ОД ВРАТОТ НАДОЛУ: Денес слушамe Morrissey, утре рокамe Brutal Truth, сè е тоа твистиген


Фото: Татјана Ранташа

Живата е единствениот метал што е течен на стандардна температура. Токму од таа причина, скопското тапан-и-бас-дуо, “Од вратот надолу”, деби-албумот го наслови “Жива”. Бендот, в петок (21 јануари 2011), со поддршка од “Потоп”, ќе го промовира со концерт во Младинскиот културен центар.
“Аналогијата ти е точна. Тешко, течно, Метал! Хипертермија”, потврдува Горан, басистот, кој во бендот свири заедно со тапанарот Марко.
Последниов е дел и од “Јаболко за даскалот”, а заедно настапуваа и во Bill Skins Fifth, еден од најжестоките состави што македонската сцена некогаш ги видела и слушнала. Лутината не е единствената сличност меѓу оваа група и “Од вратот надолу” – обете имаат прилично остра и оригинална смисла за хумор. Веројатно од тие побуди, каверот на “Жива” – фотографија од крупни, мрсни и лизгави пеливани фатени во напната клинч-поза – делува како финта, а можеби и не е, којзнае. Горан вели:
“И предната и задната корица се визуелен фрагмент адекватен на музиката. Пеливани на предната страна – две енергии сплотени во едно, папочна врвка – бидејки двајцата сме родени обесени околу вратот со папочна врвка, пливач во кал – за слава на сиот тој слаџ”.

Ритуални искуства и интимно поврзување
Освен на цеде, албумот излегува и на винил-плоча, а ќе се појави преку Fuck Yoga, Superfi и Insulin Addicted. Многумина тврдат дека слушањето музика на винил е далеку, далеку, подобро отколку на диск, а за споредба со емптетројки, нема основа. Во насока на тоа што го создава “Од вратот надолу”, Горан вели дека “нема некои придобивки” во издавањето на материјалот и на винил.
“Најмногу ради ќеиф си го правиме. Нас рокање плоча секогаш ни било јако ритуално искуство, ко интимно да си се врзуваш со бендот, си го листаш буклетот, си се внесуваш, се губиш…”.
Објавата на “Жива” е соработка на македонските издавачки куќи Fuck Yoga и Insulin Addicted со англиската етикета Superfi Records. “Од вратот надолу” се меѓу екстремно ретките состави од Македонија чија музика ќе биде на листата на многу сериозен дистрибутер. Горан истакнува дека ова не им е толку важно, нема влијание врз концептот што си го зацртале за бендот – ним најбитно им е да продолжат да свират.
“Тоа што нè издаваат овие издавачи е апсолутен бонус за дистрибуирање на албумот, организирање турнеја итн. И благодарни сме за тоа”.
Името од “Од вратот надолу”, агресивноста на музиката, а може да се каже донекаде и насловот на деби-албумот, сето тоа навестува дека овие двајца млади музичари се фасцинирани од инстинктивното, од прималното, од примитивното. Зошто толкав интерес за сè што не е поврзано со умот, со разумот, со главата?
“Ние пишуваме за шизофренија, невроза, алкохолизам, страв, насилство и љубов. Од тој аспект поврзано е со умот, а и не е баш дека музиката ни е најсирова, има тука некој рафиниран р`н`р само што е на стероиди”, вели басистот на “Од вратот надолу”.


Фото: Татјана Ранташа

Музичка сировост и тематска естетика
Во својот опис, Superfi Records “Од вратот надолу” го дефинира како “дуо со бас и тапани што создава злобна грув-опседната бучава во стилот на Man Is The Bastard”. Иако Man Is The Bastard е бенд, сепак, “Од вратот надолу” делува како навистина да мисли дека “човекот е врвното копиле”. Меѓутоа, Горан појаснува оти нив повеќе ги интересира естетиката на темата што ја обработуват.
“Моралот на приказната не нè интересира многу, не сме бенд што покажува со прст и ја бара вината во светот, битно ни е сликата што сакаме да ја прикажеме да биде во најубедливо светло, а во овој случај тоа е нашата потемна страна. Ги прифаќаме Исус и Луцифер…lol”.
Сировоста, ама онаа чиста, негибната, во некоја смисла, животинска и насилна повеќе одошто мнозинството може да слуша, е можеби најсилна и најочигледна карактеристика на “Од вратот надолу”. Во однос на музиката што нема, можеби дури и бега, од сировоста, Горан вели:
“Добра музика си е добра музика, некоја е сирова, некоја е земска, вонземска, ескапистичка итн. Супер е ако има автентичност и личен печат. Денес слушам Morrissey, утре рокам Brutal Truth, сè е тоа твистиген! хаха”.
Изминативе десетина години членовите на “ОВН” работат прилично многу. Тие свиреа или сè уште се дел од неколку крајно оригинални и експериментални состави, но за сето тоа време држат најмногу до себе, со извонредно скромен и трудољубив став. Едни би рекле дека тоа е карактерна особина, а други, пак, единствен начин на којшто треба да работат бендови што не се и никогаш нема да бидат, дел од меинстримот.
“Само сакаме да ни биде ОК. Да си создадеме простор кај што си дишеме слободно. Пре би рекле карактерни особини и искрено верување во нас како група. Нашата музика секогаш сме ја сфаќале лично и секогаш кореспондира со нашите карактери. А што се однесува до како треба да работат други бендови, воопшто не нè интересира”.
“Од вратот надолу” има само двајца музичари кои свират на бас и на тапани, но тие свират или сè уште се дел и од групи со повеќе членови. На прв поглед, функционирањето на бендови со помалку и со повеќе музичари делува како две екстремни спротивности, но можеби и не е така. Горан вели:
“Единствената разлика кога сме помалку (двајца) е во тоа што целиот процес на креирање музика, ставање на иста фреквенција, дури и правењето проби, се одвива многу побрзо и пофокусирано, но некогаш знае да биде и монотоно. Кога сме со повеке души, сето тоа се одвива побавно, но повесело. Во основа, нема некоја драстична разлика, на крај плодот е ист. Затоа и свириме во повеќе групи – една за кревање и една за спуштање”.

MP3: “Од вратот надолу” – Видеодром/Сериозен делириум

Корисни линкови:

“Од вратот надолу”
“ПОТОП”
Fuck Yoga
Superfi Records
Insulin Addicted
Facebook Event

Слични написи

Остави коментар