Да Џака Накот – Божјиот прототип [Шурикен, 2012]

Тажно е, навистина, до коскена с’рж е потиштувачки, како музиката и уметноста во каква било форма, може да биде огледало на вистинскиот живот, ама и да се крие од реалноста како мечка во зима. Популарниот звук бил и секогаш ќе биде, најпрво, саундтрак за забава на стотици милиони луѓе, а дури потоа израз што отвора очи за индивидуалните неправди, општествената трулост и политичката расипаност. Шеесеттите и делумно 70-тите години од минатиот век веројатно ќе останат уникатен период во светската културна историја кога меинстрим артот објективно влијаеше на државните одлуки иако и тоа можеби е само приказна во чија романтичност обожуваме да веруваме. Оттогаш до денес, бунтовноста во главната струја е сведена на минијатурни креативни изблици, а во одредени земји, како Македонија, е целосно непостоечка.

Спротивно од оваа сервилност, овдешната независна сцена, без разлика со кој жанр се идентификува, знае да покаже заби. Во хип-хопот, како што повторно потврдува на новиот студиски албум, “Божјиот прототип”, најострите, речиси вампирски, ги има Да Џака Накот. Имајќи ја предвид тин-хистеријата поврзана со сагата “Самрак”, аналогијава со братучедите на Носферату делува несмасна. Македонскиот рапер, сепак, на најтазе материјалот ми звучи како стогодишник кој ја цица крвта од вените на нашево полускапано опкружување и ја плука во сурово катарзичен амалгам од стихови, ритми, рими и мелодии. Следејќи како се претвораме во оаза на скратени слободи, брутално капиталистичко богатење и играње танго со фашизмот, Џака напишал плоча што е контракултурна колку што сè од наведеното е неприфатливо за (наводно) модерна демократска земја.

Гледано низ телевизиско затруени, партиско-политички, очи, ваквиот пристап лесно ќе се дефинира како антивладин пропангадистички аудипамфлет, ама и најзабеганите војници од оваа армија, ако за секунда се исклучат од матриксот, ќе слушнат дека Џака рецитира од свој, личен, човечки агол. Додуша, тоа му е во кодот уште од самите почетоци, но ударната сила на “Божјиот прототип” е неколкукратно зголемена поради ултрасилеџискиот амбиент што изминативе години се продава како нужен, неизбежен и природен за Македонија. Рапот е историски, суштински, инстинктивно, испреплетен со слободата – каква била таа – на изразување. Детално запознаен со оваа вредност, што на светско ниво се злоупотребува за што попразноглаво пцуење, Накот максимално ја искористува за да го каже сопствениот став за голем број локал-гомнар(и)и.

Беспарица, невработеност, корупција, прислушкување, членски книшки, дрога, естрада и безизлезност се дел од темите што Џака вешто и сликовито ги сецка во текстовите и ги лоцира инспираторите на нивното етаблирање во државава – моќниците, без разлика дали се политички и криминални, иако двете најчесто се поклопуваат. Скоро 50 минути и 15 песни се лудачки масивна цеде-квадратура за пополнување, но на емсито ова му поаѓа од рака со прифатливо мали падови во креативноста и течението. Покрај “Сиромашни и богати” на “ХАХАХА” ова е вториот албум од македонски артист што годинава безмалку секогаш го вртам од почеток до крај. Уличната поезија во секоја трака е мераклиско продорна, но како целина, сосе ритмите, фаворити ми се “Нитро”, Onetruerp, “Панта реи”, “СК сленг 101”, “Школа живота”, “Апостол” и “Фала за сè”.

Одлични се и, условно кажано, хитовите “Ода на гадоста” и “Аха!”, но убедливо најфеноменална трака е “Мојата девојка”. Освен што е епитом за цело издание, оваа композиција е беседа за искрената врска што авторот со години ја води со љубовта на неговиот живот – рапот. За шкарт-фраерите, кои неизбежно се дел од текстот, ова со гаранција е лигаво. Како што можеме да видиме и чуеме од труењето со нив по радијата и ТВ-каналите, таа дистанца, вештачка надуеност и во основа, внатрешна празнина, ги прави шупливи изведувачи. Спротивно од нив, хардкор-отвореноста и посветноста на Да Џака Накот му овозможува да ги креира и да ги испука римите кои најполнокрвно кореспондираат со животот надвор од видокругот на политичките узурпатори на нашите судбини. Кога на овие стихови ќе се додадат мајсторските продукциски решенија и рефренските мелодии се добива прототип на хип-хоп албум најверодостоен на моментната, божествена, ера од македонското битисување.

Оцена: 90/100

Артист: Да Џака Накот
Албум: Божјиот прототип
Датум на објава: 3 мај 2012
Продуценти: Да Џака Накот, Диџеј Гоце и други
Издавач: Шурикен

Листа на песни:
1. Нитро – 2:46
2. Onetruerp – 3:44
3. Рап-Шмап – 3:32
4. Златна бубашарба – 3:36
5. Панта реи (feat. Страјк) – 2:44
6. Душа на Мајк – 2:31
7. Ода на гадоста – 3:43
8. СК сленг 101 – 2:34
9. Школа живота (feat. Б’Уана и Дон Дада) – 4:12
10. Мојата девојка – 4:00
11. Аха! – 2:57
12. Апостол – 2:23
13. Болен ум – 2:35
14. Клошар – 3:52
15. Фала за сè – 3:35

Слични написи

Остави коментар