Jаболко за даскалот: Лејди Гага е шампион и прав другар


Фото: Мишо Ристов

Јаболко и даскал, вообичаено, не прават ниту име, а уште помалку бенд, но кога тоа ќе решат да го направат тројца опасни генгста-момци од скопското подземје, чиј талент за музика е рамен со талентот на AK-47 за расчистување со уличната конкуренција, никој не смее да писне. Во тој случај, “Јаболко за даскалот” и тоа како е име, а уште повеќе – лут бенд. Кога преку нивните пулени побарав да им пренесат дека сакам да ги интервјуирам, тие испратија црна лимузина, ме шибнаа насилно на задно седиште, ми ставија качулка на глава и ме однесоа на непозната локација, од каде што – веројатно – раководат со неколкуте звучно-криминални картели што ги имаат расфрлено во повеќе делови на Скопје. Еве за што муабетевме.
На 24 декември свирите со Верка, на промоцијата на нивниот втор албум, Моторни песни, а од деби-изданието на Јаболко за даскалот сè уште нема абер. Каде закочи работава, до каде сте со потрагата по виновникот и какви ви се прогнозите, ќе го фатите ли?
– Коренот на проблемот е стално едноставен. Сите тројца сме страшни метеопати, а конзистенти временски услови се потешки за наоѓање него жена кај Мајкл Џексон во куќа. Да не спомињаме фактори како сенилност, сè поголема желба за спиење, членство во повеќе музички картели, војна меѓу бандите на трите различни локации од Скопје во кои живееме, како и фактот дека бозата од “Апче” е најбоља со разлог: рецептот не паднал од небо, него се работело на него до идеал. Едноставниот одговор е: Ќе биде скоро!
Некое време бевте распаднати. Каков медицински зафат беше потребен за пак да се соберете – сонувавте ли нешто додека бевте под целосна антестезија?
Виталните знаци во медицината се температура (ректалната е најточна), крвен притисок, пулс, респираторни функции и сатурација на кислород. Лесно е да се проценат овие витални знаци брзо за да се добие информација за метаболизмот на пациентот, статус на флуиди, функција на срцето, васкуларен интегритет и оксидација на ткивото. Сите со малце памет у глава знаат дека во моментов поима неам шо зборам и дека сум граматички предизвикан, благодарение на користењето “Википедија” и Google Translate за да извадам smart-ass одговор на прашањево, затоа: Неаме никакво сеќавање од последниве три години и тоа е прилично обесхрабрувачки, поготово за Пепи кој има нов пар очи со за нијанса потемна боја него претходните. А ја па иам некои чудни лузни на левата рака (левак сум иначе иако свирам десњачки), а најсмешно од сè е што на сите тројца миракулозно ни ги нема судбинските линии на дланките исто ко Корто Малтезе. Некој ќе плати за ова.
Од доверливи извори, кои инсистираа да останат анонимни оти се плашат за своите животи, дознав дека сметките од операцијата обединување биле огромни и пак сте почнале да свирите само за да ги платите. Што ќе се случи со вас доколку не ги расчистите долговите?
Гласините не се точни бидејќи сè уште не ни стигнала никаква сметка за ништо од тој тип, а уште отплаќаме рати за Абхазискиот Хилтон, кој што, благодарение на чувствителната природа на сите тројца, го демолиравме во една топла летна вечер на евроазиската турнеја со Џака Накот, еден од доајените на македонскиот хип-хоп. Благодарение на економијата во Абхазија, со 200 евра станавме странски инвеститори и се сликавме со Претседателот. Но, сè си носи свое бреме. И долгови. Уфффф.


Фото: Мишо Ристов

Истите доверливи извори ме известија дека на големо го спремате новиот, всушност, прв албум што ќе биде во диско-електро-поп-дипхаус-транс-фазон со мелодични вокали. Што мислите, на каков начин по ова ќе ве оговараат во друштво?
– Првичната идеја беше да напраиме издание од четири (4) албуми кои треба да се слушаат паралелно, али Фала му на Маниту, навреме сфативме дека такви потези само ќе нè држат во подрум, без никаква врста живот, освен мал миљон микро-цивилизации во брадите и косите, со години, без реална шанса некој да се измалтретира да намести четири цеде-плеери у квадрофонија. Има ли сè уште некој цд-плеер дома? Се сеќавам со радост и топло срце на денови кога идеш у цедетека и прашуваш шо има најново од наслови, и типот шо работи ти вика “Вчера стигна Best 2000 од некој нов пејач, Моцарт.” За сва среќа, брзо здосадуе од ствари па највероватно додека да искочи тој албум више ќе се припрема Hasidic Deathcore Stonerboogiedoom или ABBA кавер албум. Да заглавиш на еден албум е забавно исто ко клоца у препони.
Неколку таблоиди неодамна заработија рид пари поради тоа што осамнавте на нивните насловни страници. Жолтиот печат тврди дека Лејди Гага го чула гореспоменатиот материјал и страстно сакала да ѝ ги напишете сите песни за нејзиното ново цеде, но вие одлучно сте ја одбиле. Зошто?
– Стефани е шампион и прав другар, жал ми е шо толку луѓе ја кењаат у последно време. Стварно е работлива и никад не ја глеаш фатена у жута штампа како искача од клуб напраена тромбон од пиење. Она веруваше во нас, кога ни самите не верувавме во себе, а да не спомињам и дека кога ни го украдоа АKAI S-3000 семплерот од свирката у Болановац, ни позајми еден куп опрема која што пробуваме да ѝ ја вратиме, али неќе да чуе. Поради огромни работни обавези никако да најдеме време од двете страни освен за шот текила на нога, али сигурно дека ќе се деси у најскоро можно време. Значи: Таблоидите не се во право.
Доверливите извори повеќе пати ми укажаа да не им ги откривам имињата. Добро, колку има вистина во митот дека сте опасни генгста-мачо-типови со кои не смее човек да се заебава?
– Можда изгледаме грубо, али сме прави мечиња кога човек боље ќе нè запознае. Некој цело време нè саботира и ова мора да се испита. Пепи има низок праг на толеранција за гласини, ја иам краток фитиљ, Марко има брада и пирсови, а од неодамна сме горди сопственици на прекрасен Panzer E100 Panzerkampfwagen од eBay и сме прилично trigger-happy.
Пред некој месец свиревте во Бугарија. Каков впечаток ви остави музичко-криминалното-подземје на оваа соседна земја – потпишавте ли барем неколку меморандуми за меѓугранична соработка?
– Од целото искуство во кое вистински уживавме, највеќе ни остави впечаток местото (кое, покрај тоа што изгледа ко омот од албум на некој ран германски industrial бенд) е место каде што сонцето не изгрева, вечниот Перник. Да не бевме на толку тесен распоред сигурно ќе останевме на некој месец дена да фатиме малку од мајата на тоа магично место. Нашиот драг возач, Паша, неодамна нè извести и дека ПФК Мињор Перник е мошне успешен фудбалски клуб на кој ќе обратиме внимание во иднина. Од меморандумите што ги спомна, сè направи договор помеѓу три групации (за соработка, ширење пропаганда и медиумска манипулација). Ние, стариот од Back to the Future и нашите соработници, Sisters of Radomir.


Покрај во Јаболко за даскалот, членувате и во други музички картели. Кои се придобивките за ваквото расцепкано, ако можам да кажам, работење по филијали, на црниот пазар?
– Најголемата придобивка е што можеме да си дозволиме прекрасни парчиња опрема како гореспоменатиот прекрасен Panzer E100 Panzerkampfwagen, меѓу другото. Што на зеленава земја би можело да биде позабавно од свирење.
Од музиката што ја создавате јасно е дека сте подготвени за доминација на светските топ-листи и за влегување во фрижидерите во секоја куќа и стан на планетава. Каков е вашиот став за климатските промени?
Бидејќи сè кај нас е во знакот на “силом прилике” веќе започнавме со изградба на првиот fallout shelter во Македонија, како и обезбедување на залихи и избрани луѓе за да нè ни биде досадно кога, евентуално, неизбежниот распад на западната цивилизација ќе нè стигне. Една Љубов!

MP3: Јаболко за даскалот – О, Брадавици! (Live @ Kanal 103)

2 коментари

Слични написи

2 коментари

Cene 14/12/2010 - 20:08

Bolanovac??? Da ne se misli na Buljanovac??? :):):)

Reply
katolik666 19/01/2011 - 16:34

стариот поише личи на скоропокојниот што го играше Бил у Кил Бил али ипак неможев да се спојам на фотомоментот
4/

Reply

Остави коментар