22/10/2017

Топ 50 странски албуми во 2012 [30-11]

Постирано на 27/12/2012 од во Статија

Незаситните слушачи на музика како мене (не е ова пофалба, туку статистички факт), ќе ме разберат кога ќе кажам дека не се планира чиј, кога и колку ќе вртиш одреден албум во текот на годината. Дури и кога нечие издание со нетрпение исчекуваш (како јас тоа на Soundgarden во 2012) ништо не ти гарантира дека воопшто ќе ти се допадне, а камо ли оти ќе му се навраќаш и ако ти легне по прво густирање. Тоа, едноставно, се случува или не и најчесто, зависи од настани и од контексти кои, во суштина, немаат никаква врска со музиката. Она на што, сепак, во какво било сценарио можеш да се потпреш е исполнителното чувство кое го носи заклучокот дека секоја година што ја испраќаш и таа што ја дочекуваш, имала и ќе има песни, бендови и изведувачи кои ќе пишуваат, свират, пеат и сето тоа ќе го објавуваат. Во тие рамки, стилот не треба да биде важен, само инспиративноста која секој од нас, на индивидуално вистинит и издржан начин, ќе ја пронајде во овие креации. Дел од тие што мене ми даваа поттик во 2012 се најдоа од 30. до 11. позиција на листата со топ странски албуми.

30. Plan B – ill Manors [Atlantic]
Бен Дру на новиот албум не се плаши и да ги критикува политичарите, моќниците и богатите, а сепак, тоа е во втор план на централната намера – да раскаже со каков живот се соочени врсниците и помладите. Не користи розова шминка. Дрога, убиства, сиромаштија, безнадежност и безизлезност се дел од темите што се провлекуваат во 11 песни. Конечноста на целото тоа опкружување, бруталноста на ограничениот избор, сивилото, сè ова се чита меѓу, а не така ретко и директно во вешто напишаните редови на плочата. Ама дискот не е само општествено-политички коментар и анализа аматерски залепен за сувопарни ритми и здодевни рими. Ова е првокласно креиран, продуциран и егзекутиран модерен, слушлив, британски хип-хоп. Тоа што Plan B го употребува албумот за храбро да го искаже личното мислење за актуелната судбина на многу млади и за причините за нивното лошо однесување (ill-manners) го прави ill Manors документ на сегашнава ера. Ако погледнеме навнатре, јасно е дека тој е приближно веродостоен и за драстично помали земји од Велика Британија.

29. Black Breath – Sentenced to Life [Southern Lord]
Не знам каква му е наталната карта, ама се чини дека ѕвездите секогаш го поврзуваат Курт Балоу со бендови чијшто јин и јанг знае како да го претопи во продукција. Тоа што сопствениот состав, Converge, генијално го овековечува на лента и не е шок, но и речиси сè што снимил, особено последниве пет-шест години, звучело фантастично. На тој список годинава се High On Fire, Rise and Fall, Burning Love и Black Breath. Фактот дека ова се групи со избистрен стил сигурно завршува најголем дел од работата, но Балоу тоа го препознава и затоа името му се појавува на диск како Sentenced to Life. Какво ли само чекичиште е второто ел-пи на квартетот од Сиетл. Тој на обвивката е визуелно одличен, но личи на дрвен. Симболично – ја пренесува пораката. Суштински – овие десет песни се од компресиран титаниум. Воглавно брзи, трешерски, тие имаат бескомпромисна хардкор-основа, инспирирана од старата њујоршка гарда од мрсна провиненција. Дуваат и силни ди-бит-ветришта, и по нешто блек-пиштење. Севкупно, пак, ова е м-е-т-а-л. Немилосдрноста ќе го осуди албумов со казна во затворот на подземјето, но интелигенцијата ќе го спаси од доживотна робија.

28. Frank Ocean – channel ORANGE [Def Jam]
Звучно-емотивниот спој на ритамот со блузот своевремено беше една од најубавите музички форми што можат да ја слушаат милиони луѓе без грижа на совест дека критичарите (и со тапија и во филм) ќе ги гледаат под нос. Денес, секако, аренбито, во најголем процент, е сведено на додаток во еуро-Гета-трансот што суверено владее на топ-листите. Со дебито channel ORANGE, кантавторот Френк Оушн во голема мера ја враќа довербата во жанрот. Музичарот од Лос Анџелес, кој е дел од колективот Odd Future, првенчето го слика со широк спектар од чувства, размислувања и референци благодарение на способноста за мултитаскинг и веројатно клучно – феноменалниот глас. Кршливоста, очекувано, е во преден план, а тоа резултира со материјал поисполнет со преиспитувања и прашања, наместо со крутост и конечност. Имајќи предвид дека е концептуална приказна, која Френк Оушн ја раскажува последователно низ нумерите, channel ORANGE е замрсено, повеќеслојно, издание чија величина се забележува со аналитичен пристап. Чудно, ама во исто време, албумот незабележливо, просто, се впива како Шанел во кожа.

27. Gojira – L’Enfant Sauvage [Roadrunner]
Албумот тргнува и тоа како моќно, ама по двеминутната безгласна одишка, следува уште поразорното второ поглавје. Тука, најпрво, владее триумвиратот сочинет од биомеханичката Mouth of Kala, психотичната The Gift of Guilt и шизофреничната Pain is a Master. Во овие 18 минути е спакуван најубиствениот шаржер чии куршуми се подеднакво распределени со етикети на кои што пишува – дивјаштво и интелект. Бендот притоа не ги користи за со нив да нападне нанадвор, туку ги насочува едни кон други, додека не се истребат со сопствениот барут. Од тој чад се раѓа најмелодичната Born in Winter, а преминот е најелегантно изведената пируета на дискот. Квартетот со неа става до знаење дека поседува талент и за чисто прогерски израз, ослободен од дерење и бластирање. На The Fall, овие два погледа се судираат, што е најсоодветно затворање на музичка целина крвно сврзана со контрадикторноста. Крајниот впечаток, пак, е јасен. Ова не е најиновативната плоча на групата, но е најврамнотежената. На L’Enfant Sauvage, Gojira дозволиле детето во нив малку да созрее од лекциите досега научени во цивилизацијата и го охрабриле да памети дека потекнува од дивината.

26. Flying Lotus – Until the Quiet Comes [Warp]
Стивен Елисон, познат како Flying Lotus, од Los Angeles, на третиот албум во кариерата, неодамна објавениот Until the Quiet Comes, демонстрира дека и “буковите” и “падовите” во себе кријат аудиоживописност која чека да биде откриена. Неговото последно цеде е токму тоа – амалгам од често контрадикторни звуци, правци и стилови кои се толку вешто сврзани и на крајот изгледаат како да припаѓаат на еден, засебен, жанр. Гледано низ широк објектив, Елисон отсекогаш правел електроника, но и на најтазе изданието таа е збогатена со експерименталност, психоделија и чувство на аналогност. Нема дилема, дискот има јасен дигитален отпечаток, но на моменти што и не се така ретки, тој вдишува и издишува како мајсторска џез-колекција. Материјалот е до тој степен повеќеслоен – и емотивно и мелодиско-хармониски – што, просто, плаче да биде интерпретиран во лајв-амбиент од првокласни џезери. Ама и без тоа, Until the Quiet Comes успева да ја замолчи сета бучава од светот.

25. Katatonia – Dead End Kings [Peaceville]
Беседништвото, кое и онака крвари од секоја пора на плочава, најубаво е исцртано на The Racing Heart, во која пејачот разорува со текстот, а во него зборува за рака со the burning shape of a gun. Нагло, веднаш потоа, Buildings ја враќа вагата на хеви-страната, слично како и траките кои ја затвораат колекцијата. Кај нив тоа е понагласено бидејќи доаѓаат по најмекото јадро во делото од 11 поглавја. Деветтата тема, Lethean, во исто време, плива агресивно како врвен спортист и релаксирано како водна желка, во море од дисторзија, грув и мелодија. На First Prayer алтернативата се стопува во готиката, а тој процес е издигнат со игривоста на вокалот. Тежината, пак, најмногу отскокнува на Dead Letters, фестивалот од Tool-овско прог-металски-рифови кои што ја испишуваат последната реченица од остварувањето. Таа, на начин изненадувачки за петорката, го финишира албумот во исклучително енергичен стил, кој што контрира на очекувано (и посакувано) доминантно смуртениот тон на сè што претходи. Тука, всушност, во оваа предвидливост, може да се лоцира и подносливата слабост на дискот. Katatonia и на изданиево звучи како никој друг од своите хеви-современици, но малата мака е што тоа го изведува возејќи, воглавно, по познати автопатишта, улици, друмови и џадиња. Голем плус е што меѓу нив, за разлика од кралевите кои шведскиот бенд ги опева, нема такви што водат до ќорсокак.

24. Maserati – Maserati VII [Temporary Residence]
Освен што крена револуција во начинот на сфаќањето на инструменталната музика, пост-рокот речиси со иста ревносност ѝ залепи етикета на развлечена, повторувачка и здодевна. Во последново има вистина, ама не значи дека сите состави што влегуваат во рамките на невокалниот жанр се масовни убијци на мозочни ќелии. Maserati нежно ги допира контурите на пост-рокот, но како што се слуша и од нивното најново издание, VII, тие оваа форма целосно ја редефинираат за свои потреби. Самоуверено возејќи по автопатот асфалтиран од претходникот, Pyramid of the Sun, бендот продолжува да ги користи гитарите и сите останати жици и (особено) електрични клавиши за да креира пулсирачки микс од рифови, денс-ритми, псхиоделија и кулминации од кои што би експлодирал и најзаспаниот подиум. Материјалов нема човечки глас, ама нема ниту замрсени квазиџезерски импровизации. Тоа што има, и тоа за стабилен, исплатлив, долгогодишен, извоз е чиста аудиоенергија. Кога на тоа ќе се додаде и сликовитата опседнатост со научната-фантастика, патувањето е неизбежно. Планетата, галаксијата или димензијата самите ќе си ја одберете.

23. Gaza – No Absolutes In Human Suffering [Black Market Activities]
Како и секој состав што ја сфаќа есенцијата на аудиомелењето, квартетот не заборава да се шегува на сопствена сметка. Дефинирајќи го својот стил како прогресивен краст / математичка мочка и нарекувајќи се себеси “некои од најфините кретени што некогаш ќе ги сретнете”, тие прикажуваат охрабрувачка приземност. На ваквата комедија може да се додаде и вицот дека се “пропаднати емо-музичари” и животната иронија дека се основани како инди-бенд што “траел половина проба”. Со овие потези, тие внесуваат уште поголема тежина на сериозноста со која што како моќен циркулар на резанки ја сечат современата (не)хуманост. Најчесто, No Absolutes In Human Suffering нема ниту трошка грижа на совест за бескомпромисноста со која што ги напаѓа ушните школки. Во миговите кога материјалот елегантно поздапира, кога се отвора простор за појасно да се види одразот во огледалото, Gaza поентира – дека нема апсолутни вредности на човечкото страдање. Неговиот врв, којшто кога почнавте да го читате текстов беше на една, прилично висока, точка, додека завршивте, некој сигурно го надминал.

22. Bat for Lashes – The Haunted Man [Parlophone]
Таа дарба, за смрзнување на слушателите со обемен распон изведувачко-аранжерски решенија, Кан ја демонстрира уште на првенчето. Смирувачки е да се чуе дека од неа загубила минимален, разумно прифатлив, дел на третата плоча, откако на втората ја издигна до позиција на референца во нејзината досегашна кариера. Пад, најусловно кажано, има кај рафинираноста на композициите, која што на Two Suns маестрално ги подвлече силните и во своја полза ги сврте слабите страни на авторката. Лизгањето на The Haunted Man е во сивата зона на очекувани статистички грешки. Албумот, инаку, лебди во мислите поради леснотијата со која што се восприема и цврсто се вкопува во сеќавањето како резултат на поетско-емотивната длабочина што ја поседува. Инди, дрим, барок, синт, употребете која било од категориите што обично се припишуваат на Bat for Lashes (или сите одеднаш) но заклучокот секогаш ќе биде ист – ова е поп-звук. Современ, музички писмен, издржан, а сепак, магнетизирачки, слушлив, разбирлив.

