Водич во Таксират 13: Што треба да се види [2/2]

Со концертот на Jaya the Cat, Kawasaki 3P, Rise оf Artificial и Selector Lazy Face синоќа завршија предтаксиратските прослави, што значи клубот “Колосеум” конечно ќе може да здивне и да се врати во турбофолк-нормала. На програмата на 13-тото издание на фестивалот останува утрешниот централен настан што, традиционално, ќе се одржи во првата хала на Скопскиот Саем, или кажано модерно – “Метрополис Арена”. Строго од гледна точка на актуелност, како и загревачките свирки, и главната вечер не може да се пофали со целосна актуелност. Меѓутоа, ако некаков доказ е масовната посетеност на концертите изминатава недела, изборот на изведувачите соодветствува со потребите на публиката. Од имињата на завршницата што е препорачливо да се видат, во првиот дел од статијата беа вброени Kaiser Chiefs, а сега се избрани три и едно од носталгични и љубопитни причини. А бидејќи денеска на “Таксират” е слободно коло, кој сака умни фрики звуци наредени по необврзувачко убедување, “Јаболко за даскалот” вечерва има гага полуакустичен настап во Old School Café.

Верка: Џагање со моторни песни

Датум: 3 декември 2011
Време: 19.00 (почеток на фестивалот)
Локација: Метрополис арена, Скопски саем

По објавата на феноменалниот “Моторни песни”, “Верка” лани и годинава не одржа ниту приближно толку свирки колку што материјалот заслужува. Причините за тоа не ги знам и нема потреба да шпекулирам, но оваа колекција авторски песни несомнено треба да добие шанса да ја слушне поголема маса луѓе. Таква можност делчевскиот бенд ќе има на големата бина на главната вечер на “Таксират 13”. Најдобро сеќавање за составот имам од истото место, кога по победата на “Лузер фест” имаа запалив настап пред легендарните “Лајбах”. Како и секоја панк, хеви или хардкор-група, и “Верка” се поостри во помал простор, но ако искуството од пред неколку години е доказ, за нив и масивната сцена е предизвик во кој што се подеднакво одлични. Во сето тоа, огромен бонус е што моторните песни првпат ќе пржат од профи фестивалски разглас.

Buraka Som Sistema: Најсвежо име на фестивалот

Се обидов, изгледа не доволно, и веројатно затоа не можам да одлучам кој артист на годинашниот “Таксират” е најголема меинстрим ѕвезда. Во светот, нормално, оти во македонската главна струја најмногу мегавати се трошат на Аца Лукас и соборците. По бројки, со над два милиони продадени копии од своите албуми, титулата им припаѓа на Kaiser Chiefs, но тие се големи во Британија и во Европа, а речиси непознати во САД. На критички план, пак, односно според пофалби за оригиналност, Buraka Som Sistema води на двете страни од барата. Засилувајќи го африканското традиционално кудуро со електронски денс-ритми и дигитални мелодии, португалската група креира потентен микс што најдобро се консумира на подиум, но се цени и во домашен амбиент. Тешко дека ќе станат суперстарс, ама за Скопје ова ќе биде посебна можност да ги чуе и види Buraka Som Sistema пред поширокиот аудиториум да ги открие. А тоа ќе се случи.

Т.Б. Трачери: Кинки у саемска џунгла

Откако пред некое време ја подосвежија и ја стабилизираа поставата, “Т.Б. Трачери” не покажуваат знаци оти имаат намера да запрат – и креативно и со свирки – што во никој случај не е лошо. Уствари, зашто го дрвам, кога можам директно да кажам – проклето е добро што бендот создава нови песни и релативно редовно настапува. Со оглед на тоа што ова последново изминатава година најчесто го прават во Куманово (не се жалам, ене го кај е), изведбата на “Таксират” може да биде совршен изговор и Скопјани во што поголем број да ги домк’нат задниците за во живо да ги слушнат песните од цедето кое бендот го објави неодамна, “Кинки у нервозна џунгла”. Можеби е до Кирчо, можеби е до Еди и до остатокот од бандата, а можеби, едноставно, е до песните за оваа постава да ми звучи веројатно најстегнато во долгата кариера на “Т.Б. Трачери”. Ова се многу “можеби” во реченица, но едно е сигурно – кумановската група вреди да се гледа.

НАПОМЕНА: Не е препорака, туку носталгија и љубопитност

Clawfinger: Потсетување на рап-металот од средно

Датум: 3 декември 2011
Време: 19.00 (почеток на фестивалот)
Локација: Метрополис арена, Скопски саем

Да беше 1995 година, кога се појави албумот Use Your Brain, а синглот Pin Me Down редовно рокаше на MTV, Саздо средношколецот ќе имаше мака да го скрие меракот по објавата дека Clawfinger доаѓаат на “Таксират”. Денес, сепак, сме 2011 година и не се изненадив толку од веста, колку од сопствената млитава реакција. Јасно, тоа се вика надраснување, а сепак, секое соочување со него е симпатичен пример за природниот тек на животот – тоа што пред деценија и пол ти било исклучително значајно, сега не те ни заскокоткува. Разбирливо, кога музиката е во прашање, нејзината долговечност е директна поврзана со квалитетот. Со својот рап-метал, кој што од останатите во тоа време, како Rage Against the Machine, се разликуваше по индастријал-продукцијата и здрвеното рецитирање, Clawfinger ниту тогаш не беше меѓу најдобрите, но одлично послужи како почетна точка. Од поновите албуми се гледа дека не дотуркале далеку, но чисто носталгично, фино ќе биде да се чујат стварите од првите два диска.

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар