No Age во акција во денсинг-салата на МКЦ | Фото: Игор Костов
Најдобра работа кога се случуваат фини настани во Скопје, како викендов, кога се одржа првото издание на фестивалот “Здраво млади!”, не е можноста во живо да се слушне бенд или музика што претходно гостувала само на нашите слушалки или звучници, ама не и во градот во кој што живееме. Најубавото нешто кога во кино ќе почне да се прикажува нов македонски филм, како “Панкот не е мртов”, што од пред неколку дена е на репертоарот на “Милениум”, не е радоста дека, сепак, во земјава можат да се снимаат пристојни наслови необременети од нелогичната и провидна помпезност од која долги години пати домашната кинематографија. Најсреќната околност во повременото излегување во места како “Лаика” не е смирувачкиот заклучок дека во овој град, што боледува од позерство во размери неспоиви со фактичката состојба на теренот, сè уште може да се отиде некаде и притоа да не се добие чувство дека сте залутале на класно-интелектуална модна писта.
Овие мераци си имаат своја, горчливо-слатка, посебност, но сите ги поврзува едно задоволство (или разочарување) далеку посуштинско од сè прекрасно што може да се доживее додека тие се одмотуваат пред наши очи. Тоа е можноста да провериме, не колку сме станале на број, туку колку сме останале. Во центрите на повеќето западни земји таа, често огромна, група на луѓе се менува како што се менуваат генерациите, а во Скопје се одвиваат две промени: има сè повеќе избелени коси и сè помалку имиња во списокот на клубот со членови. Голем дел од нив одамна направија трансфери што подалеку од Балканот, уште повеќе, едноставно, се откажаа и се повлекоа во своите домови, како што и сакаат политичарите, а не така малку за смешни пари се продадоа себеси на противничката екипа што до вчера ја плукаа. Во клубот, што секојдневно трпи порази од преџвакани естрадни балкански гастрбајтери за кои, кај и да е, ќе треба да се градат уште преродбенички сали, останаа само тие што се во заблуда дека ќе дојде денот кога градов и земјава ќе се упристојат.
Од заблудите, во грото од случаите, треба да се бега како што многумина бегаат од Македонија. Тие што немаат таква опција, заблудата дека на следниот фестивал ќе има повеќе нови од стари фаци, дека на следната кинопремиера бројот на полни ќе биде значително поголем од бројот на празни столчиња, дека следен концерт што ќе го најават организаторите ќе биде со име од сегашноста, а не од минатото, таа заблуда треба да ја грабнат со две раце, со сета сила и да не ја испуштаат. Можете да ме сметате за будала од вселенски пропорции, но од оваа заблуда немам намера да се откажам. Зашто, што е заблудата ако не оптимизам. Секако, поприфатливо е да кажеш оти веруваш во полуполна, а не во полупразна чаша. Ако, пак, веруваш, без разлика колку малку, дека нешта што не даваат знаци на живот, необјасниво ќе оживеат, тогаш си во заблуда. Нека ме наречат психијатриска аномалија што треба да влезе во учебниците, но од заблудата дека следниот настан, што мнозинството не го разбира, ама во кое моето малцинство ужива, ќе биде и само за нијанса поуспешен, немам намера да се откажам.
Тоа не го правам бидејќи сакам да го водам животот според нереални очекувања. Ако ја отфрлам оваа заблуда, ме чека реалност што го вкоренува чувството дека живеењето во Скопје и во Македонија не води никаде. Како што прецизно кажува Ноам Чомски, во животот имаме два избора: “Можеме да се откажеме од надежта, да се чувствуваме безнадежно и така да се осигураме дека најлошото ќе се случи. Или можеме да имаме надеж, па потоа да се обидеме да ја оствариме таа надеж, по што постои шанса дека нештата ќе се подобрат. Ако изборот се сведува на ова, не е избор. Тогаш, секако, имаш надеж”. Заменете ја надежта со заблуда во оваа изјава и станува јасно зошто ќе продолжам да живеам во неа. Можеби и треба да основаме Здружение на луѓе во заблуда дека Македонија ќе се упристои. Волонтирањето во неа ќе се состои во одење на фестивали, концерти, филмови, претстави и сè што не го фаќа радарот на најголемиот дел од популацијата во земјава. Додека сме тука, тоа е за секого од нас подобро, отколку да кука. Што е важно колку сме. Толку сме, дури и да сме нетокму.
2 коментари
И кога мислиш или очекуваш дека таман има список со бендови кои малку ќе ја помрднат младата популација, ти заврнува од единствениот облак на небото. И знаеш дека надежта не умира, ама исполнувањето на желбата мораш да го одложиш до наредниот концерт. Ние малкуте покажавме дека сме доследни на музиката и ги испочитувавме гостите. Нивните впечатоци ќе раскажуваат колку сме им ги исполниле очекувањата. Се молам да сме поминале со одличен 5. Инаку се согласувам дека колку сме, толку сме, нетокму сме. А оние кои се токму и бројат повеќе се упатуваа во диското залепено до нашиот вечен и верен МКЦ. Ги жалам за валканиците во ушите што им ги туркаат. Ние барем знаеме да избереме “хигиенска“ музка. И така ќе си останеме со чисти сетила и со уверување дека нема да продолжиме да старееме и да останеме единствените кои избираат МУЗИКА.
Таман текст и во принцип така е: имам впечаток дека црната слика за Скопје е производ на автосугестија. Тоа што екипата на МКЦ ги мрдна работите од мртва точка и што фаци како Грга продолжуваат да се борат контра секоја „нормална“ претпоставка за тоа што може а што не може да функционира ме радува ептен. Е сега, зошто публиката на Здраво млади беше во толкава мера 25+ години треба да се стави во некој поширок муабет. Не верувам дека младината не знае што е добро затоа што тоа е комплетно старски муабет што се повторува од кога пештерските луѓе се расправале со своите деца. Во таа насока, ме интересира како ќе помине роденденот на 103ка: иако искуството и тековната дискусија инсистира дека публиката на 103ка е наследена т.е. стара, којзнае… Ќе ми биде големо задоволство да излезе поинаква, нова публика во МКЦ. И конечно, свирката во Менада беше закон по секој стандард и целиот настан беше крајно надреален, така што од тој аспект дури на ситна стара публика дека може некој настан така сериозно да одвали е онака, феноменално и инспиративно.