19/08/2018

Clutch – Earth Rocker [Weathermaker, 2013]

Постирано на 08/04/2013 од во Албуми, Музика

Со тоа што случајноста или судбината нè покакале во Македонија, осакатени сме за депресивно долга листа задоволства. На врвот на мојата, кога музиката е во прашање, се наоѓа не само претчувството, туку длабокото уверување дека никаков оптимизам нема да ми овозможи некои бендови да ги гледам во живо. Степенот на уживање во нивните албуми не ми е десеткуван поради ова сознание, но горчината и понатаму се меша со неоспорниот мерак. Состојбава неколкукратно се проблематизира кога е во игра група со израз инстинктивно испреплетен и неразделен од концертните изведби. Во вакви слатко-кисели ситуации изминатава деценија се наоѓам секогаш кога Clutch ќе реши да сними и објави плоча. Со последната, Earth Rocker, во исто време жестоко се разблажив и се свиткав како краставичка во туршија.

Причина за двојноста не е вкусен кинески рецепт, туку фактот дека Clutch се едни од најфеноменалните лајв-рокери на планетава кои речиси сигурно никогаш нема да ги гледам на бина и со свои очи. Исполнувањето со нивните студиски снимки, сепак, е екстремно попосакувано отколку воопшто да не сум свесен за нивното постоење. Со таков пропуст би си го ускратил битиево од адреналинот којшто згуснат како сурова нафта врие во длабочините на стилот на бендот. Иста енергетска бомба од црно злато е и Earth Rocker. На десеттото студиско издание групата ја припитомува опсесијата со џем-сешн слободарството, кое што беше во центар на претходните два диска, Strange Cousins from the West (2009) и From Beale Street to Oblivion (2007). Додуша, квартетот од Џермантаун (да, озбилно, така се вика градот) тие го прескокнуваат и Robot Hive / Exodus од 2005 и посегнуваат до Blast Tyrant, со којшто во 2004 година експлозивно го обработија хард-рок хеви-правецот низ стоунерска и јужњачка призма.

Сега бендот применува уште покласичен, подиректен и посоголен рокерски пристап. Фасцинантно е да слушаш како некои групи собираат два и два и на крајот добиваат пет, но скоро исто толку одушевувачки е како други бендови од истата таа равенка вадат јасна и гласна четворка. Тоа, сепак, не значи дека Clutch се типичен рок-состав што завршува на топ-листи, се пее по свадби и е перфектен за караоке. Тие се една од оние музички формации за кои комплетно важи „изреката“: р’же не се држе. Особено за пејачот Нил Фалон, но и за неговите тројца коалициони партнери во креирањето криминално квалитетен дисторзиран звук. Срцевината на сето тоа е лајв-искуството, како што и во првата, насловна, трака, фронтменот нагласува дека ако веќе си решил да се занимаваш со музика, прави го тоа на сцена или воопшто не се обидувај.

Тој конфронтирачки став, тоа внесување в лице, таа лутина тече во вистинската крв на рокенролот. Не само знаејќи, туку и живеејќи го тоа повеќе од две декади, четворката знае која брзина е клучна, укажува на величината на слободата, напаѓа, крши и мрзне лица, го јавнува седлото, ги грабнува киборгот Бет и убавата Изабела и ги пренесува мудростите на човекот-волк во три или четириминутни резервоари на високооктанско аудиогориво. На високорамнината од сето тоа распослува психотропни, шифрирани и комични стихови меѓу кои убедливо отскокнува следниов: „Сакаш да ги знаеш моите политички убедувања? Добро, шеќерче, јас завивам на Месечината. На Месечината – сфаќаш?“. Со вакво заокружување на целината на Earth Rocker, Clutch подвлекуваат дека создаваат рок од земја, воздух и оган, но истовремено отвораат клучна дилема – дали самите тие се од планетава.

Оцена: 87/100

Артист: Clutch
Албум: Earth Rocker
Датум на објава: 15 март 2013
Продуцент: Машин
Издавач: Weathermaker Music

Листа на песни:
1. Earth Rocker – 3:31
2. Crucial Velocity – 3:59
3. Mr. Freedom – 2:43
4. D.C. Sound Attack! – 4:37
5. Unto the Breach – 3:29
6. Gone Cold – 4:20
7. The Face – 4:22
8. Book, Saddle, & Go – 3:43
9. Cyborg Bette – 3:13
10. Oh, Isabella – 5:17
11. The Wolf Man Kindly Requests… – 5:02

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>