Скопје во Гинис според журкањето

Претставници на Гинисовата книга на светски рекорди најавија дека на 16 декември ќе допатуваат во Скопје за да го проследат најмасовното журкање на Балканот. Изминативе неколку години Македонија се наметна како една светските велесили во ожуркување, професионален спорт што стана сèнароден, фолк, турботренд. Настанот е во рамки на серијалот слични случувања што традиционално се одржуваат во последниот месец од календарската година. Тие се дел од лудилото под чие влијание добар дел од земјата потпаѓа триесетина дена пред најшвркнатата ноќ. За разлика од повеќето турнири во оваа категорија, тој во средината на декември ќе трае досега невидени шест часа.

Претстојниот собир за џабе не влегува во категоријата спектакли. За да ја имаат честа да учествуваат, љубителите за котизација ќе треба да одвојат само 400 денари, што е симболична цена, речиси бесплатна за нашето просперитетно општество. Публиката со оваа сума ќе добие право на натпревар во првенството што ќе го даде новиот шампион, но и сребрениот и бронзен носител во журкање. Тие пред себе ќе имаат тешка задача отелотворена во најголемото и најгустото поле со коприви. Ова растение не е омилено ниту кај обичните граѓани. За спортските професионалци тоа е непријателот што мора да се нападне со сета сила и концентрација бидејќи поединците со најголем степен на изжурканост дома ќе си заминат со највредните трофеи – златна, сребрена и бронзена коприва специјално дизајнирана и изработена во една од најпопуларните леарници во Италија.

Правилата на професионалното журкање, што често погрешно се меша со нуркање, се прости. На зелениот терен, кој во декември ќе биде исполнет со најголемата концентрација на коприви на Балканот, играчите се соочуваат во неколку дисциплини. Целта, секако, е што повеќе да се изжуркаат. Има трчање на 400 метри, скок во далечина, 50 колути напред и најпопуларното, лизгање на голи гради, познато и како ласта на суво, односно во коприви. Недозволени средства нема. Користењето на алкохол и други супстанци за намалување на болката од журките е дозволено, дури може да се рече дека се охрабрува. По завршувањето на секоја категорија, судиите ја оценуваат големината и црвенилото на изгорениците од копривите.

Трите поединки и индивидуалци со најдобар скор ќе освојат прво, второ и трето место. Овој резултат им обезбедува учество на Светското првенство во журкање што, како и во изминативе две децении, се одржува во Србија, по Нова Година. Од нашите соседи имаме и неофицијално признание дека Македонија ги шие во коприварникот, што е и разговорното, народно, име на спортот. Луѓе на високи позиции во Федерацијата на професионално журкање не се срамат капа да им симнат на челниците во земјава. Тие го поздравуваат посветеното организирање низа гренд-слем и мастерс-митинзи и велат дека дошло време учителите да уплатат курс кај учениците. Српските копривари со внимание ќе ја следат Најголемата журка на Балканот на 16 декември во Скопје. Целта им е да ги воочат слабите точки на македонските коприварци. Дојден е денот, гордо велат тие, империјата на турбожуреви да го возврати ударот иако наполно се свесни дека, во овој популарен и распространет спорт, Македонија извесно време ќе остане неприкосновен лидер.

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

Слични написи

Остави коментар