Mastodon – Crack the Skye [Reprise]


Без разлика на стилот – просто кажано – постојат добри, лоши и посебни албуми. Тие од првата и од втората категорија лесно се препознаваат, а за третата треба време, како и на лозата или на дрвото по калемење. Со Crack the Skye, четвртиот студиски албум на Mastodon, пристоен дел од публиката се врза пред два месеца (процури копија, лоша, додуша), ама уште тогаш беше јасно оти за убав, природен и течен спој, слушателот ќе мора на цедето да му остави простор за дишење. Тие што од изданието очекуваа племенско-интелигентно дивеење ала Remission или (делумно) воздржан концепт како Leviathan, по едно слушање кликнаа шиф+дилит, а тие што обожаваат да нурнуваат во бујната фантазија на Mastodon во материјалот продуциран од Брендан О’Браен пронајдоа ремек-дело.

Јасно е, Crack the Skye, е сосема поинаков ѕвер од тој што вообичаено во рингот го пушта четворката од Атланта, но тука е битен еден момент: сепак се работи за ѕвер. Изданието со седум песни, чие времетраење е три секунди над 50 минути, во атмосферата, изведбата и духот е речиси класичен рок типичен за 70-тите години. Манирот, печатот, во најголем дел е пинк-флојдовски, како момците да пливале во базен полн со ЛСД или како да дишеле исклучиво ганџа додека пишувале и снимале. А во целиот муабет е интересно што, иако албумот е психоделичен до крајни граници, бендот е фокусиран како снукер-играч пред клучниот удар. Во речиси ниеден момент не излегува од зацртаната линија – вопшто не е важно колку е таа неортодоксна за разнурувачи од нивен калибар.

Без разлика што ова е дефинитивно најмелодичното цеде што Mastodon го создал, многу од рифовите и самиот пристап ја почитува величината на првите две, дефинирачки, изданија на бендот. Oblivion и Divinations се “најметалските” песни, а Crack the Skye (Скот Кели од Neurosis гостува на вокали) е некаква златна средина. Остатокот, особено Quintessence и Ghost of Karelia, е речиси радиопријателски-расположено, со рефрени и гитарски испади што без проблем (звучно) полнат стадиони. Сепак, како и претходно, квартетот е брилијантен кога – ама баш – ич не се стега, т.е. на двете масивни композиции, The Czar и The Last Baron, што зафаќаат половина од вкупното течение на плочата.

Токму овие парчиња се пресудни за “кликнувањето” со Crack the Skye. Во нивната невоздржаност, бизарни стихови (додуша, овој аспект на целиот албум е целосно одлепен) и музичка монолитност е скриен рецептот за успешно калемење меѓу слушателот и албумот. Долги се, ама без мака успеваат – уште на почетокот – да ве заскокоткаат. А откако ќе ја видите големата слика и ќе ја наредите рубиковата коцка од звуци (добро де, не е толку комплексно, ама кул звучи), можеби и ќе почнете да зборувате со Распутин (ликот на фасцинантниот кавер направен од Пол Романо). Кога човек ќе подразмисли, тоа е една од најубавите пофалби што можат да се кажат за албум – доколку може целосно да ве исклучи од современова хипернапната реалност, тогаш навистина е посебен.

Оцена: 9.5/10

Артист: Mastodon
Албум: Crack the Skye
Датум на објава: 24 март 2009
Продуцент: Брендан О’Браен
Издавач: Reprise [Warner]

Track listing:

1. Oblivion – 5:47
2. Divinations – 3:39
3. Quintessence – 5:27
4. The Czar – 10:54
5. Ghost of Karelia – 5:25
6. Crack the Skye – 5:54
7. The Last Baron – 13:01

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 20.04.2009]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар