Intronaut – Valley of Smoke [Century Media, 2010]


Металот не е познат по суптилноста. Претераноста – инструментална, вокална, стилска – во овој правец е секогаш понагласена отколку во останатите жанрови што си имаат работа со гитари и со дисторзија. И така треба да биде. Дури и по цена таа пренагласеност да ги поттикне инди-интелектуалците да се впуштаат во анализи за фрапантната антикулоќа и дивјаштво на таквиот музички израз. Како поинаку да се манифестира гневот наталожен од бруталната општествена стварност, ако не со рифови што газат како тенкови, ритми што бомбардираат како Б-52ки и со вокали што распарчуваат како моторна пила. Американскиот состав Intronaut, на својот трет студиски албум, Valley of Smoke, претерува во секое од споменатите поглавја, но и во уште едно – суптилноста.

Ако повеќето метал-состави – старошколски или новопечени – напаѓаат со сите музички алатки што можете да ги замислите, а понекогаш и со некои што не ни сте помислиле дека ќе се вклопат во жанрот, Intronaut оди во офанзива со мал и прилично првооделенски бендовски прибор. Оваа четворка има две гитари и два вокала, еден бас и едни тапани. Групата е бучна и дисторзирана, со звук тежок во модерна, слаџ-смисла, а не на класичен, мејденовски или пристовски начин. Додуша, ако се знае дека слаџот е осовременета верзија на Black Sabbath, стилот на квартетот од Лос Анџелес фрла ишарет и кон корените на метал-правецот, но и покрај тоа, ова е метал од 21-виот, а не од 20-тиот век. Во него е набиена олд-скул-тежината, која, пак, е суптилно проширена со прог-рок и џез-влијанија.

Всушност, прогресивниот рок и џезот на Valley of Smoke се присутни на крајно несуптилен начин. Уште од ѕидокршачката прва песна, Elegy, е очигледно дека џанкерската зависност на прог-рокот од атмосферата и болната љубов на џезот кон непредвидливоста, Intronaut широкоградо ги прифатил во својот стил. Оваа композиција нема финтаџиски пристап за да го протне омекнувањето, условно кажано, што четворката го прави на изданиево, во споредба со претходните два диска: Void (2006) и Prehistoricisms (2008). И на овие плочи бендот не ги криеше прог-рок и џез-вештините, ама на последната збирка од авторски нумери, тие се мајсторски протуркани во преден план. Составот и понатаму вкусно претерува со градењето лавиринти со инструментите, но оваа нивна музичка архитектура има деликатен тон, не напаѓа како центарот на Скопје од 2014 година.

Секако, ова и понатаму е метал, звук што тежи повеќе од тој на 100 инди-групи убедени дека се побучни од Големата Експлозија. Intronaut не се срами, туку ја слави хеви-страната на сопствениот израз, но кога прави премин од една песна во друга, од прв преку втор до трет риф, од старт до финиш на Valley of Smoke, сето тоа е префинето. Не како неглиже, туку како материјал чија рафинираност ретко се среќава на метал-сцената. Една од причините за тоа, секако, е талентот на членовите за вадење на музичката маст од своите инструменти. Ова особено се однесува на басистот Џо Лестер, чие фретлес свирење (барем така звучи) на петте жици потсетува на Џон Патитучи и Џако Пасториус. На речиси исто ниво отскокнуваат и синкопираните ритми на тапанарот Дени Вокер.

И гитарите се одлични, тие дури се и во преден план со рифовите што не звучат како веќе да биле отсвирени 500 пати, но и покрај тоа, басот и тапаните се тие што во стилот на Intronaut ја внесуваат суптилноста што детално ги одвојува од своите современици и групи си кои често настапува, како Mastodon, Baroness и Kylesa. Оваа деликатност, односно потреба за неограничување во престрогите граници на метал-жанрот, квартетот од Лос Анџелес ја прикажа уште на деби-ЕП-то од 2006 година, Null. На Valley of Smoke таа достигна кулминација што можеби беше логична, но немаше никаква логика слепо да се верува дека до тој степен ќе биде успешна. Овој албум ќе остане незабележан од густиот чад со кој е загадена денешната глобална музичка долина. Тие што ќе го преслушаат, пак, дури и со задоцнување од неколку месеци, без разлика дали сакаат или мразат метал, ќе направат исчекор во унапредувањето на сопствената звучна околина.

Оцена: 89/100

Артист: Intronaut
Албум: Valley of Smoke
Датум на објава: 12 октомври 2010
Продуценти: Џош Њуел
Издавач: Century Media

Листа на песни:

1. Elegy – 6:36
2. Above – 6:10
3. Miasma – 7:51
4. Sunderance – 3:29
5. Core Relations – 6:39
6. Below – 4:22
7. Valley of Smoke – 8:34
8. Past Tense – 5:56

0 коментар

Слични написи

Остави коментар