Mastodon – The Hunter [Reprise, 2011]


Откако со слушање му ја извадив душата на Leviathan, следбеникот на ѕидокршачкото деби Remission, дојдов до радосен заклучок – следењето на кариерата на Mastodon ќе ми биде позабавно отколку што се надевав. Првата плоча ми укажа дека четворката од Атланта има музичка моќ еднаква на коњските сили на брод-теглач, а второто издание ми разјасни дека бендот нема никаква намера таа цврстина да ја брани со секој џул од својата креативна сила. За фановите, тоа значеше расчистување со очекувањата уште на стартот од опстојувањето на групата. Дел од нив решија во иднина да се молат и да бараат квартетот да сними пандан на уникатниот првенец, а останатите ја прифатија фрлената ракавица и се впуштија во авантура чија насока на движење не можеше да се претпостави. Со последниот диск, The Hunter, составот ги доведе слушателите до уште една, веројатно пресудна, крстосница на возбудливото заедничко звучно патешествие.

Оваа точка во развојот на звукот на Mastodon за многумина ќе биде мигот кога конечно ќе расчистат со бендот, но тоа е претерано драматична интерпретација на еволуцијата што почна уште со Leviathan, а се екстремизира на Blood Mountain и особено Crack the Sky. Во случајот со четворката од Атланта, радикализацијата не значеше и прегревање со бластови, грофтање и какофонија, туку трансформација од безмилосен во мелодиски ѕвер. И секако, упростување, за некои дури заглупавување, на структурата на песните. Тоа е само еден начин на сфаќање на непрекинатото менување на стилот на групата, меѓутоа, овој муабет ќе тежи исклучиво ако песните на квартетот стануваат амалгам од клишиња напикани во три минути за да се лепат на радиобрановите. Составот со The Hunter најмногу досега го разводнува сопствениот пристап, ама не го разобличува. Од почетокот до денес, ова е наједноставен Mastodon, но е Mastodon во секој поглед.

Производ на оваа разлабавеност, што понекогаш достигнува степен на калаштурлак неочекуван за бендот од Атланта, се епските, чиниш, стадионски, рефрени. Секој што има проблем со таков пристап кон металот, нема да има трпение да го разџвака, а камо ли да го свари The Hunter. Воопшто не ме интересира дали до ваков резултат групата дошла спонтано, намерно или од заебанција. Корените на хеви-музиката се длабоко закопани во мрачните гаражи и најголем дел состави од овој правец и денес таму се раѓаат (многу и таму остануваат). Сепак, само нереалните можат со сиот ум да тврдат дека жанрот не смее да припари во арени или да продава стотици илјади примероци од своите албуми. Mastodon од плочава дефинитивно нема да испорача толку копии, ама не зашто таа не комуницира со јазик разбирлив за масите, туку бидејќи купувањето албуми во физичка форма стана предмет на потсмев.

Очекувано, Mastodon доби гневни шлаканици токму поради стадионското лице што го покажува на The Hunter. Негодувањето го разбирам само доколку е чисто филозофски. Ако некој смета дека бендот нема што мајка да бара пишувајќи песни на кои што ќе се креваат раце, упаљачи (мобилни) и ќе се пее во хор, пеки, може да бљува оган со мое широкоградо одобрување. Ама доколку ми продава приказни дека составот тоа лошо го извел, дека композициите се баклава по Рамазан или свинско по Велигден, слатко ќе се изнасмеам. И без око да ми трепне ќе се нацртам на следниот концерт на составот и со хедонистичка леснотија грло ќе оштетам на Curl of the Burl, All the Heavy Lifting и Bedazzled Fingernails. Не зашто сум опседнат фанбој слеп за недостатоците на албумот, туку оти драстичната разлика на овој материјал во однос на претходните не ја сметам за недостаток. Не гледам ниту дека е некаква предност, ама немам проблем да увидам дека станува збор за издржана, зрела, фокусирана збирка авторски нумери.

