Музички имиња што ја заслужуваат фамата [2/2]

Фамата никогаш не ми била којзнае каков мотиватор да почнам да слушам одреден бенд или изведувач, ама и не била причина поради неа од прва да ги отфрлам. Ќе се правам фраер ако тврдам дека дигањето претерана џева во медиумите никогаш не ме поттикнала да се заинтересирам, ама во ниту еден случај тој облак од крената прашина не бил пресуден дали ќе ми се допадне извесен артист. Поради фамата, во меинстримот можат да бидат привлечени кон помалку познати имиња и затоа таа не може да класифицира исклучиво како негативец. Точно, напорен е нападот од сите страни, но ако можете преку тоа да преминете, ќе се изложите на извонредна музика. Подолу е вториот дел од мојата листа од топ 10 имиња што ја заслужуваат фамата, надополнета со пет за кои што вреди да се џагори уште погласно.

Grinderman – Супергрупа со покритие

Основани: Лондон, 2006 година
Албуми: Grinderman (2007), Grinderman 2 (2010)
Фама-метар: 7/10
Оправданост: Со оглед на поставата, чудно е што Grinderman имаат релативно низок скор на фама-метарот. Уште кога беше само најавено дека Ник Кејв и Ворен Елис ќе прават сиров гараж-рок-бенд со силни блуз-влијанија, тешко ни беше да престанеме да се лигавиме, но и покрај тоа, изненадувачки е како џевата за оваа четворка изминативе години не е подраматична. Ова не е класична супергрупа зашто сите во поставата не се дел од матични состави на исто рамниште на сцената, туку само двајца од нив – Кејв и Елис. Сепак, дури и да е само Кејв, ама со друго име освен The Bad Seeds, тоа може да се смета за супербенд. За разлика од многу слични формации, фамата за Grinderman не се крева само заради етаблираноста на музичарите, туку бидејќи тоа што го прават е ентитет сам за себе, оригинален и издржан, независен од остатокот од нивната професионална биографија. Плус, во живо се неприпитомени ѕверови, кои крварат на сцена, што е многу, многу, повредно од шемаџиството на други, незаслужено поизвикани, бендови без покритие.

Fucked Up – Хардкорци со меко срце

Основани: Торонто, 2001 година
Албуми: Hidden World (2006), The Chemistry of Common Life (2008), David Comes to Life (2011)
Фама-метар: 8/10
Оправданост: Исто како и Wolves in the Throne Room во првиот дел од оваа листа, и Fucked Up се во незавидна позиција околу одобрувањето што на нивна адреса го испраќа естаблишментот. Како и хеви, така и хардкор и панк-бендовите, поради тврдокорните обожаватели во своите редови, често се решетани и при најмалото вклучување во течението на главната струја. Меѓутоа, колку им е гајле за такви работи овие канаѓани го докажуваат со името на групата. Токму поради него, кога “Њујорк Тајмс” се з’гна да напише текст за нив, мораше да се измачи и да го изведе тоа без да го спомене. Очекувано, фама-метарот потоа прегоре и сите релевантни медиуми дознаа кои се “заебаните” и колку нивната музика, всушност, е заебана за слушање ако умот ти е наштелуван да прима исклучиво меинстрим-идеи. И покрај тоа, повеќето од влијателните критичари што се изложија себеси на радијацијата на Fucked Up бргу сфатија дека групата создава песни полни протеини, а не некаква слабокрвна звучна лакрдија. Освен тоа, имаат пејач кој сигурно тежи повеќе од 120 килограми, а себеси се нарекува Pink Eyes. Само со тоа ја заслужуваат сета џева.

Bon Iver – Беседници за масовна употреба

Основани: Еау Клер, 2006 година
Албуми: For Emma, Forever Ago (2008), Bon Iver (2011)
Фама-метар: 10/10
Оправданост: Ако на екстремно комерцијалната сцена Kanye West е највеличено име, на независната изминативе три години тоа е Џастин Вернон. Прво, приказната како се затворил во колиба за да го сними феноменалното деби For Emma, Forever Ago влета во радарот на мнозинството од медиумите. Сепак, степенот на фалење и издигнување на пиедестал ги надмина сите очекувања кога дојде на ред објавата рецензии на албумот. Од таа причина, тоа што за кантавторот почна како скромен соло-испад без гранде-тенденции, се претвори во проширен бенд со полно работно време. И речиси ниту еден аспект од воздигнувањето не е незаслужен. Дупката што Bright Eyes ја остави откако почна да издава сомнителни плочи, ја пополни Вернон со својата екстремно уверлива интерпретација на кршливоста, а можеби дури и му појде од рака да ја надгради. Вториот студиски проект не е на ниво на првиот, но и понатаму е значително подобар од тие на современиците на Bon Iver.