21. Propagandhi – Failed States [Epitaph]
Стилот со којшто групата го трча последниот круг појаснува дека немаратонскиот материјал наликува на возбудлив тобоган со многу врвови, долини, превртувања и кривини. Ова, секако, не е ништо ново за канадската четворка, особено на плочите што ги издава од 2001 година наваму, но најсвежата прави поголем скок во тој поглед од најблиската роднина. По правило, тоа би требало да биде попримамливо за уво, ама за тоа се потребни ѓаволски стегнати песни. А бидејќи токму тоа, пишувањето нумери, од оние полнокрвните, мајсторските, е носечкиот занает на квартетот, Supporting Caste за извесно, подносливо и разбирливо, ниво е поуспешен албум од неодамна објавениот. Радост носи тоа што на Failed States не се насетуваат алармантни знаци на пропаѓање на креативноста како што долга листа држави или, објективно гледано, светот денес, се движат неизбежно кон урнисувањето. За бенд како Propagandhi, кој е активен две и пол децении, постепеното авторско бледнеење би било очекувано, но тие и со шесттото студиско остварување нагласуваат дека се повитални од мал милион млади, наводно полетни, деби-состави. Одговорност за тоа веројатно треба да се бара во нивното сфаќање на светот. Тоа е толку зрело опишано во текстовите, а најпрецизно во стихот што става поклопец на цедето: “Нема ти, нема јас, има сите. И тоа е сè”.

20. How to Dress Well – Total Loss [Weird World]
Не го слушам најфреквентно, ама соулот отсекогаш сум го вбројувал меѓу два-трите најевокативни и најинтимни музички правци. Менувајќи ја кожата, а зачувувајќи ја срцевината, овој жанр опстојува неколку децении. Изминативе години, најприсутна е неговата еволуирана верзија која најмногу се потпира на дабстеп и на електроника. По ланските фантастични интерпретации на овој стил од James Blake и од Jamie Woon, на Тим Крел истото му поаѓа од рака годинава, преку вториот студиски албум, Total Loss, на своето алтер-его How to Dress Well. Нагласено, можеби и цели 50 проценти, потпирајќи се на вокалите, овој Американец со извонредно наштелувано европско уво за продукција, креирал соголена плоча од која, подеднакво, лазат морници и навираат солзи. Патетична не е ниту најмалку, само е во допир со сè што авторот посакал да го излее во дигитално компонирана песна, како и зборови со кои ја слави романсата и сите плусеви и минуси што со неа доаѓаат. Ова е, газејќи цврсто по линијата исцртана од насловот, меланхолична збирка, колекција на потиштени емоции, меѓутоа, слушањето на Total Loss e дијаметрално спротивно од целосно загубено, напразно потрошено, време.

19. Dysrhythmia – Test of Submission [Profound Lore]
Џезот, прогресивниот рок и металот (во неговите хеви, треш, дет или блек-варијанти) не се толку далечни колку што на прв поглед изгледа, но за да се истакне основата што тие ја споделуваа, треба авторски таленти и свиречка вештина. На Test of Submission, шестиот студиски албум на Dysrhythmia, бендот од Филаделфија пишува композиции со чудачки слободарска џез-визија, ги изведува со прог-дисциплинираност и ги полни со огромни цистерни запаливо метал-гориво. Подјармениот, а понекогаш и комплетно пуштен од узди, хаос, отсекогаш ја полнел срцевината на изразот на групата, како што и во најголема мера се слушаше на претходното остварување, Psychic Maps. Новото ја продолжува оваа приказна, ама само делумно, оти овој пат составот е позаинтригиран од идејата како во дејствието да ја внесе мелодијата. Не се работи за прашање, зашто групата веднаш го одговара со успешноста на врзувањето, туку во преден план е како што повозбудливо сето тоа да се претвори во звук. Играјќи со концептот, триото ги тестира слушателите, а на нив не им останува друго освен – да се потчинат.

18. Every Time I Die – Ex Lives [Epitaph]
Во делумно пренаселениот металкор-свет, каде што хардкорот и металот изминатава деценија се претопуваат и помалку предвидливо, Every Time I Die од самите почетоци беа изроди од прва класа. Тие не се потпираат исклучиво на чуга-чуга рифови, не се џанкерски зависни од вметнување лесни брејкдауни во секоја песна, не ја пасираат до бескрај истата аранжерска формула. Групата од Бафало ја истакнува мрснотијата на гитарите со неверојатна доза непредвидливост, запаметливите мигови во кои што ги кршат песните секогаш се трудат да отскокнуваат, а авторските решенија, во најмала рака, можат да се дефинираат како – шизофренични. И покрај тоа, особината што им ја запечатува уникатноста е налевањето луто, јужњачко, рок-виски, врз целиот и онака очигледно жесток микс. На новиот албум, Ex Lives, по извесно време, таа бурност се приближува, ако не и изедначува, со избувливоста на раните изданија.