Жестината и сировоста на Remission, тој сè уште недостижен албумски монолит, имаат епизодна улога во расказот напишан за петтото цеде на групата. Екстремни ритмички промени има ретко (Spectrelight, Blasteroid и делумно Black Tongue), рифувањето веќе не делува како да е бескрајно, а шизофреничната динамика е заменета со пензионерска релаксираност. Не е погрешно да се каже дека ова е најслабиот албум во кариерата на четворката, но навистина е долг списокот на состави што не можат да создадат ниту една четвртина од неговиот квалитет. Ова за Mastodon е истото што Black-албумот беше за Metallica. По неговото издавање, Ларс и компанија се претворија во банкари, наместо музичари, што ги натера тврдокорните да ги набијат на колец и да ги баталат засекогаш. Мене, ме болеше уво. Оригиналната касета ја излитив од слушање, среќа што навреме си направив копии. Иста политика ќе применам и со The Hunter – додека другите ги ловат неговите наводни недостатоци, ја ќе си праам мераци како ловџија по успешен ден во дивината. Разликата е што нема да убијам ниту едно слатко животинче.

Оцена: 80/100

Артист: Mastodon
Албум: The Hunter
Датум на објава: 26 септември 2011
Продуцент: Мајк Елизондо
Издавач: Reprise [Warner]

Листа на песни:

1. Black Tongue – 3:27
2. Curl of the Burl – 3:40
3. Blasteroid – 2:35
4. Stargasm – 4:39
5. Octopus Has No Friends – 3:48
6. All the Heavy Lifting – 4:31
7. The Hunter – 5:17
8. Dry Bone Valley – 3:59
9. Thickening – 4:30
10. Creature Lives – 4:41
11. Spectrelight (feat. Scott Kelly) – 3:09
12. Bedazzled Fingernails – 3:08
13. The Sparrow – 5:30

3 коментари

Слични написи

3 коментари

Angel 27/09/2011 - 14:03

Одлична Рецензија! Aлбумот од моја перспектива: перфекцијата се манифестира од различен аспект тука. Нема ги оние прогресирања како на Crack The Skyе; The Hunter иде право до целта,без задржување успат, иде праволиниски, те носи право каде што е наменет, немаш време да погледнеш лево-десно, успешно го доловува амбиентот на албум наменет за сите да го сварат без да се потсетат шо овие дечки правеа у минатото. Едноставно плени од едноставност со јасно дефинирана мисија. Groove ритмови на Octopus Has No Friends, атмоферични супер визионерските The Sparrow, Creature Lives; упростената, доведена до највисоко ниво на суптилност The Hunter која у секој момент на може да биде ставена у најтесниот избор на МТВ за најдобра балада на деценијата; Bedazzled Fingernails, Black Tongue се како моќни парчиња остатоци од астероиди,доволно разорни да те понесат каде што патот никогаш не стигнал. Гласот на Scott Kelly носи нова димензија на Spectrelight, плени со деструкција, за мене хајлајт на алубомот; Албумот e kako патување по автопат со 100 на саат, умешно дефинирани попатни станици, стегнати проникливи делници, сето тоа упростено и без грижа на совеста за повратната реакција. Mastodon ги поместуват границите на својата креативност со секој нареден албум. Ја сум пријатно изненаден со албумот. Албум за широките народни маси, албумот кој допира до сите, албум наменет сите да го восприемат со целата своја раскош без да се жалат за пакувањето.

Reply
NaumN 27/09/2011 - 17:59

Рецензијава е spot on! Точна од почеток до крај. Се сложувам со тоа дека е за нијанса послаб од претходните, ама тоа воопшто не пречи во уживањето. Stadium слаџ-рок-што-ти-не или пак не, ич не ми чуе! Албумов е супер!

Reply
SHTIRAK 19/10/2011 - 16:41

Добра рецензиjа Саздо!

Мене албумот ми е како да излегол од 70тите и поминал низ сите финти на бендот.
Заразен, директен и кристално jасен =)

Иначе еве нешто интересно што го има како "подарок" на буклетот од албумот:
Augmented Reality experience
На оваа страница: http://www.mastodonrocks.com/ar/ се симнува некаков плаг ин, се инсталира и после на камерата на компjутерот треба да се покаже оваа страница од буклетот: http://www.nocleansinging.com/wp-content/uploads/

И се дешава оваа заебанциjа: http://www.youtube.com/watch?v=W0e9v4aHViw

Ако ви е подвижна камерата мислам дека може да стане со сликата од линкот – да ja покажете сликата наместо хартиениот буклет.

Ако не бива така можам да ви дадам скенирана страница па да jа исштампате.
Интересно е (бар првите 10-на минути) да си the Hunter =)

Поздрав m/

Reply

Остави коментар