Mogwai – Special Moves [Rock Action, 2010]


Во I Love You, I’m Going To Blow Up Your School, една од најдобрите песни што Mogwai некогаш го напишале, има еден момент, точка на кршење, што е очигледен уште на прво слушање, но вклопен е толку природно, што веднаш се прифаќа здраво за готово, како отсекогаш да бил таму, како да бил наменет за тој миг од композицијата. На 3 минути и 36 секунди, отприлика на половина од нумерата, има бас-линија, со слаб ориентален призвук, што прави речиси совршена фрактура помеѓу првиот, сталожен, мирен, нежен, дел од темата и вториот, што си тера по слична медитативна линија, но набргу се вжештува и експлодира на тектонски начин типичен за пост-рокерите од Глазгов. Special Moves, првиот концертен албум на Mogwai, детално го прикажува талентот на шкотскиот квинтет за создавање инструментални звучни фрагменти чие значење – на број – веројатно е еднакво со илјадниците различни обожаватели што составот ги има ширум планетава.

Лично, немам поим зошто, но кога I Love You, I’m Going To Blow Up Your School ќе дојде до точката 3.36, скоро секогаш помислувам на масакрот што во април 2007 година се случи на Политехничкиот институт во Вирџинија, САД. Можеби инспирацијата на Mogwai за насловот е љубовна, можеби е терористичко-политичка, сигурно има врска со бомби, а не со Glock 19 и со Walther P22, но за мене е асоцијација за студентот по англиски, Сунг Ху Чо, кој еден понеделник, од чиста мира, усмрти 32 колеги, рани 25 и на крајот си го одзеде животот. Преломот на 3.36 ми делува како мигот, за кој и самиот можеби не бил свесен, во кој овој 23 годишен студент се претворил од проблематичен ученик во ладнокрвен убиец. Музиката на Mogwai знае да биде мрачна и често е огледало на исто толку мачниот свет во кој што живееме. Во никој случај не е аудиопамфлет на насилници и потенцијални убијци, но е крајно сугестивна и буди слики што авторите можеби и воопшто не би ги поврзале со нотите што самите ги креирале.

Кога го слушате Special Moves, сфаќате дека по една таква точка на кршење има во секоја од 11-те песни поместени на цедето, а снимени во текот на три концерти што бендот од 27 до 29 април 2009 година ги одржа во Музичката сала на Вилијамсбург, во Бруклин, Њујорк. Mogwai се најпознати по способноста за градење тонска тензија, каква што ретко се среќава во други жанрови и кај други групи, која потоа се разорува и ослободува сила како кога се цепи атомското јадро. Од таа причина, во сите песни од дискографијата на петорката има по еден момент, по една точка, во која целата таа напнатост и распрскување се спојуваат. Special Moves не е албум-споменик на таквите мигови, но бидејќи се работи за лајв-издание, тие прекршувања на звукот тука се далеку поочигледни, подраматични, отколку на студиско остварување.

Новото издание на Mogwai, што го вклучува и фасцинантниот 47-минутен концертен филм Burning, го прикажува составот како дисциплиниран и гимнастички увежбан монолит што се држи до најдобрите авторски делови од песните, но и што не се плаши да си подигрува со нив. Класично импровизирање, со нови рифови, нема, но затоа бучава има во огромни дози, меѓутоа, таа никогаш не се претвора во какофонија. Од плочава се гледа и слуша дека членовите на составот се аудиофили, кои знаат која педала, засилувач или модел на гитара најубаво се вклопува во одредена песна, а таа гикерска страна е јасна и од чистината на концертната снимка, која, веројатно, не е претерано постпродукциски дотерувана, односно дури и по интензивно преслушување такво нешто не може да се забележи. Тешко е да се процени кои “специјални потези” Mogwai ги извадиле од ракав за да го направат овој лајв-албум, но токму тоа го прави Special Moves едно од најпосебните изданија на бендот во изминативе неколку години.

Оцена: 8.5/10

Артист: Mogwai
Албум: Special Moves
Датум на објава: 23 август 2010
Продуцент: Џон Камингс
Издавач: Rock Action

Track listing:

1. I’m Jim Morrison, I’m Dead – 6:01
2. Friend of the Night – 5:30
3. Hunted By a Freak – 4:07
4. Mogwai Fear Satan – 11:43
5. Cody – 6:10
6. You Don’t Know Jesus – 5:31
7. I Know You Are But What Am I? – 4:04
8. I Love You, I’m Going To Blow Up Your School – 7:57
9. 2 Rights Make 1 Wrong – 9:05
10. Like Herod – 10:38
11. Glasgow Megasnake – 3:50

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 21.09.2010

0 коментар

Слични написи

Остави коментар