Katatonia – Viva Emptiness [Peaceville, 2003]

Музиката на Katatonia е екстремно сугестивна. Потсетува на нешто, буди чувства, делува нестварно. Наведува. Опстојува во сопствена реалност, откината од опкружувањето, изолирана од надворешната грдосија. Тлее во умот, се втренчува во битието, комуницира на чисто, емотивно, ниво. Вкочанува, смрзнува, опседнува. Понекогаш, го избледува погледот, а во друга, го полни со идеализирана надеж. Прогонува, но и ослободува. Се вкоренува во душата, го корне духот. Ја слави празнотијата, испразнува сè што е исполнето со лага. Особено на Viva Emptiness.

Шестиот студиски албум, со кој составот уште попрецизно ги рафинира поп-наклоностите навестени во претходникот, Last Fair Deal Gone Down, е ремек-делото со кое Katatonia го бетонира својот “етеричен рокенрол”. Дефиницијава можеби делува надуено и квазифилозовски, но добро ја опишува формата по која шведската петорка денес е нашироко позната. Етеричен е оти звучи магливо, недопирливо, оддалечено, а рокенрол е бидејќи е токму тоа – едноставен, троа повеќе дисторзиран, стил што не заборава дека правењето добра песна е најбитната работа.

Компонирање: Убедливо најсилната страна на албумот. Бендот укажува дека изобилува со запаметливи идеи што ни од далеку не се преџвакани. Комерцијалната приемчивост на песните е очигледна, меѓутоа, Нистром и Ренске, коавтори на скоро целиот 50-минутен материјал, не кокетираат со масата на патетичен начин, како безрбетници што секој пршлен би го продале само за да се збогатат. Некои нумери имаат металски призвук, други се специфичен алтернативен рок, а трети, симпатични поп-балади. Сепак, ниту една не е лигава како лоша современа тин-серија. Рифовите на моменти разоруваат, а потоа разголено, без дисторзија, разгалуваат. Не малтретираат, не заморуваат, не одвраќаат. Структурно, лесни се за слушање, но емотивно, продираат длабоко. Рефрените, иако певливи и лепливи во крајна мера, воопшто не ги разводенуваат композициите. И тие ја носат меланхоличната нишка суштински поврзана со Katatonia.

Продукција: Нечиста, сирова, неиспеглана до немајкаде. Следбеникот на Viva Emptiness, The Great Cold Distance, има поиндастријал призвук, а албумот од 2003 година е поопуштен во тој поглед. Двата пристапа одат во прилог на обете изданија, не може да се каже оти едниот е подобар, а другиот полош. Viva Emptiness продолжува по линијата на Last Fair Deal Gone Down. Гитарите и тапаните се највпечатливи, а вокалот на Ренске сè уште е за нијанса подолу во миксот, нешто што се промени на цедето од 2006 година. Од приложеното се гледа оти бендот не располагал со премногу време и средства во студио, но тоа ни најмалку не го уништува најзначајниот квалитет на Viva Emptiness – песните.

Изведба: Едноставна, без особени инструментални егзибиции. Иако има слаби, нијансирани, влијанија од прогресивниот рок, тоа е доволно само за да ги навести свирачките квалитети на музичарите, а не да го задуши слушателот. Најголем исчекор од претходните албуми прави Ренске, кој настапува со засилена доверба во мелодичниот распон на сопствениот глас. Можеби не е способен повеќе за грофтање, но сега пее на начин за кој претходно и самиот не бил свесен оти е способен. Неговиот вокал е и емотивна водилка на Viva Emptiness, таа што ги поставува темелите на атмосферата, чувствата што се раѓаат од песните, сеќавањата, мислите за иднината, каењето за пропуштените шанси, грешките.

Стихови: Иако голем дел се со романтична, љубовна, тематика, не може да се каже оти албумот е споменар за нерасчистени чувства. Катарзата е силно присутна, нема збор, но солиден број строфи се недоречени за да прецизно се интерпретира нивната суштина. Сепак, заедничко за сите е што се рефлективни, често се навраќаат на минатото, дури и во мигови кога раскажуваат приказни од сегашноста. Ренске не е најбрилијантниот поет што згазил на Земјата, сосема е солиден, но знае да изненади и со силна комбинација на зборови (Burn the Remembrance: In the emptiness behind you I will walk about. Surely you’ll miss me but long live the doubt; Wealth: Our wealth breeds emptiness. Another day to compress; Walking By A Wire: My youth unknown to me. I’m walking by a wire. What’s left from me to breathe. Cold smell of fire.)

Севкупно: Viva Emptiness е прекрасно парче музика, за скалило подобро од и така одличниот претходник Last Fair Deal Gone Down. Шестото цеде на Katatonia и донесе поголем број обожаватели, чиј број експлодира со објавата на The Great Cold Distance во 2006 година. Viva Emptiness прави исчекор на две полиња – го вади составот од сенката на анонимноста на сцената и прикажува оти членовите извонредно го испекле занаетот како музички автори. За секој што сака силна, нерамнодушна, звучна порција, секако, со хеви-нагон, ова не смее да остане непреслушано.

Оцена: 9.5/10

Артист: Katatonia
Албум: Viva Emptiness
Датум на објава: 29 април 2003
Продуцент: Андерс Нистром и Јонас Ренске
Издавач: Peaceville

Track listing:
1. Ghost of the Sun – 4:07
2. Sleeper – 4:08
3. Criminals – 3:47
4. A Premonition – 3:33
5. Will I Arrive – 4:09
6. Burn the Remembrance – 5:22
7. Wealth – 4:22
8. One Year from Now – 4:02
9. Walking by a Wire – 3:32
10. Complicity – 4:01
11. Evidence – 4:36
12. Omerta – 2:58
13. Inside the City of Glass – 4:08

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 28.10.2009]

1 коментар

Слични написи

1 коментар

Ивана 14/10/2012 - 05:29

.. Звучи магливо, недопрено, оддалечено .. – Those are the right words !! Колку длабока музика, која атмосфера во живо .. Немам зборови !!

Reply

Остави коментар