Најдобрите бендови со само еден албум: 1970 – 1989 [1/3]

Музичката сцена е сурова. На неа нон-стоп се основаат едни, се растураат други и во живот се одржуваат трети групи иако живуркаат на полупразни креативни батерии. Има многу случаи на артисти што постоеле нелогично кратко, а се запечатиле далеку поцврсто на сцената од некои што цепаат со децении бидејќи единственото нешто во кое што се добри е постојаното клонирање на сопствените идеи. Во оваа констелација се сретнуваат и состави што издале само еден албум во кариерата. Правилото вели оти тие најчесто потоа се растуриле иако има и такви што се качиле на возот влечен од локомотивата на реоформувањето. За најголем дел од нив, исто така, признанието од поширока јавноста дошло предоцна. Со цел приказната да продолжи да живее, следува триделен серијал посветен на овие бендови. Селекцијата е изведена просто – вклучени се артисти со еден студиски албум. Концертни остварувања, синглови и ЕП-материјали не се бројат.

Derek and the Dominos: Лансирна рампа за Ерик Клептон

Активни: 1970 – 1971
Албум: Layla and Other Assorted Love Songs
Година на објава: 1970
Статус на бендот: Растурен

Ако го поставите навидум простото прашање за сите барем малку посветени фанови на музиката – чија песна е Layla – најголем број веројатно како од пушка ќе одговорат: на Ерик Клептон. Де факто, точно, ама де јуре, ова е нумера на Derek and the Dominos. Со оваа група, во која што членуваше и незаборавниот Двејн Алман, мистер Слоухенд ја напиша (заедно со Џим Гордон) и ја сними гореспоменатата нумера. Таа дефинитивно е најславната на плочата и една од најкомплетните љубовни рокенрол-композиции, но изданието не се потпира само на нејзините квалитети. Тука е снимен чистокрвен блуз-рок-материјал што феноменално ги извлекува и спојува најсуштинските елементи од двата жанра. На ова само може да се додаде дека Layla and Other Assorted Love Songs е единственото студиско остварување на кое што Клептон и Алман свират заедно. А тоа, најискрено, го прави албумот непроценлив музички уникат.

The Germs: Пионери на сцената во Јужна Калифорнија

Активни: 1977 – 1980, 2005 – денес
Албум: (GI)
Година на објава: 1979
Статус на бендот: Обновен во 2005 година

Во екот на гранџ-ерата во 90-тите години, сите знаевме кои беа Nirvana. Курт Кобејн на гитара и вокал, Крист Новоселич на бас и Дејв Грол на тапани. Во подоцнежната фаза на бендот, што се покажа и како конечна, на фотките почна да се појавува и уште едно, четврто типче, често избланширано. Немавме појма за кого се работи, но набргу потоа се разјасни дека човекот бил меѓу основачите и автори на музиката на The Germs. Пет Смиар кон крајот на 70-тите години, заедно со пејачот Дерби Креш, го создаде бендот што го внесе хардкорот во панкот во Јужна Калифорнија и силно влијаеше овој дел од САД да стане расадник за слични состави. Тоа што е снимено на (GI) е сирово, жустро и валкано, како што и се очекува од вистинските претставници на овој правец. Откако Креш се самоуби, групата се растури, сè до 2005 година, кога почна пак да настапува со Шејн Вест, актерот што го глумеше фронтменот во филмот What We Do Is Secret.

Minor Threat: Клинци со најсилен печат во хардкорот

Активни: 1980 – 1983
Албум: Out of Step
Година на објава: 1983
Статус на бендот: Растурен

Возраста влијае, но во музиката таа често не е ниту најмал фактор кога се работи за тоа дали одреден бенд звучи искусно, дали е крајно свој, дали е издефиниран. Minor Threat, групата на Ијан Меккеј пред поинтелектуалните Fugazi, на стартот на 80-тите години беше основана од клинци, ама печатот што тие го плеснаа на хардкор-сцената и сега е изненадувачки јасно видлив. Од оваа група излезе терминот стрејт-еџ, односно живот ослободен од дрога и алкохол. Музички, пак, составот ја сублимира неприкосновената и искрена енергија на панкот со поцврсто, пожестоко јадро, на индивидуализмот, но и на заедништвото, на поддршката. На Меккеј му прекипи од агресијата што се слуша на оваа 12-инчна плоча, меѓутоа, таа и денес постои како документ на бунтовништвото, на неконформизмот и на минато, поедноставно, време во хардкорот. Ова е инстинктивна катарза во девет песни и 22 минути.

Operation Ivy: Татковци на модерниот ска-панк

Активни: 1987 – 1989
Албум: Energy
Година на објава: 1989
Статус на бендот: Растурен

Калифорнија во 90-тите стана една од најплодните почви за мелодичниот панк, а во рамките на овој стил, посебно, не така мало место, си зазема и ска-корот. Овој правец во меинстримот се проби преку групи како The Mighty Mighty Bosstones и нивните погневни колеги Rancid, но тие немаше ниту да ги помирисаат топ-листите доколку не постоеше Operation Ivy. Во само две години и одвај еден студиски албум, овој состав успеа да создаде стил, да акумулира енергија, да ја пренесе и таа да биде запаметена и до денес. Во двегодишниот период додека твореше, четворката го врза хардкор-панкот со ска-елементите и помогна да се изградат темели на движењето што експлодира во главната културна струја во 90-тите. Како што тоа често бива, групата речиси целосно си остана во подземјето, незабележана од мас-медиумите, а дека биле на вистински пат докажа нејзиниот член, Тим Армстронг, кој потоа се прослави токму со Rancid.

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

Слични написи

Остави коментар