Најдобрите бендови со само еден албум: 1990 – 1997 [2/3]

Ако во првиот сегмент од оваа триделна листа доминираа панкерите надополнети со еден блуз-исклучок, во вториот 50 проценти му се отстапени на гранџот, а по 25 на металот и на хардкорот, но не во своите традиционални варијанти. Со оглед на тоа што станува збор за бендови со само еден албум, голем дел од нив се наменски проекти, без долгорочни планови и често составени од музичари од веќе етаблирани имиња. Иако немав таква намера, во второто продолжение три од четирите артисти се супергрупи. Сепак, да влегуваа во вообичаената шема на суетни инструменталисти кои решиле да измолзат уште пари на колегијална основа, овие бендови ќе беа само број на печатење во фабрика за дискови, а не и творци на дела што се паметат. Овој дел од статијата ги покрива плочите објавени од 1990 до 1997 година.

Mother Love Bone: Гранџери со прерано скусена кариера

Активни: 1988 – 1990
Албум: Apple
Година на објава: 1990
Статус на бендот: Растурен

За клинци што растеле, односно завршувале основно и почнувале со средно школо во 90-тите години, центар на светскиот рокенрол не беа Њујорк, Лос Анџелес или Лондон, туку Сиетл. Кон крајот на осмата и почетокот на деветтата деценија на 20 век во овој град експлодира стил што ги фузира панкот, хардкорпт, металот и хард-рокот, а во меинстримот исфрли бендови како Nirvana, Soundgarden, Alice in Chains и Pearl Jam. Поради прераната смрт, на 24-годишна возраст, на пејачот Ендру Вуд, многумина забораваат оти нераскинлив дел таа сцена беа и Mother Love Bone. Единствено снимен на албумот Apple, звукот на петорката воглавно се движи во рамки на сиетловскиот стил со посилно хеви од панк-влијание, а тоа што ги издвојува, секако, е гласот на Вуд. Доказ дека MLB поседуваа талент е што два члена, Џеф Амент и Стоун Госард потоа заедно со Еди Ведер и Мајк Мекриди го основаа Pearl Jam. Освен тоа, Alice in Chains првенчето го посвети на Вуд, а Temple of the Dog беше основан и сними само еден албум токму во негова чест.

Nailbomb: Последниот добар бенд на Макс Кавалера

Активни: 1994 – 1995
Албум: Point Blank
Година на објава: 1994
Статус на бендот: Растурен

Благодарение на Godflesh и на Ministry, ритам-машините се пресрамија и почнаа да се протнуваат на метал-сцената, а еден од ваквите проекти со најкус рок на траење, но што се вбројува меѓу најдобрите е Nailbomb. Sepultura тогаш беше единствениот бенд на Макс Кавалера и со нив сè уште правеше феноменална музика. Кога со Алекс Њупорт од Fudge Tunnel решија да снимат албум, резултатот беше Point Blank, 62-минутен збир од индастриал-продукција, мрсни рифови, панк-текстови и хардкор-пристап. Светов чат-пат се среќава со уникатно гневни, интелигентни, плочи, а оваа без сомнение ќе остане запаметена по фуриозноста и чистиот бес иако се работи за наменски проект, зачнат да создаде едно издание и да се растури. Во хеви-рамки, ова е супергрупа, меѓутоа, таа не пати од напуваноста што е неизбежна кога суетни ѕвезди ќе решат заедно да се изразат креативно. Плус, реално, ова е последниот добар бенд на Макс Кавалера.

Mad Season: Сиетловска супергрупа без скрупули

Активни: 1994 – 1999
Албум: Above
Година на објава: 1995
Статус на бендот: Растурен

Не ми е гајле дали ќе се дефинира како патетична носталгија, но од заедништвото што во 90-тите го прикажаа бендовите од сиетловската сцена, без разлика колкав степен на слава достигнаа, денес речиси и да нема трага. Освен Temple of the Dog, пример за таа меѓусебна поддршка и желба за соработка е и Mad Season. Овој состав ги спои Alice in Chains (Лејн Стејли, вокал), Pearl Jam (Мајк Мекриди, гитара), Screaming Trees (Барет Мартин, тапани) и The Walkabouts (Џон Бејкер Сандерс, бас). Четворицава музичари делеа студио по што се роди Above, извонредно рок-издание со силен блуз-нагласок врз неговата разбирлива гранџ-основа. Врисокот на Стејли е столб на материјалот, но ниту Мекриди не заостанува со своите шестжичани делници полни со слики на памук и големи делти на американските реки. Иако создаден во време кога сите членови се на врвот на славата, дискот не пати од нивната дефокусираност и его-трип, туку и денес добро се држи зашто Mad Season звучи како бенд, а формално е супергрупа.

Handsome: Жесток хардкор со поинакви мелодии

Активни: 1996-1998
Албум: Handsome
Година на објава: 1997
Статус на бендот: Растурен

Не беше во план, но, вака-така, со второто поглавје од триделнава листа доминираат супергрупи. Отсекогаш тапа збор, а сепак, прецизно опишува кога во нов бенд ќе се соберат музичари од активни или непостоечки состави. Од сите овде, Handsome се убедливо најанонимни, најмногу поради тоа што групата ја сочинуваат членови на и онака не којзнае колку познати имиња како Quicksand, Helmet и Cro-Mags, сите со корени на њујоршката хардкор-сцена. Наједноставно, стилот на Handsome се опишува со несреќниот термин пост-хардкор. Прилично широк, тој ги опфаќа бендовите кои се бучни како и ха-це традиционалистите, но наместо да бидат брзи по секоја цена, тие се мелодични, бавни и динамични. Оваа комбинација Handsome ја засилува со поп-шмек и рефрени без да ја загуби масивноста на рифовите. Ваквиот спој одамна е етаблиран, денес не е никаква новина, но во средината на 90-тите години беше прилично храбар исчекор во строгиот хардкор-свет.

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар