нискотонското, полно со бас, интро на Chasing the Car Bandits, ама по триесетина секунди, гитарата невоздржано истакнува каде ќе оди песната, а и албумот.

Ова не значи дека првенчето на Threesome е беспоштедно предвидливо. Уште на втората нумера, Raked Over, се чувствува разновидното искуство што членовите на триото го напластиле преку своите претходни состави. Овде сурфот забележливо се надградува со пост и со мат-рок, вкусна доза метализираност во рифовите и кршење на ритмиката. Веќе на следната, GTO Crash, панкот целосно ги вади наострените заби со кои, посилно или послабо, гризе на целиот диск. На First Wave се слуша мелодија како измислена за автомобилска бркотница низ пустина во филм на Роберт Родригез. Ова е рок за широки песочни плажи и масивни океански бранови, ама на моменти со подеднаква јаснотија буди слики на кактуси, салуни и гуштери што зборуваат. Сите композиции, буквално, имаат таква особина, но таа предничи на Eddie Would Go и на Wahine, која, пак, во еден сегмент прераснува во епски коњички марш.

Како и насловот, Dancefloor Stalkers има второлигашко холивудски, хорор-карактер и заедно со Beware the Stare нагласува дека српскиот состав е свесен за вредноста и важноста на хуморот во музиката. На Glise 581C ветриштата се потсмируваат, за на Snow Surf и Interstellar Harddrive да заземат форма на најострата снежна бура на цедето. Тука бендот ги цеди последните капки адреналин и со последната трака, Lull, завршува на полумедитативна нота. Делува како излетување од шините, но овој мирен крај на возбудливото возење по Adriatica е најсоодветен. Со него Threesome го исцртува љубовниот триаголник меѓу плочата, бендот и слушателот и тројно го зголемува исчекувањето на следната средба – концертна или албумска. И да, со секое вртење во плеерот, ми мава затилница дека е време да ја зачистам даската.

Оцена: 83/100

Артист: Threesome
Албум: Adriatica
Датум на објава: 25 октомври 2011
Продуцент-координатор: Јована Петровиќ
Издавач: Double Crown

Листа на песни:
1. Chasing the Car Bandits – 2:59
2. Raked Over – 1:52
3. GTO Crash – 2:40
4. First Wave – 2:53
5. Eddie Would Go! – 2:18
6. Wahine – 3:22
7. Dancefloor Stalkers – 4:10
8. Beware the Stare – 1:51
9. Glise 581C – 2:39
10. Snow Surf – 2:13
11. Interstellar Hardrive – 2:14
12. Lull – 5:18

Слични написи

Остави коментар