Новата музика има предност

Колку сака Шон Ленон нека нè убедува поинаку, сè уште не можам да најдам оправдание во тоа што гласот и лицето на неговиот татко, Џон, изминатиов период рекламира автомобили. Синот на легендарниот “битлс” тврди оти вина за тоа не е можноста да профитира мајка му, Јоко Оно. Причината, наводно, била нејзината желба да го одржи во живот ликот и делото на славниот автор и активист. Според ленонови, пред сегашните генерации тоа најлесно се правело преку телевизија. Звучи разумно, но секогаш кога ќе се појави на малите екрани, рекламата ми го размрдува стомакот како по долга вечер консумирање познато европско пиво направено со бугарска вода. Сепак, фино измонтираното спотче во светската, а и македонската, јавност, во оптек пушта една извонредна, идеја – таа за одење контра ретро трендовите.

Ленон во клипчето вели: “Кога еднаш ќе се направи нешто, со него е завршено. Затоа, оваа носталгија за 60-тите и за 70-тите, гледањето назад за инспирација, копирањето на минатото, каков рокенрол е тоа? Направете нешто свое, почнете нешто ново. Живејте го животот сега”. Поради овие зборови, речиси секој ручек се потсетувам на својата, според некои, нездрава потреба за свежи изданија од повеќето звучни жанрови, не само од рокот. Иако до крај не се согласувам со ставот на Ленон дека воопшто не треба да се наѕирате назад за да создавате во сегашноста, со него сум на иста линија околу суштината на пораката – новото е секогаш повозбудливо од старото. Подобро, не по правило. Особено во периоди како сегашниот, кога меинстримот е преплавен со отпадоци на креативноста, а не со креативни отпадници.

Поради закржлавеноста на главната звучна струја, многумина денес се убедени оти “порано беше боље”. Знаејќи дека музиката е циклична, ако човек кој растел во 90-тите, се обиде да му објасни на друг, што бил тинејџер во 80-тите, дека бендовите од деветтата деценија од 20 век биле поасални од тие во осмата, во таа мисија ќе доживее дебакл. Истото важи и за сегашните генерации – доколку сакате да им ја продадете идејата дека “не знаат што е добра музика”, тие ќе се смрштат исто како што сите ние, што сме се оформувале како личности пред 20-ина години, одбивно реагиравме кога нè убедуваа дека Nirvana може вода да им носи на култните групи од бившата југословенска сцена. Не им верував тогаш, а и сега не ми е јасно што ги прави тие бендови привлечни. Од друга страна, иако In Utero којзнае од кога не сум го слушал, ако сега го свртам, убеден сум оти на Serve the Servants или на Pennyroyal Tea ќе се наежам како и во 1994 година.

Сепак, барем за мене, а верувам и за многу други, обидот постојано да го бркам тоа, буквално идентично чувство, одамна е завршен. Од споменатиот прекрасен период, на кој повремено своеволно носталгично ќе се навраќам, зачував една работа – потребата за музичка свежина. Многумина, исто така, ме убедуваат оти денешниот начин на живот, брз, површен, технолошки зависен, изврши геноцид врз способноста на индивидуата во убавите нешта да ужива, да ги густира, да ги восприема со сите сетила, а не исклучиво преку мониторот. Бидејќи живееме во време кога притисокот за успех и вечна слава на децата им се вкоренува уште од мали нозе, потешко е да се одвои време, а камо ли присуство со умот, додека на слушалки или на звучници врти некое издание. Ама ако е потешко, не значи оти е невозможно. Надворешниот свет, опкружувањето, отсекогаш имал за цел и во иднина ќе сака, да ни го десеткува внатрешниот, но ако тоа беше непремостива пречка, уметноста немаше воопшто да се роди и сега сите ќе бевме здодевни и сериозни од раѓање до смрт.

Еден од најдобрите начини како тоа може да се спречи – не да умреме, туку да си останеме интересни на себеси и на другите – е преку неуморната потрага по новини. Ако лакомо бараме нов мобилен, ЛЦД-телевизор, лаптоп, автомобил и што уште не, зошто тоа да не го правиме и со музиката. Освен што заштедува пари во споредба со тракатанциве, задоволувањето на потребата за откривање претходно нечуени бендови или соло-изведувачи, младоста ја става во книшка и ја штеди. Тоа не носи камата во вид на финансии, но таложи богатство од чувства, идеи и искуства. Со него не можат да се купат најмодерните геџети со кои се зголемува степенот на фраерлук во маало, во друштво, во училиште или, пак, на работа. Изобилството од подеми, падови, порази или победи, содржани во добра песна или во моќен албум, на духот ќе му овозможат да прокнижува добивка и постојано да биде во топ-форма. Ако новата музика е исполнета токму со тоа, со човечки приказни претопени во звук и стих што чекаат да бидат прочитани, таа секогаш мора да има предност.

Слични написи

1 коментар

Maja 22/04/2011 - 16:53

Каакво размислување за младоста у штедна книшка еј! Браво! 🙂

Reply

Остави коментар