Mogwai – The Hawk Is Howling [Wall of Sound, 2008]


Тешко е да свириш рокенрол 13 години, притоа да не изустиш строфа во песните, а да останеш релевантен. Сакал ти или не, ќе дојде моментот кога формулата ќе заврти цел круг и ќе се вратиш на почетокот. Ама ако на тој пат самиот си решил да зачекориш, обидите за оправдувања (пред себеси и пред фановите) или за изговори околу евентуалните пропусти се, во краен случај, приказни за мали деца. Не сум слушнал дека Mogwai се жалат или, пак, бараат прошка за објавените албуми, но кристално е јасно оти шкотските момци одамна го истрчаа најбитниот круг во својата креативност (Rock Action). Оттогаш, прават убава музика, но костурот на нивниот израз е вкочанет. Лигаментите им се истенчени, а на одредени места дури и искинати. Шестото цеде, The Hawk Is Howling, им вдахнува нова динамика, но само делумно.

Најголемиот проблем на инструменталниот рок е што многу лесно може да стане музика за слушање во фон. Додека плетете, читате или, пак, ги откривате новите рути на интернет-автопатот. Сите жанрови без вокал висат пред оваа бездна на звучна минливост, меѓутоа, кога е рокенролот во прашање, добра мелодија, рефрен или само боја на глас може да ги скрие (не и избрише) сите потенцијални дупки во песните. На првите три диска, Mogwai немаа таква мака. Иако и тие се одлични за вртење во заднина, побитно е што повремено ве тераат да застанете, да ги кренете рацете од тоа што го правите и да слушате. Еден момент, риф, амбиент, чувство или разорна кулминација. По Rock Action, тие парчиња кај петорката од Глазгов повеќе се отсутни отколку присутни. The Hawk Is Howling успева да ве грабне со I’m Jim Morrison, I’m Dead, Batcat, Local Authority, I Love You, I’m Going To Blow Up Your School и The Precipice, но и своеволно да ве пушти со остатокот од материјалот.

Danphe and the Brain, The Sun Smells Too Loud и Scotland’s Shame имаат свои мигови, меѓутоа, лесно запаѓаат во категоријата бекраунд-мјузик. И токму тука Mogwai самите си удираат во слабината. Можеби јавно не се жалат или правдаат за своите пропусти, но тоа го прават со млакоста на дел од материјалот. Во две насоки: како е напишан и како е изведен. За продукцијата нема што да се зборува. Таа е соодветна – неизбрусена и со доволно простор отстапен на сите инструменти и семплови. Маката е што многу песни од цедето добро се искачуваат до одредена точка, но наместо да експлодираат, продолжуваат во права и маглива линија. Не е воопшто тешко да се најде убавина во The Hawk Is Howling. Проблемот е што човек не треба толку да се мачи за да ја ископа. А шестиот албум на Mogwai го прави токму тоа: ве тера да верувате во него повеќе отколку самиот бенд што го создал. Баш затоа, голем дел од него ќе ве зграпчи како што посакувате, а не толку мал сегмент самоиницијативно ќе ви се избрише од сеќавањето.

Оцена: 7/10

Артист: Mogwai
Албум: The Hawk Is Howling
Датум на објава: 22 септември 2008
Продуцент: Енди Милер
Издавач: Wall Of Sound

Track listing:
1. I’m Jim Morrison, I’m Dead – 6:46
2. Batcat – 5:23
3. Danphe and the Brain – 5:18
4. Local Authority – 4:15
5. The Sun Smells Too Loud – 6:58
6. Kings Meadow – 4:42
7. I Love You, I’m Going To Blow Up Your School – 7:33
8. Scotland’s Shame – 8:00
9. Thank You Space Expert – 7:55
10. The Precipice – 6:42

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 15.11.2008]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар