Mastodon – Blood Mountain [Reprise]


Сите цепидлачиме понекогаш. Онака – од ќеиф, инает или зовриена лутина. Ретко признаваме, ама убаво знаеме (добро де, ние несовршените) да бараме влакна во супата дури и во моментите кога сме свесни дека ги нема. Рецензиите, на пример, секогаш оставаат неверојатно широк простор за млатење празна слама.

Сигурно сте налетале на “критички осврт” што така детално се обидувал да ги најде “грешките, пропустите и чекорите назад” направени од вашиот (не)омилен бенд или соло-артист. Интересно е што, убедливо најсликовитите, најневозможните и најбаналните “дрвења” се пишуваат за изданија од состави кои се болно квалитетни. Екстремната музика е застрашувачки зависна од ваква ментална гимнастика. Форми на трагањето игла во стог сено има милион, ама можат да се набројат тие што најчесто испливуваат на површина: премин од мала на голема етикета, покажување интерес за мелодија наместо исклучиво урлање, упростување на звукот или, пак, претерано усложнување на песните. Ако човек размисли поубаво, споменативе цепидлачења беа неодамна напишани за Blood Mountain, третиот албум на метал-составот од Атланта, Mastodon.

Има случаи кога епитетиве држат вода, но кога зборуваме за американската четворка што пред две години на слобода го пушти монструмот Leviathan , а во 2002 ги одврза канџите на Remission , овие “детални анализи” се само една работа – мочање во ветар. Секако, квартетов не е безгрешен, ама финтата е што, кога бенд од нивен калибар навистина ќе зезне работа, тогаш утките ќе се гледаат од авион, а не со помош на лупа. Затоа, да расчистиме веднаш: Blood Mountain има пропусти, но тие се толку мали – детал што прави дури симпатични. Прог-рок екцесите, кои на моменти делуваат тотално бесцелно (Bladecatcher), не функционираат самостојно, ама совршено се вклопуваат во целината. Уствари, тоа е единственото “делење на атомот” за кое, тие што ќе плукаат на Mastodon, ќе можат со гордост да кажат дека се во право. Остатокот, се тешки глупости.

Затоа, пак, сите досега напишани хвалоспеви за дискот (и тука имаше банални претерувања) се точни, односно и третата студиска креација на групата ќе биде запаметена како класика на модерниот метал. Речиси се на Blood Mountain блика со енергија (The Wolf Is Loose), отскокнува со звук (Sleeping Giant) или ве разнесува со комплексност (Capillarian Crest). Ова последново важи за сите 12 композиции – дури и “бавните” се изградени на сложени инструментални темели чија комбинација на цемент, вода и песок долго ќе ја пробивате. Кога, пак, Mastodon навистина ја пуштаат од контрола прог-страната на својата подвоена личност, работите стануваат фасцинантни (Circle Of The Cysquatch, Hunters Of The Sky и Hand Оf Stone). Всушност, Blood Mountain е големата прог-метал изјава на Mastodon. Со неа, бендот докажува дека е цврсто решен да го врати “сериозниот метал” на светската карта. Фактот, пак, дека изданието има неколку одлични мелодизирани парчиња (Colony of Birchmen, This Mortal Soil и Siberian Divide), само потврдува дека составот не се откажал од идејата за постојано внесување нови елементи во звукот. Последново тврдење е забетонирано со Pendulous Skin. Нумерата го затвора дискот и е целосно вкоренета во сензибилитетот на јужњачкиот рок. Делува како земање здив откако 11 песни непрестано ви го изместувале системот за рамнотежа и ве остава да подразмилите што во иднина би можеле да очекувате од квартетот.

Со Blood Mountain, Mastodon не се продадоа, не го разводенија стилот и не престанаа да уживаат во музиката што ја создаваат – тоа може да се чуе и почувствува на секое парче од изданието. Со него, бендот уште повеќе го кристализираше сопствениот звук и (не)законски го патентираше како еден од најпрепознатливите на планетава. Верувајте, барем годинава, нема да се појави подобар, поискрен и пооригинален.

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 23.09.2006]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар