Terakaft и Amadou & Mariam на OFF-Fest: Сите сме деца на Африка

Мора да е чудесна таа Африка, нема друго објаснување, штом сите музичари кои од овој континент го посетиле Скопје, зад себе секогаш оставаат траги од некоја тешко објаснива, чиста, енергија. Повеќето од нив, како Terakaft, Amadou и Mariam и нивниот придружен бенд синоќа во Салонот на Македонската опера и балет, на бина се качуваат замаскирани со впечатливи носии, но тоа што го чувствуваат, не го кријат зад ништо. Какво што е времево денес, сега треба да напишам цинична забелешка дека ништо чудно сето тоа да е поза, оти и Африканците, како и многу други, само кешираат изложувајќи си ја традицијата пред тие што не ја познаваат. Го напишав, но избирам тоа да не го мислам. Вчера три саати не бев озарен зашто некој пред мене одлично ми глумел музика, туку поради тоа што пред мои очи се одигра една од најинтересните звучни претстави што сум имал прилика да ги проследам. Генерално, не само на OFF-Fest.

Нејзиниот прв чин го исполнија мистериозните Туарези од Terakaft чиј пристап фрла во транс дури и без употреба на какви било ментални адитиви – легални или нелегални. Тоа што го свири, оваа четворка го дефинира како пустински рок. Иако ова е попрецизна дефиниција отколку да се каже дека се блуз-бенд, сепак, во нивниот звук токму блузот се провлекува како централна жица што се разгранува во повеќе насоки. Кај Terakaft синоќа не беше најпривлечно како свират, колку се добри како гитаристи, туку колку звукот, што спојуваше две електрични гитари, бас и еден неименуван удирачки инструмент, го отсликуваше квартетот. Немаше причина да биде така. Дисторзија, без разлика колку е мека, и засилувачи, не се првото нешто што би го споиле со припадници на номадско племе кои навистина живеат во Сахара. Сепак, членовите на Terakaft толку ги претопиле овие западни инструменти во своето битие, што таквиот “неприроден брак” за око, за увото е крајно логична, звучно-романтична, врска.

Без разлика што стилот на Terakaft е одамна етаблиран и солидно проширен низ Африка, секогаш е изненадување кога пустината добива рокерска (блузерска) форма на сцена. Меѓутоа, токму пријатниот шок од заклучокот дека поврзувањето на навидум неспоивите светови во музиката е најмногу возможно, од свирката на квартетот прави специјално, речиси, религиозно искуство. Не во смисла дека тие нè повикуваат да се потчиниме на некаков Бог, туку како еден вид обред, во којшто се поклонуваат жртви на најсемоќното меѓу семоќните – звукот. А фактот што тој на Terakaft е екстремно едноставен, но со страшен потенцијал да ниша горе-долу, лево-десно, поттикнува за нивниот настап да имате уште поголема почит. И иако членовите на квартетот се супер свирачи, тие во МОБ не ја втренчија публиката со вештина, како Yamandu Costa првата вечер. Terakaft беа највешти во способноста да звучат како неразделив ентитет и покрај тоа што неговите четири составни делови беа видливи и индивидуално препознатливи.

Тоа им беше заедничко и со Amadou и Mariam и нивниот придружен состав иако стилски речиси и да немаа допирни точки. Ако Terakaft ја отелотворија мистичната сила на празната пустина, слепата брачна двојка од Мали ја отслика нејзината втора страна – таа што е полна со живот. Тој контраст има повеќе сличности отколку разлики и веројатно затоа атмосферата во МОБ за одвај половина песна се трансформира од замислена и занесена во бесмислено весела. Комплимент е ова, не негодување. Најнасмеани лица има на концерти на кои што музиката не ти дозволува да се потресуваш барајќи ја нејзината смисла, туку безусловно да ја впиваш со секоја пора од телото. Тоа воопшто, ниту во еден аспект, не значи дека настапите на Amadou и Mariam се празноглаво декадентни зашто музиката им е шуплива и безидејна. Тоа што оваа брачна двојка го пишува има срцевина, која е густа и полна со зрелост. На бина, пак, тие песни го будат детето во луѓето што ги изведуваат, а тоа неминовно се пренесува и на публиката.

Повеќето беа од Македонија, но додека Amadou и Mariam нижеа нумера по нумера на сцена, најголем дел од присутните во Салонот на МОБ се чувствуваа како деца на Африка. Без разлика што кожата ни е значително побела, брачната двојка од Мали, поддржана од беспрекорниот придружен бенд, синоќа успеа да нè поврзе со континетот од каде што за човечката раса веројатно сè започнало. Немам поим како остатокот од публиката сето тоа го доживеа внатре, длабоко во себе, но мене ме поттикна од концертот да си заминам не само со широка насмевка на устата, туку и во душата. И да си ја понесам восхитта од Amadou и Mariam, кои и покрај фактот дека ништо со свои очи не виделе во животот, истиот го гледаат појасно отколку што повеќето од нас, на кои случајноста не им доделила таква страшна судбина, ќе успеат во текот на целото свое битисување.

Слични написи

Остави коментар