Machine Head – Unto the Locust [Roadrunner]

Враќањето на Machine Head од мртвите е настан што сè уште не ми е јасно како беше возможно да се случи. По објавата на шокантно моќното деби во 1994 година, Burn My Eyes, составот од Оукленд издаде уште еден цврст, иако делумно послаб, албум, The More Things Change. На третата плоча, The Burning Red, бендот почна да понира низ креативниот бунар и тресна на неговото дно со Supercharger во 2001 година. Во период од одвај седум години, калифорниската група ја прокоцка огромната почит заслужена со првото цеде, по што етикетите од САД од четворката бегаа како од чума. Затоа, Роб Флин и екипата петтиот диск, Through the Ashes of Empires, во Англија го издадоа во 2003, а во Америка во 2004 година. Со ова остварување, недовербата во составот се сведе на минимум. Квартетот се зацврсти на старите патеки со The Blackening во 2007 година, а дека продолжува во иста насока потврдува и на последниот албум, Unto the Locust.

Не дека им фалеше во изразот, а сепак, Machine Head токму со метализацијата (аха, да, кловновски е терминот) си ја поправи репутацијата. Да бидам поразбирлив, бендот го наполни кошот со поени преку мејденизам и пристизација (знам, очајни зборови дури и за измислени). Трешот си остана носител, меѓутоа, двојниот гитарски систем почна да гаѓа со мелодиски ракети од Through the Ashes of Empires, го засили нападот на The Blackening, а на Unto the Locust веќе е интегрален, нераскинлив, очекуван во стилот на квартетот. Сега добиваме груверски рифови полни маснотии наспроти гитарски лидови и солажи што скалесто се искачуваат до највисоките тонови. Појасна метализација од оваа, амин. Плус, да не ја заборавиме и тенденцијата за пишување епски композиции со повеќе поглавја – помејденска карактеристика тешко се наоѓа. Сето ова, на хартија, (или во блог-светот на нули и единици) изгледа ретро, носталгично. Иако е под силно олд-скул-влијание, седмиот студиски албум на четворката не се дави во него.

Отворањето на изданието е лоцирано во минато подалечно и од периодот кога е роден хевиметалот. Овој жанр е меѓу последните што би го поврзале со сонатите, но со ваква аудиоформа составот го стартува моторот на Unto the Locust. А сонатата не е повеќе од тоа – вртење на клучот. Потоа бендот дава малку гас, па прва, втора, трета и додека да се освестиш што се случува, нумерата фучи на сите цилиндри и коњски сили. Таква е оваа песна, но таков е и остатокот од албумот. Се шири, забрзува, подзастанува, пак го шалтува менувачот, не така ретко дури и го вклучува копчето за нитро. Знам, знам, да правиш паралела меѓу метал-бенд и бесни коли е лејм, ама и не е баш најверодостојно. Сите автомобили развиваат бразина од нула до 100 километри на час за одреден број секунди, а Machine Head тоа го прави за дел од секундата. Само забележете како една релативно бавна нумера, Be Still and Know, со удар на добошот се претвора во трка на две гитари, бас и тапани.

За тоа групата отсекогаш заслужувала пофалби. И кога биле најлоши, динамиката не ја заборавале, а тоа ги правело нивните креативни падови барем малку подносливи. Ова е обратно прикажано на Pearls Before the Swine. Траката стартува расфрлано, речиси на сите страни, за по некое време да му отстапи простор на чудовишен брејкдаун со риф каков што само Роб Флин и бандата може да смисли. Носечката нумера, Locust, сè ова го меша, пече, зацврснува и пакува во седум и пол минути. Издвоив неколку од нив, но членовите на бендот не се ретардоси за песните да ги дефинираат како еден или друг тип. Тие се сврзани, се надополнуваат и кога следната контрира на претходната, или, да се изразам со транскрипција – имаат флоу. За да стигнете до центарот на Unto the Locust, тоа, да препишувате, не мора да го правите. Сакале, нејќеле, почитувале или презирале таква директност, односно отсуство на суптилност, Machine Head со неа си шамараат на седмото авторско цеде во кариерата. И звучат уверливо гневно и во топ-форма како да им е прво.

Оцена: 83/100

Артист: Machine Head
Албум: Unto the Locust
Датум на објава: 23 септември 2011
Продуцент: Роб Флин
Издавач: Roadrunner

Листа на песни:
1. I Am Hell (Sonata in C#) – 8:25
2. Be Still and Know – 5:43
3. Locust – 7:36
4. This Is the End – 6:05
5. Darkness Within – 6:28
6. Pearls Before the Swine – 7:19
7. Who We Are – 7:11

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

Слични написи

Остави коментар