ХаХаХа – Танго револуционер [Направи заедно, 2011]


Во време кога муабетите за состојбата во македонската култура се сведуваат на жалби и поплаки за камионите пари што државата ги искипува во џебовите на естрадни треш-ликови, за слепилото на спонзорите за квалитет и модерност и за вината што меинстрим-медиумите ја имаат во поглед на ниските поп-потреби на мнозинството, “ХаХаХа”, во Indie = Independent, Fan = Fanatic, пее: “Инди значи независност, конструктивна фанатичност”. Дури и иако некому ова ќе прозвучи како попување, во контекст на сè одвратно што се случува во земјава, мерак ми е што скопскиот бенд, сочинет од три-четвртини од Bernays Propaganda, токму вака, со ова симпатично, скокотливо, конфронтирачко, потсетување, одбрал да го почне деби-албумот, “Танго револуционер”.

Да расчистиме, за овој потег не треба да ги издигнеме на пиедестал или од нив да направиме национални херои на домашната инди-сцена. Без разлика колку е точно сè што е наведено на почетоков од текстот, членовите на “ХаХаХа”, пред да се сконцентрираат на детално секцирање на надворешните услови во кои што сите живееме, прво се вртат навнатре. Заклучуваат, можеби дури и веруваат, оти со тоа што го прават – со свои раце – нема да пренесат планини од една на друга точка, но ќе дадат индивидуален придонес во нивното поместување, колку и да е тоа минимално. А фактот дека, свесно, создаваат музика што речиси е посвета на Hüsker Dü, без желба да го избегнат јасниот шаблон на славната инди-група, со тројно дебела линија ја подвлекува пораката – придонесувај, не се занесувај.

“Танго револуционер” е издание снимено од музичари занесени од непобитниот придонес на Молд, Харт и Нортон на независната сцена. Сепак, таа чистина, тој фановски наивен светоглед, тоа романтично пресликување на формулата што ја создале хероите на скопското трио, го прави ова цеде бесконечно попривлечно од албумите на домашните состави што самите себеси се прогласуваат за месии и спасители на современата македонска музика, а ја користат секоја прилика да врескаат оти државата не ги љуби доволно или воопшто. “ХаХаХа” во “Човекот кого Рацин го опејува” има поинаков поглед: “Да се биде некој кому не му треба владата”. Или, пак, во “Танго револуционер”: “Мрдни два-три чекори, со своите танго-партнери. И донеси промени, со колкови и насмевки”.

Таков, проактивен, тон имаат стиховите на сите песни на албумот. Некои носат и интроспективност, преиспитување, секако, бунт, но повеќето ја пренесуваат пораката дека, во суштина, сите ние сносиме голем дел од одговорноста за тоа што ни се случува и наша е одлуката дали ќе кукаме и напразно ќе плукаме, или со акција – каква било – на убијците на градот ќе им го зачукаме. Текстовите на “Танго револуционер” не се врв на литературниот израз. Сепак, како и кај секој  панк-бенд, поважно е да кажеш што мислиш, отколку да си замислуваш дека си Шекспир или Достоевски. “ХаХаХа”, на поотворен, подиректен и полокален, во одредена смисла, кириличен, начин ги споделува сопствените размисли отколку Bernays Propaganda. Спротивно од оправданите претпоставки, тоа е одлично.

Ако за пославниот состав на Васко, Џано и Трипе, Скопје е дел од подолгиот и поглобален список на теми што ги обработува, неговите улици се крвотокот на “ХаХаХа”. На “Танго револуционер”, триото прави суперспој на латиничниот израз на Hüsker Dü со кириличното опкружување во кое што живееме. Јасно е дека тоа што тројцата музичари го прават со Bernays Propaganda е попривлечно, соодветно дури и за топ-листи и радиостаници, но магнетизмот на нивниот втор проект е токму во желбата рафално да се испукаат, а не да пукаат со рафали кон што поширока публика. На албумов, реално, нема ништо особено на музички и на композиторски план, а функционира и тече со леснотија како да станува збор за проект во кој што е вложен посебен ангажман.

Којзнае, можеби членовите се искостиле од креативна работа додека го создале. Сепак, тоа нема да ме спречи и понатаму да си верувам на сопствената замисла оти ова е цеде родено од нечија нерасипана, обожавателска, потреба за свирење музика налик таа на хероите на “ХаХаХа”. Кога на тоа ќе се додадат стиховите за бетонот на нашата срушена тврдина, што нема смисла да ја дигаме, како што бендот вели во “Ова е твој град”, се добива албум опериран од факт што е толку присутен и штетен за македонската независна сцена – претенциозноста. Стравот од надменоста, тука е избришан од спонтаноста на материјалот. Од таа причина, идејата за револуционери што играат танго не би требало да поттикне сеирска, “хахаха”, реакција, туку можеби ќе нè инспирира на индивидуална акција. Дури и цинично да сме свесни дека тоа нема ништо да промени, за сите е здраво тој танц, конечно, да го научиме.

Оцена: 84/100

Артист: ХаХаХа
Албум: Танго револуционер
Датум на објава: 23 април 2011
Продуценти: Ненад Трифуновски
Издавач: Направи заедно

Листа на песни:
1. Indie = Independent, Fan = Fanatic – 2.31
2. Човекот кого Рацин го опејува – 2.15
3. Ова е твој град – 2.19
4. Младите не се млади – 2.25
5. Врати го тој проклет ден – 3.07
6. Светот е огледало – 2.28
7. Сивомаслинести и маскирни – 3.05
8. Танго револуционер – 2.37
9. Таму каде што нема плач и воздишка – 2.42
10. Син на гладот – 3.20

Слични написи

Остави коментар