17. Pallbearer – Sorrow and Extinction [Profound Lore]
Таков колорит имаат сите пет композиции интелигентно распослани на 50 минути. За првокласен, искусно напишан, отсвирен и продуциран, дум се работи. Очекувано е, дури и нужно, тонот да биде смуртен, меланхоличен, бавен. Во сè ова квартетот е инстинктивно одличен, а не само увежбано добар. Развлеченоста е карактерната црта во која што отскокнуваат. Тие ѝ принесуваат извонредно сочни жртви на божицата на успореноста без да се претворат во отров-досадни верници. Или со други зборови, за составот е суштински важно да се растегнува со брзина на триножен мрзливец, а во исто време, кај слушателот да поттикнува лавина од слики, сеќавања, доживувања. На површина, тие можеби токму од четворката се упатени кон тагата и изумирањето, ама Sorrow and Extinction e драстично погусто битие за да се ограничи какво било негово толкување. Пресудно е што има компресирана моќ за грабање на емоциите и умот на првобитен степен и за нивно развозување. Каде, зависи од индивидуалниот систем на внатрешни локални и регионални друмови и автопатишта. Последниве, 99 отсто од нас ги користат одвај неколкупати во годината. Овој неоспорен, во многу наврати научно докажан, факт сигурно делувал како нерешлива загатка, но Pallbearer одгатна како ќе ги инспирира слушателите да се навраќаат на нивниот концепт за патешествие – со музиката снимена на дебито.

16. Pig Destroyer – Book Burner [Relapse]
Четворката, на најтазе цедето, најпросто кажано, везе. Шие гоблени. Плете џемпери со волница од Тетекс. Меси кревки, неодоливо вкусни, кифлички со снежно бело брашно тип 500. Сади цвеќиња со кротките раце, декорира шарени соби на неродени бебиња. Сè ова и значително повеќе, составот го манифестира со приказни длабоко втемелени во сочувствителната филозофија на Макијавели, во раскази за балтиморскиот давител, во теми за железниот пијаница и за распламтената дланка. Употребувајќи кородиран, валкан, нож користен од генерации домаќински воспитани луѓе со камиказе срце, тие во музика ја претвораат најусовршената, дури најпосакуваната, состојба на спокојство – таа на трајното погребување. Поради неа, звучната завеса на целината се спушта без ниту најмало чкрипење, квичење или пискање. Најфасцинантна дилема, што на крајот долго лебди над облаците, е како Pig Destroyer ова го изведува на најактуелниот диск, без притоа да прегори засилувач, да запали гитара и да пеплоса сет тапани. Затоа, пак, сите книги, водичи и упатства за креирање ранлив и емпатичен аудиоизраз ги фрла на клада. Од густиот чад што го испуштаат, како феникс, се издига Book Burner, досега нечуен тотем на музичката деликатност. Тој за себе не гради култ со сила, свирепост и суровост, туку со мирна дипломатија. Како што, впрочем, тоа катадневно го прават и чичковците со брендирани одела и сјајни актовки.

15. Metz – Metz [Sub Pop]
Со рокачкото ехо на тапаните од првата песна Headache, канадското трио Metz без да го троши времето на брановидни психо-воведи веднаш потенцира какво им е дебито именувано според бендот – бучно, луто и жестоко. И толку. Тие свират брутализиран панк што, во исто време, распорува ушни тапанчиња и кодира мелодични пораки во ноиз-вителот. Оваа контролирана свирепост се слуша и во Get Off, Sad Pricks, Rats, Wet Blanket, всушност, во сите 30-ина минути, дури и во последната, неименувана, трака која одѕводнува со насилната фоничност. Покрај дотерувањето со фуриозноста на хардкорот, бендот обезбедува полна страница плус поени и со слаџерскиот, мрсен, тон на плочата. Тој е тежок, но не на хеви, туку на швркнато панкерски начин. Најголема заслуга, сепак, што дискот звучи толку ѓаволски стегнато е свирачката увежбаност и разбирање меѓу членовите. Тие со песниве не го копаат првиот подземен пат до Кина, туку индивидуалноста ја заменуваат со суперкомпактност, се претвораат во гигантски булдожер и ринат како од тоа да им зависи преживувањето.

