Музички имиња што ја заслужуваат фамата [1/2]

Медиумите и критичарите што покриваат музика, особено во Британија, отсекогаш имале нескротлив нагон да дуваат огромни балони со пофалби за одредени групи и соло-изведувачи. Статистиката за тоа кога биле потполно во право, кога грешеле до неподносливост или, пак, заглавиле некаде на средина, вели дека почесто пумпале фама напразно. Долг е списокот на имиња што осамнувале на насловни страници, што биле прогласувани за второто доаѓање на Исус, за по еден албум или по некој полухит-сингл да испарат и да исчезнат од колективното сеќавање. Експанзијата на интернет-магазините и на блог-рецензентите оваа појава ја крена над плафон. Арно ама, во и не така мал број случаи, галамата што се крева за извесни бендови и пејачи е целосно оправдана. Можеби е здодевна, толку честото излегување од фрижидер (нашите се калибрирани само за турбо-треш) сигурно е напорно, но несомнено е точно. Во продолжение е првиот дел од мојата листа на 10 музички имиња што ја заслужуваат фамата.

Fleet Foxes – Барокни поп-генијалци

Основани: Сиетл, 2006 година
Албуми: Fleet Foxes (2006) и Helplessness Blues (2011)
Фама-метар: 8/10
Оправданост: Првото цеде на оваа сиетловска формација во САД се продаде во над 400.000 примероци, а годинава дебитираа на второто место на албумска листа на “Билборд” со дискот што досега беше испорачан во повеќе од 150.000 копии. Да, бројките, особено во меинстримот, не секогаш се изедначуваат со квалитетот, но Fleet Foxes не е ниту вообичаен комерцијален бенд, ниту се фабрикувани ѕвезди, ниту, пак, се празна школка однандвор излакирана само со маркетинг финти. Оваа (моментно) шесторка, заслужува да биде уште помасовно слушана и почитувана. Нивната фузија на американски, речиси дилановски, фолк со современ инди-рокенрол е емотивно и музички разбирлива, а и не пати од комплекс на надредена интелектуална вредност. Тоа што го пишуваат, најпросто кажано, се убави песни. Тие прават врамнотежен осврт на минатото, сегашноста и иднината, преку фин микс на носталгија, реалистичност и фантазија. Во која графа ќе ги сместите, е најмалку важно.

Wolves in the Throne Room – Блек-метал за хипстер-генерацијата

Основани: Олимпија, 2004 година
Албуми: Diadem of 12 Stars (2006), Two Hunters (2007), Black Cascade (2009), Celestial Lineage (2011)
Фама-метар: 7/10
Оправданост: Од сите имиња на оваа скромно, наивно и целосно фановски склопена листа, Wolves in the Throne Room се во најнезгодна ситуација. Како и да го вртиш, тие се блек-метал состав. Не се од скандинавските земји, не се облекуваат во кожа, немаат бодежи на рацете и не го бојосуваат лицето како човечки трупови, но во секој поглед, нивната музика е задлабочена во мракот на споменатиот жанр. Иако не влегуваат во калапот на бендови што ги слуша традиционалната хеви-публика, американското дуо (во живо поддржано од повеќе сешн-музичари) е расчеречено меѓу извиканоста што ја добива од инди-публикациите и горкиот мрч од trOO фанатиците. Последниве можат да бидат гласни колку што сакаат, тоа не може да го поништи фактот дека групата создава издржана, специфична, препознатлива и на многу начини, само нивна, форма на блек-метал. Таа во никој поглед не е за сечиј стомак, но нејзината темнина и сировост не се среќава толку често на музичката сцена и само заради тоа заслужува хвалоспеви. На тоа додајте и дека прават недосадни 10-минутни епови и сета џева е на место.

