21/08/2017

Bernays Propaganda – Забранета планета [Направи заедно, 2013]

Постирано на 11/03/2013 од во Албуми, Музика

Оган, тркало, хартија, атом, пеницилин, чипови, интернет, смартфон. Сè ова и уште безброј останати откритија ни го олеснија животот. Паралелно со тоа, општествените системи во кои што живееме, пронајдоа полесни форми за индивидуално и колективно штелување. Гарант ми се смеете што тргнувам од амебите и пристигнувам до 4G за да поентирам, но и тоа е минијатурен доказ дека сме станале сè помалку фокусирани на клучните прашања. Со часови ревносно би дебатирале за екранот на „ајфон петката“, за процесорот на „галакси тројката“ или за дизајнот на „ха-те-це-то“. Ако, пак, некој се осуди да отпочне дискусија за перфидностите со кои богатото малцинство трупа пари на грбот на сиромашното мнозинство, прсти ќе почнат да мафтаат како катана, а устите ќе блујат етикети како параноик, левичар, комунист. Вакви примери има „катаљон“ и во нив се огледува како сме сетирани за што да размислуваме, колку да сонуваме и до кој степен да дејствуваме.

Ова и многу други слични прашања се во центарот на гравитациската сила околу која што се врти „Забранета планета“, третиот студиски албум на Bernays Propaganda. Не само што е подобра, оваа плоча во секој поглед е најдобра во кариерата на составот што почна со работа во Скопје во 2007 година. Ако второто цеде, My Personal Holiday, беше за нијанса послабо од моќното деби Happiness Machines, на последното издание бендот докторира во стилот со којшто се дефинира себеси како уникат на домашната неестрадна сцена. Пост-панк, диско, хардкор, дури по нешто и алтернатива и фанк, сè тоа е дел од неодамна концертно промовираниот материјал, исто како што беше и на претходните изданија. Со првенчето групата покажа дека ѝ нема пандан во земјава, а со најтазе колекцијата демонстрира доведување на тој креативен микс на прагот од возможната перфекција. Безмалку сè си е на свое место на остварувањето, состојба што повеќето музичари знаат дека се постигнува потешко отколку напразно да се глуми експериментална оригиналност.

Динамиката е композиторски аспект во којшто Bernays Propaganda овој пат најмногу се истакнува. Денс-ритмите и општо, будењето на танцувачкото чувство, пак провејува, но тоа сега е исшарано со песни со средно или значително забавено темпо. Овој терен составот порано само го начнуваше, а на албумов темелно го разгазува со траки како брановидната „Чувај се од тие што те чуваат“ и ползечката „Забранета планета“. Тие две нумери го откриваат и новооткриениот сенс за мелодија, особено вокална, со која што пејачката Кристина Горовска уште поостро сече со стиховите. Слична лепливост се слуша и во заднинските и носечки гитарски лидови на Васко Атанасоски, особено во парчиња како „Додека крстот не го згасне“ и A Bone to the Dog, во која е сместена најексплозивната точка на прекршување (пресврт на таа линија има и во Ordinary Toy). Четворката прави отскок и во брзите мигови, најконкретно во „Македонски сон“, каде што ѕенѕањето е засенето од хардкорот. Баланс меѓу крајностите има во „Погрешно знаме“ и во „Бар култура“, а турнејата со The Ex се отсликува во џез-авантурите на „Леб и игри“. Џано Куч е и понатаму е нескршливата кичма на материјалот, но басот на Ненад Трифуновски под сè ровари булдожерски како никогаш претходно.

Текстуално, квартетот продолжува да чекори по слободарски, храбри, можеби дури и идеалистички патеки, кои што денес ги избегнуваме со нагли полукружни свртувања. И покрај тоа што бендот опиливо дејствува забележително повеќе од мнозинството од нас, во ниту една од строфите нема надмен став или солење памет. Сите, напротив, се напишани од агол во којшто членовите ја споделуваат одговорноста со слушателите и со незаинтересираните, кои се глуви за потребата од суштинска општествена промена. Во зборовите на групата, таа има наш, релевантен, локален, лично искусен, контекст, којшто не е вештачки издвоен од глобалниот. Токму тоа непобарано идентификување со сите, прегрнувањето на „ние“, наместо на стрелањето со „вие“, на материјалот му дава извесна тажна, потиштена, нота иако во секое зрнце тој е бунтовнички. Изборот да се обраќаат од оваа гледна точка, сепак, е извонреден бидејќи Bernays Propaganda така се вкопува во земја и подвлекува дека наместо сеирџиството, на модерниот свет најмногу му е потребна солидарноста. Ако дозволиме таа и минимално во нас да се разгори, тогаш сите идеи, замисли и соништа за поубава планета нема да ни изгледаат забранети, туку – остварливи.

Оцена: 92/100

Артист: Bernays Propaganda
Албум:  Забранета планета
Датум на објава: 26 февруари 2013
Продуцент: Ивица Јанкуловски
Издавач: Направи заедно

Листа на песни:
1. Погрешно знаме – 3:47
2. Македонски сон – 2:32
3. A Bone to the Dog – 5:24
4. Бар култура – 4:19
5. Чувај се од тие што те чуваат – 4:14
6. Забранета планета 4:15
7. Ordinary Toy 3:10
8. Додека крстот не го згасне 4:32
9. Леб и игри 5:28

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>