14. Swans – The Seer [Young God]
Кога во 2010, по пауза од 14 години, Мајкл Жира ја обедини групата со која што си наслика икона во храмот на музичките генијалци, очекував, конечно, оти ќе потфрли. Со лудачки долго насловената камбек-плоча Swans ме вразумија, а со следбеникот, со разредувач ги избришаа и последните капки сомнеж во потребата и во релевантноста на составот во денешнава ера. По сите параметри, група со толку его на квадратен милиметар не би требало веќе да постои, а камо ли да создава, но The Seer потенцира дека не им треба апарат за реанимација или пумпа за хранење со креативни сокови. Родоначалниците на сè бавно, развлечено, репетитивно, космички широко и ѓаволски мрачно, формулата што ја измислиле неподносливо веродостојно ја применуваат и на 12-тото студиско остварување во кариерата. Во период кога помлади групи одредено време творат со извонредно успешно надградена верзија на тие постулати, Swans си остануваат свои, а The Seer без мака звучи интимно сврзан со актуелноста во која што е роден. Ова е албум што се вари во силен желудник или, пак, во таков што барем некое време бил подложен на интензивни подготовки. А резултатите? Убиваат чиреви.

13. Neurosis – Honor Found in Decay [Neurot]
Додека разгледував фотографии од потопот што Сенди, брилијантиски насловениот ураган, го оставаше зад себе, инстинктивно, раката го довлечка маусот до фолдерот со Honor Found in Decay, новиот студиски албум на Neurosis. Пусти улици. Поплавени квартови. Џиновски бранови. Разурнување од шокантни размери. Луѓе кои втренчено ѕурат во јагленосаните скелети на сопствените домови. И на животите, веројатно. По разврската од налетот на суровата бура, целата оваа деструкција, уште повпечатливо се врежува во мислите доколку се анализира со звучна заднина од последниот материјал на составот од Оукленд. Тие немаат директен најмал заеднички содржател. Плочата не е дрвогушкачки памфлет, но во него врие нешто значително посилно, посуштинско, поголемо. Наречете го како сакате, Бог, енергија, космос, природа, тоа битие се храни од пропаста и израснува во титан со седум раце манифестирани како песни.

12. Cat Power – Sun [Matador]
Јасно ми е од поодамна зошто уживам да ја слушам, ама фино е што Cat Power уште на третата песна од својот нов албум ме потсети поради што неизмерно ја почитувам. Во Ruin таа со прострелен, мелодично-конфронтирачки, глас вели: “Кукаме, цимолиме, а луѓе немаат леб да јадат”. Како една од грстот женски икони на модерниот инди-врв, за главата да ѝ биде мирна, џебот полн и егото нахрането со критички пофалби, таа може да биде единствено интелектуална и интелигентна. Следењето само на овие две ѕвезди водилки секогаш не носи помпезност, ароганција и поглед од високо, но резултатот, за жал, е таков во предвидливо многу случаи. Чен Маршал има од сè ова по малку, како и што и се очекува од натпросечен уметник, ама тоа не е оружјето со кое ѝ дозволувам да ме прободува. Нејзиното остро копје отсекогаш било премачкано со матеница од лично искуство, инстинкт, ризик и потреба за предизвикување. Со него гаѓа и на Sun.

11. Meshuggah – Koloss [Nuclear Blast]
Целиот овој трактат на тема “Органска бруталност” создава лут психоделичен трип што не резултира со навнатре компресиран гнев, туку нанадвор насочена катарза. Бонус е што чувствувате прочистување, но не мора да се замарате со метење стакло. Несомнено, ова не е издание што се џапа како шотче во “Конак”, богами не е ниту варено вино или шампањ, туку е  40-годишно сингл-молт виски што стрпливо се тегне, а најголемиот мерак доаѓа со афтертејстот. А тој од последната плоча на Швеѓаниве си трае и си трае, најмногу поради главната состојка без која што не е возможно да постои извонреден албум – грувот. За Meshuggah тоа од поодамна е јасно како сончев ден на Алјаска и затоа, кога тероризираат интелигентно, секогаш пуштаат неодоливи јадици. На нив не се закачуваат тие со слаб стомак, но оние што ќе трзнат, лесно ќе заклучат дека Koloss, скромно кажано, е збирка на песни со колосални димензии.

[Утре, 28.12.2012, следуваат албумите од 10 до прво место на листата]

Тагови: , , , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>