Two Door Cinema Club – Beacon [Kitsuné, 2012]

Кога следењето на независната, алтернативната, андерграунд, како сакате наречете ја сцената што често опстојува целосно надвор од видокругот на мнозинството, кога таа вообичаена активност ќе прерасне во дефинирана припадност, испарува и минимумот толеранција кон меинстримот. Не и кај мене. Порано, донекаде. Сега, ниту најмалку. Како средство за информирање, топ-листите денес се корисни како и текст гравиран на камена подлога. Онлајн-магазини, блогови, форуми, споделувања од пријателите на друштвените мрежи, тие се најсигурните трски за ловење тазе бендови, но не постои забрана за нивно фаќање и преку застарените орудија на масовната култура. Токму на таква мамка, пуштена од NME, сега затворената телевизија на познатото списание, се фатив на Two Door Cinema Club во 2010 година. Овој медиум е отелотворение на агресивната комерцијализација во Британија, но тоа не ме спречи да си потпевнувам и на Beacon, вториот албум на групата од Северна Ирска.

Тројката од гратчињата Бангор и Донахди, основана во 2007 година, на дебито Tourist History покажа поткованост за пишување денс-поп-рок-лимунатки што – неочекувано – се пердувесто лесни за ум и уши, ама не и навредливо провидни. Несомнено, тоа што Two Door Cinema Club го прави секогаш (екстремно) повеќе ќе се приближува до веќе чуеното отколку до оригиналното. Не знам зошто некој би очекувал поинаков баланс од музика што е толку длабоко вкопана во јамата над која што има табла п-о-п. Ова не ја прави ниту трула, ниту глупава, ниту, пак, природно блиска со дуото шифт + дилит. Само ја класификува како директна, забавна и разбирлива за широките народни маси. И служи како потсетник дека не така одамна уживањето во хитови со милиони други луѓе не беше причина за потсмев. Нормално, од ова денес има основа и циркус да се прави, но британскиот состав радио-лепливоста ја сфаќа како точка на повикување, а не како упатство за употреба.

Затоа, слично како и претходникот, Beacon е искусно склопено поп-дело што цврсто гази на познат терен, ама испукува ритам по ритам, мелодија по мелодија, рефрен по рефрен заразни како вирусот во “Дванаесетте мајмуни”. На дебито, Two Door Cinema Club се претставија како детални познавачи, можеби и научници, на инди-денс-рок-миксот што по стартот на новиот милениум експлодира на Островот. Во оваа точка негодувачите го поставија центарот на метата и го гаѓаа бендот со стрели наострени на нивното невоздржано црпење од непосредното минато. Со право, а сепак, триото ова го изведе изненадувачки вешто, го трансформира во неодоливо весел поп, што на крајот ја направи безмалку неважна тезата за флагрантно фотокопирање. Точно, поради ваков авторски израз не се крева коса од возбуда. Да, ова своеволно ставање во силните рамки на одреден стил не ги втренчува очите. Секако, поради сето ова ганглиите на уметноста не затреперуваат, ама стопала тропкаат, колкови се нишаат, душата игра.

Втората плоча на северно-ирската група од својата постара сестра се разликува по, условно кажано, делумно посериозниот, позрел, тон. Искрено, овој термин често го користам, тој никогаш нема исто значење, но во него секогаш е содржан заклучокот дека бендот го изострил фокусот. На триото ова не им беше којзнае колку потребно, тие и онака креираа композиции речиси без грам сало, ама тоа сега е надградено со генерално чувство на сраснување, на постепено продлабочување на конекцијата со материјалот како што тој почесто се врти во плеерот. Тоа може да се одвива додека бришете прашина, чистите со правосмукалка (рокнат гласно), крстарите низ градот со велосипед или автомобил, но и кога сте седнати, целосно нему посветени, и особено во миговите кога сте расположени да танцувате – во себе или на подиум. Со Beacon, Two Door Cinema Club не подигнуваат патоказ за редефинирање на современиот поп-рок, туку поставуваат уште еден убав светилник. И повеќе од доволно, ако се знае дека тие се заборавените потсетници на друго, поромантично, време во популарната култура.

Оцена: 78/100

Артист: Two Door Cinema Club
Албум: Beacon
Датум на објава: 3 септември 2012
Продуцент: Џекнајф Ли
Издавач: Kitsuné

Листа на песни:
1. Next Year – 4:11
2. Handshake – 3:31
3. Wake Up – 3:45
4. Sun – 3:07
5. Someday – 3:43
6. Sleep Alone – 3:56
7. The World Is Watching – 3:36
8. Settle – 3:52
9. Spring – 3:24
10. Pyramid – 3:09
11. Beacon – 3:24

0 коментар

Слични написи

Остави коментар