Kanye West – Его-манијак со дебело покритие

Активен: Од 1996 година во Чикаго
Албуми: The College Dropout (2004), Late Registration (2005), Graduation (2007), 808s & Heartbreak (2008), My Beautiful Dark Twisted Fantasy (2010), Watch the Throne (2011) (со Jay-Z)
Фама-метар: 10/10
Оправданост: Ако некаде постоеше најголемиот мегафон на планетата, Kanye West ќе измислеше и своерачно ќе направеше уште поголем за да се фали колкава е неговата генијалност. На сличен начин и критичарите од најрелевантните меинстрим медиуми, но и нивните елитни колеги од интернет-сферата го издигнаа продуцентот и рапер до толку висок пиедестал, што многумина попрво би повратиле, отколку да се израдуваат при изустувањето на неговото име. Точно, нема доволно рерни на светов за да се задоволи Канјевата потреба да ја вади главата од нив, ама барем човекот има креативен талент и способност за егзекуција каква што денес нема никој друг на комерцијалната поп-сцена. Од ритми, семплови и лирика, преку продукција и концертни спектакли до уникатен карактер и медиумска персона, Kanye West ги поседува сите мирудии што се очекуваат од постмилениумска суперѕвезда. Плус, неодамна издаде албум заедно со Jay-Z и не дозволи да биде ставен во неговиот заб. А да не бидеш изеден од Hova, на иста плоча, не е мала работа.

Arcade Fire – Најценетите рокери на планетава

Основани: Монтреал, 2001 година
Албуми: Funeral (2004), Neon Bible (2007), The Suburbs (2010)
Фама-метар: 9/10
Оправданост: Со вкупно 31 номинација и освоени 16 награди, од кои шест канадски “Џуно”, две “Брит” и една американска “Греми”, како и неколку албуми прогласени за изданија на годината, Arcade Fire си ја забетонира позицијата на најценетиот рок-бенд изминативе пет-шест години. Дури и Radiohead, резервните миленици на критичарите речиси две децении, денес не се толку величени како Вин Батлер и неговото арт-племе. Ги слушам и ги почитувам уште од Funeral, но признавам, пред да ги гледам во живо на годинашниот In Music Festival во Загреб, стрелката на скепсометарот за тоа дали вредат колку што медиумите ги продаваат, беше навлезена длабоко во црвената зона. Бендот што на албум е извонреден, а на бина феноменален, чесно си ги заработил сите претерани епитети упатени на негова адреса. А освен за пишување музика, тие се на сосема поинакво ниво од опкружувањето и кога играта со зборови е во прашање. Не ми се ниту меѓу десетте омилени, но целосно се согласувам дека Arcade Fire се најдобрата рок-група денес. На меинстрим сцената, секако.

The National – Меланхолични антидепресивци

Основани: Синсинати, 1999 година
Албуми: The National (2001), Sad Songs for Dirty Lovers (2003), Alligator (2005), Boxer (2007), High Violet (2010)
Фама-метар: 8/10
Оправданост: Ако мене некој ме прашува, а не знам зошто не го прават тоа, тогаш The National ќе беа најслушаниот рок-бенд од Лос Анџелес до Камчатка. И сега се славни, полнат сали во мегалополиси и во опскурни градови, а меѓу главните причини за тоа е речиси безрезервната љубов и внимание што од објавата на третиот албум, Alligator, ги добиваат од креаторите на јавното мислење. Квинтетот не влегува во традиционалната шема на состави за кои што околината паѓа во несвест, најмногу зашто нивната музика носи извесна меланхолија од која што масовната публика вообичаено бега. Меѓутоа, со последните три плочи групата оствари перфектен скор, полнејќи ги со мелодии и песни што се како печени за химни на нашето време. Таа универзалност е јасна, но бидејќи е спакувана во темносина (не е црна) кутија, го заслужува сето поттурнување што може да го добие од критиката. За среќа, бендот од 2005 година наваму не разочарал и тоа го прави соџвакувањето на целата фама далеку полесно. За остатокот од светот, мене ми беше доволно само еднаш да ги слушнам и веднаш бев покорен.

0 коментар

Слични написи

Остави коментар