Animal Collective – Превиткувачи на правилата

Основани: Балтимор, 1999 година
Албуми: Spirit They’re Gone, Spirit They’ve Vanished (2000), Danse Manatee (2001), Campfire Songs (2003), Here Comes the Indian (2003), Sung Tongs (2004), Feels (2005), Strawberry Jam (2007), Merriweather Post Pavilion (2009), ODDSAC (2010)
Фама-метар: 9/10
Оправданост: Со оглед на екстензивната дискографија за бенд што постои одвај десетина години, мора да се подвлече дека за Animal Collective не се зборуваше којзнае колку пред Strawberry Jam, а реално, тоа се отсликуваше со квалитетот на постарите изданија. Не дека тие немаа вредност, но на последниве две плочи (особено на Merriweather Post Pavilion) составот од Балтимор експлодира авторски, поради што заслужи да доживее бум и со присуството во јавноста. Едноставно, денес, оваа четворка нема конкуренција кога е во прашање превиткувањето на експерименталниот звук до степен што го приближува до радио-пријателскиот, популарен израз. Тоа што Animal Collective го прави и денес е фрики електроника, не е математика на прости броеви, но топ-листите не им се далеку од видикот. Ваквата музика никогаш нема целосно да ги покори, ама добро е што има групи како оваа, која што покажува до каде и како може да се истегне поп-пристапот.

Destroyer – Поп-звук каков што нема на листите

Основани: Ванкувер, 1995 година
Албуми: We’ll Build Them a Golden Bridge (1996), Thief (2000), Streethawk: A Seduction (2001), This Night (2002), Your Blues (2004), Destroyer’s Rubies (2006), Trouble In Dreams (2008), Kaputt (2011)
Фама-метар: 8/10
Оправданост: Од сите имиња на оваа листа, Destroyer има најдолга музичка километража. Фамата за бендот почна да зема замав дури во 2006, по Destroyer’s Rubies, а годинава кулминира со објавата на деветтиот студиски албум, Kaputt. Штета, зашто светот предоцна дознава за Дан Бежар и за неговите авторски можности, но од друга страна, добро е што интересот за неговата група воопшто го достигна ова ниво, ако се знае какви гомненици завршуваат на насловни страници. Да не спаднаа музичките критериуми на масите до денешново неподносливо ниско ниво и луѓето толку да не си го дигаа носот во однос на купувањето дискови, топ-листите сега ќе изгледаа поинаку. Ако ништо друго, во нивниот врв ќе беа убавите рефрени на Destroyer, а не само процесираните вокали на Usher. Сепак, не е до толку страшно – недоволно големиот комерцијален интерес за канадската група е надокнаден со огромниот број ѕвездички што критичарите им ги доделуваат.

ЗА НИВ НЕДОВОЛНО СЕ КРЕВА ПРАВ

Janelle Monáe – Недостижна за сегашните ѕвезди

Активна: Од 2003 година во Филаделфија

Изданија: The Audition (2003, необјавен), Metropolis: Suite I (The Chase) (2007, EP), The ArchAndroid (Suites II and III) (2010)
Џево-метар (колку е): 6/10
Џево-метар (треба да биде): 10/10
Оправданост: На малава подлиста, Џанел Моне е за некое скалило попозната од останатите, но ниту тоа не може да се израмни со авторскиот и пејачкиот талент што таа го поседува. Оваа 25-годишна девојка пишува, снима и изведува хитови со срцевина што ја немаат нејзините далеку пославни и поизвикани колешки. Соулот на Моне е полн и потресен, фанкот е пулсирачки и жив, а попот е весел, забавен и незаборавен. Таа веќе треба да излегува од паштети, но покрај Лејди Гага, такво нешто е практично невозможно.

The Dillinger Escape Plan – Припитомени екстремисти

Основани: Морис Плејнс, 1997 година
Албуми: Calculating Infinity (1999), Miss Machine (2004), Ire Works (2007), Option Paralysis (2010)
Џево-метар (колку е): 4/10
Џево-метар (треба да биде): 7/10
Оправданост: Знаејќи од која појдовна точка тргна нивната кариера и до каде се стигнати денес, The Dillinger Escape Plan се еден од најдобрите примери за тоа како бенд треба да ја изведе својата мутација и еволуција. Стартувајќи како екстремни интерпретори на хардкорот, со нагон за математички прецизни ритми хаотични џез-импровизации, составот се трансформира во речиси разбирлив за пошироките маси, а притоа ги задржа најбазичните контури на личниот стил. Ова на топ-листи тешко дека ќе стигне, но вреди за него да се баботи значително повеќе и погласно.

Cass McCombs – Најпотценетиот акустичен кантавтор

Активен: Од 2001 година
Албуми: A (2003), PREfection (2005), Dropping the Writ (2007), Catacombs (2009), Wit’s End (2011), Humor Risk (2011)
Џево-метар (колку е): 5/10
Џево-метар (треба да биде): 9/10
Оправданост: Не се исти, некој ќе каже дури и дека се дијаметрално спротивни, но не можам да дешифрирам зошто за Bon Iver се крева толку џева, а лик како Cass McCombs е драстично послабо присутен во релевантните медиуми. Со шест албуми зад себе, од кои два само годинава, овој мистериозен кантавтор има доволно дебело креативно досие за него да се знае најмалку двојно повеќе. Меѓутоа, можеби тоа е и проблемот, што McCombs цврсто го одбива експонирањето. Којзнае, изгледа така е подобро за повнимателно консумирање на неговите дела.

Amadou & Mariam – Суперстар-дуо од Мали

Активни: Од 1974 година
Албуми: Se Te Djon Ye (1999), Sou Ni Tile (1999), Tjé Ni  Mousso (2000), Wati (2003), Dimanche à Bamako (2005), Welcome to Mali (2008), The Magic Couple (2009)
Џево-метар (колку е): 4/10
Џево-метар (треба да биде): 8/10
Оправданост: Да не беше нашето западноцентрично или балкански ограничено сфаќање на музиката, за Amadou & Mariam ќе дознаевме многу одамна. Не сме само ние тука такви, генерално целиот свет е страшно ограничен кога потеклото на изведувачите е во прашање. Не е тоа разисам, повеќе е некој вид автоматизам при одлучувањето каде треба да го бараме тоа што сакаме да го слушаме. Ману Чао да не го продуцира Dimanche à Bamako, а Дејмон Албарн Welcome to Mali, Амаду и Маријам ќе останеа звучната тајна на Африка. Среќа што не е така, но душата во нивните песни заслужува многу, многу, повеќе.

Baroness – Металци за секакви генијалци

Основани: Савана, 2003 година
Албуми: Red Album (2007), Blue Record (2009)
Џево-метар (колку е): 3/10
Џево-метар (треба да биде): 8/10
Оправданост: Мачно е да слушаш метал-бендови, прашајте ги од прогресивната, кул-генерација (нема да го употребам зборот х_ _ _ _ _ р), они знаат најдобро, но ако некој може да го мине овој екстремно ситен филтер, тоа е Baroness. Океј, знам дека не е возможно, меѓутоа, мелодичноста, епските хармонии и рифови, изгледот на албумските обвивки, сировоста на лајв-настапите, начинот на кој што сето ова е споено, би требало да ги примами и најголемите хеви-скептици. Дел од значајните медиуми се фатија на јадицата, го испофалија составот, ама тоа е минимално, ако се спореди со моќта и квалитетот на квартетот. Згора на тоа, фронтмен им е Џон Бејзли, господар на областа на цеде и винил-каверите.

3 коментари

Слични написи

3 коментари

NaumN 12/10/2011 - 13:41

Статијава ти е ѕвер, и двата дела! Со ова ме потсети да симнам Janelle Monae, на листа ми е одамна. Тенкс 🙂

Reply
Александар Саздовски 12/10/2011 - 19:12

Фала што читаш 🙂

Reply
NaumN 13/10/2011 - 13:01

И да, DEP и Baroness сериозно заслужуваат многу повеќе внимание. Не дека останатите од статијата не заслужуваат исто.

Reply

Остави коментар