Radiohead – The King of Limbs [Ticker Tape, 2011]


Radiohead е еден од бендовите претплатени на критички хвалоспеви и нездраво обожување од фановите кои, не така ретко, знаат да бидат напорни ако решиле да ви ја објаснат “длабочината” на, несомнено, брилијантната англиска петорка. Ако групата одлучи да сними оргија на 300 мачки, да го објави тоа на албум со наслов “Примални инстинкти”, речиси сите критичари ќе почнат да испукуваат баражи од пофалби за незапаметениот арт-мајсторлак на составот предводен од рокенрол-интелектуалецот и аристократ, Том Јорк.

Не дека не заслужува да биде издигнувана. Секоја група што во сопствениот каталог има остварувања како The Bends, OK Computer и Kid A изискува да ја креваат на пиедестал. Меѓутоа, по толку години, малку е заморно, неиздржано, празноглаво, за буквално сè што објавува Radiohead, да течат лиги како Амазон во најдобрите денови од својата речна кариера. Уште не се излади серверот од стотиците илјади симнувања од официјалната интернет-страница на составот, потполно иста беше реакцијата и за неодамна објавениот The King of Limbs, осмиот и засега достапен само во дигитална форма, материјал на квинтетот.

Десетки и петки нека летаат колку сакаат, овие осум песни не се Radiohead. Тие се Том Јорк. Не сите, но барем половината, звучат како не така одушевувачко продолжение на генијалниот соло-албум на 42-годишниот пејач и гитарист. На секој што го слуша составот од времето на Creep, сега толку нехипстерскиот и речиси омразен прв хит-сингл на петорката, знае дека Јорк е алфа и омега кога креативните решенија и насока на групата се во прашање. Од друга страна, сите што го следат бендот од 90-тите наваму, тешко дека, кога ги слушале дисковите на Radiohead, некогаш помислиле дека зад нив стои само еден човек. Јорк и да влечел конци најсилно што можел, крајниот впечаток бил дека материјалот е создаден и отсвирен од колектив, а не од индивидуа. The King of Limbs вози по спротивната лента.

А вози, нема дилема. Можеби трокира на почетокот, треба да дојде Feral за да фати фина брзина, но во себе ја носи онаа препознатлива мелахноличност и чудна звучна елегантност на далеку подобриот претходник, In Rainbows. За многумина, таа плоча е недозволиво неутепана и недепресивна за албум од Radiohead, но по долги, долги, години градење кариера претворајќи го очајот во поп-музика, пријатно беше да се чуе составот да не крие дека ужива во тоа што го прави. И тој диск не беше хепи-гоу-лаки, ама пулсираше со енергија што не се чувстуваше на претходните изданија на групата. Таа е присутна и на The King of Limbs, но само во поглед на алатките што се искористени за да се создаде и сними 37-минутната селекција од нумери.

Тие алатки, како и на сите дискови на бендот по Kid A, воглавно се електронски или оставаат таков, дигитален, а не аналоген впечаток. Слабоста на The King of Limbs е што неговиот современ, компјутеризиран, авторски отпечаток, дури и премногу лесно може да се помеша со тој што Јорк извонредно силно го остави на The Eraser. Само Morning Mr Magpie, Lotus Flower, Little By Little и Give Up the Ghost имаат некаква, бендовска, лепенка, но и тие делуваат како фронтменот на квинтетот да ги грабнал сите инструменти (лаптопи) во свои раце и сè сам да отсвирел. Веројатно не е така, но сигурно така звучи. А знаејќи дека Radiohead, колку што е група што ги составува едни од најоригиналните поп-композиции, е и бенд опседнат со поместување на аудиостандардите, тоа што албумот звучи како соло-плоча на Том Јорк е, во најмала рака, страшен пропуст, а во најголема – разочарување. Не до степен за човек да се откаже во весник од нив, но токму таков, помалку разочарувачки, невозбудлив, впечаток оставаат поголем број од осумте песни на изданието.

Како и Hail to the Thief, каде што целината беше солидна, анти-Буш пораките јасни и силни, но нумерите кубуреа со фриковска скокотливост и нескриена мелодичност, така и последново поглавје на англиските рок-генијалци гази по линијата на вообичаеноста. Има изблици на слушливост и на привлечност, но не треба да се гледа далеку наназад (до In Rainbows е доволно) за да се заклучи оти бендот може сопствената несекојдневност, што сите толку ја сакаме, вешто да ја направи леплива за уши. Секако, составот никогаш не веслал по течението на реката. Одлично е што тоа и сега не го прави, но тие создадоа армија обожаватели зашто знаат како возењето спротиводно да го направат уникатно и незаборавно. Radiohead на осмиот судиски албум остана единствен, но на сите што од овие мајстори очекуваат многу, многу, повеќе, The King of Limbs, веројатно, многу, многу, брзо ќе им избледи во сеќавањата. Нема да се избрише, ама ќе се загуби во катче резервирано за просечните дела на натпросечните миленици.

Оцена: 70/100

Артист: Radiohead
Албум: The King of Limbs
Датум на објава: 18 февруари 2011
Продуценти: Нил Годрич
Издавач: Ticker Tape

Листа на песни:

1. Bloom – 5:15
2. Morning Mr Magpie – 4:41
3. Little By Little – 4:27
4. Feral – 3:13
5. Lotus Flower – 5:01
6. Codex – 4:47
7. Give Up the Ghost – 4:50
8. Separator – 5:20

Слични написи

1 коментар

Ивица 26/02/2011 - 01:05

Отприлика такво нешто би кажал со тоа што In Rainbows ми е исто така просечен албум во споредба со тоа што доаѓа претходно – има фантастични песни (15 step се уште ме ежи, живата верзија на Down Is the New Up е тотално злокобна) но нема поголемо цело. Од друга страна, мора да се додаде дека The King of Limbs е практично EP и ако се спореди со Com Lag или Airbag: How Am I Driving, добива на тежина. Во таа насока би додал и дека очекувам уште музика од Radiohead во блиска иднина – сигурно снимале повеќе од овие 8 траки во нивната последна сесија. Како и да е, додека фигурира како 8мо LP на бендот, The King of Limbs ќе биде најслабиот албум во дискографијата на Radiohead. Јас би го ставил на 60/100.

Reply

Остави коментар