Machine Head – The Blackening [Roadrunner]

Повеќе од 1.3 милијарди луѓе живеат со помалку од еден долар дневно, светот годишно троши 780 “билиони” долари за оружје, 4.7 милиони деца под петгодишна возраст умираат секои 12 месеци во јужна Азија, повеќе од 90 проценти од жртвите на денешните војни се цивили, а вредноста на 21 Б2 бомбардери што ги поседува САД е 42 милијарди долари.

Понекогаш, искрено, не можам да сфатам како луднициве не почнале да никнуваат како печурки на секое идилично ќоше покрај урбаниве џунгли. Со ваква реалност, на човек најмалку што му останува е да полуди или уште подобро – да се накурчи до бесвест. Со неподносливата параноја, тероризам и комплетното уназадување на родот, едноставно, не знам како воопшто се појавуваат музичари кои се среќни, весели и розеви. Не мора сеа да се фатиме за њу-ејџ филозофии од типот “што ни останува друго”, оти дилемата е реторичка. Депресивно би било сите уметници да не плескаат со реалноста во фаца, ама со целава “швркнатост” наоколу, живо чудо како нивниот број не е екстремно поголем. Добро, барем вака ќе можеме поискрено да ги цениме позитивните примери како искусните метал-шредери Machine Head кои неодамна на светот му ја претставија тотално напиздената риф-бомба наречена – The Blackening.

Врзани за треш-правецот уште од самите почетоци (преку членувањето на основачот Роб Флин во антологиските Vio-Lence), четворката од Сан Франциско никогаш не била отворено политички ориентирана, но како и споменатиот метал-правец, општеството отсекогаш им било во фокусот. Почетокот на 90-тите го означија го пост-треш и грув-класиката Burn My Eyes, средината се обидоа (полууспешно) да се закачат на њу-вагонот, а четвртата година од новиот милениум се вратија од мртвите со моќниот Through The Ashes Of Empires. Крајот на март 2007 го дочекаа со дискот што скептиците (ама и дел од верниците) не веруваа дека Machine Head се уште го поседуваат во својата креативна крв. Монолитен, епохален и стегнат до последната нота, The Blackening е парче музика внимателно потопено во гнев и презир кон современа Америка, како и остатокот од нашиов расипан свет. Најважно е што не попуваат, туку споделуваат.

Без разлика што конзервативните власти во САД, воената машинерија и недоприливите корпорации се на мета на квартетот, фронтменот Флин во неодамнешно интервју рече дека “The Blackening, во голема мера, е погледнување на себеси во огледало”. Тоа се однесува на обвивката на цедето: скелетот кој седи на кралскиот трон и едната нога му е ставена врз светот, во раката држи огледало со пораката “The mirror which flatters not”. А како што може да се чуе од осумте композиции кои траат шеесет минути, Machine Head немаат никаква намера да ви се додворуваат, да ви сликаат романтичен портрет на реалноста или да пеат за пролетните цветови. Квартетот чичковци (сите се ближат до четвртата деценија) се побесни, поизнервирани и попосветени во намерата да пратат јасна порака од повеќето денешни жими-асам-да-ти-баам-револуционери. Не држат лекции – си бркаат работа – а резултатот е: брилијантно бесен!

А се почнува така “мирно и невино”. Со атмосферично интро и бас-нота што ви одѕвонува во уво, Clenching The Fists Of Dissent како сака да ве опушти за риф-машинеријата која триесетина секунди подоцна ќе ви го здроби умот со енергија. Нема потреба од грицкање нокти – не се работи за брутален дет-метал напад, туку за армиран ѕид од дисторзија што е интелигентно контролиран, аранжерски внимателно спакуван и свиречки дисциплинирано, но емотивно, изведен. Композициите во просек имаат нешто повеќе од седум и пол минути, но не се разводенети со проѕирни продукциски трикови, туку го задржуваат вниманието со – свирење. Звучи просто, ама сигурно не е така од другата страна на звучниците. Песните, особено Slanderous, Aesthetics Of Hate, Wolves и A Farewell To Arms, имаат впечатливи треш-влијанија, а во Now I Lay Thee Down и Halo се слушаат силни класични хевиметал секвенци во стилот на Iron Maiden. Продукцијата е беспрекорна, Дејв Меклејн “свети” на тапаните, а Флин и вториот гитарист, Фил Демел, често се “бркаат” со извонредните лидови. Сите нумери го поседуваат препознатливиот Machine Head-грув-момент што ќе ги разорува подиумите во арените полни со разјарени фанови.

За The Blackening може да се дебатира надолго и нашироко уште многу оти посветеноста што Machine Head ја вложиле во изданието, како и паметниот гнев што му го фрлаат на општеството во лице, заслужува неизмерна почит. Искуснава глутница метал-волци покажува среден прст, но не ви пакува решенија и спасение во целофан. Едноставно, ве повикува – понекогаш – заедно да вриштите за “црнилата” наоколу. Во себе или на глас, оставаат вашите раце (и совест) да решат.

Оцена: 90/100

Артист: Machine Head
Албум: The Blackening
Датум на објава: 26 март 2007
Продуцент: Роб Флин
Издавач: Roadrunner

Листа на песни:
1. Clenching the Fists of Dissent – 10:37
2. Beautiful Mourning – 4:46
3. Aesthetics of Hate – 6:30
4. Now I Lay Thee Down – 5:35
5. Slanderous – 5:17
6. Halo – 9:03
7. Wolves – 9:01
8. A Farewell to Arms – 10:13

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 17.04.2007]

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар