21/08/2017

Foolish Green: Талентите во Македонија се деликвенти и одвај преживуваат

Постирано на 08/11/2013 од во Интервју

Авторската музика што навистина – до гола суштина – вреди одамна е загрозен вид во Македонија. Во ова друштво принудно стеснето од ниски пориви и паланечки потреби опстојува уште помал кружок потписници на оригинални дела кои веднаш, со самото деби во јавноста, звучат самоуверено, изострено и стегнато. Тие не се ограничени или за навек издефинирани. Очигледно е оти и во иднина ќе буричкаат низ историјата и ќе ги следат актуелните жанровски текови, а сето тоа ќе го спојуваат во збиена целина за чие креирање е нужно поседување вроден талент, желба за работа и чувство за почит.

Рамнотежата меѓу овие елементи, надополнет со високиот степен на дисциплина и на посветеност, ја помирисав во деби ЕП-то Sun is Gone, додека комплетно ја пронајдов во Escape, првенчето на скопската група Foolish Green. Од ланската објава на четирите песни до годинашното лонгплеј-првенче составот експресно се впиша себеси во врвот на домашната алтернативна сцена, без разлика колку таа на шунд-меинстримот му се чини небитна и негламурозна. Следната сабота, на 15 ноември, составот ќе свири на Streets Festival во Хаг, Холандија. Локализирајќи позната англиска изрека ќе истакнам оти групата во овој краток период на транзиција ја изоди патеката од„нула до херои“. За сè ова, основачот, лидер и фронтмен, Ненад Стефаноски, вели:
– Всушност, не тргнав со некаква замислена цел и рецепт за успех. Едноставно, тоа е она фино чувство за креирање, кое те повикува одвнатре да го извадиш на виделина и да го претопиш во некакво дело, кога ништо пред тебе не претставува нерешлив проблем, туку само индивидуална мистериозна причина на која подоцна ѝ ја разбираме целта. Што и да е, стегаш заби и ја пребродуваш бурата од искушенија, имаш морална одговорност и јасна порака кон слушателите и се надеваш на добар резултат. Секакви критики се добредојдени.

Не сте меинстрим-ѕвезди какви што, ако ништо друго, можеби би биле на добар пат да станете на Запад, но со силен ентузијазам бевте прифатени во Македонија и во регионот. Реакциите за албумот беа нагласено позитивни, а и распродадовте два концерта во „Фросина“ во МКЦ. Како ги оценуваш овие успеси – соодветни се или се подзадушени од бучавата на неквалитет на нашиве простори?
– Пријатно се изненадив од брзата реакција на публиката уште при првото издание во киберпросторот. Не очекував премногу галама, а сепак, брзо се обзнани зборот и интересот за „Фулиш грин“ секојдневно расте. Има уште премногу работа. Алтернативната сцена е ранлива и кревка, а талентите се деликвенти и одвај преживуваат. Последниве години оваа сцена доби посериозен приказ на работите, културен шок, со силна тенденција за рушење на пинг-понг режимот. Се издадоа еден куп домашни зрели албуми и уметниците докажаа дека не спијат и дека сè уште не се задушени од кичот кој се пласира 24/7 на македонските медиуми. (Како раката на Фреди Кругер, окото кое постојано гледа, не заспивај сега, затоа што и ти ќе станеш еден од нив). Создавањето музика кај нас сè уште е мазохизам. Заразна болест со трајни последици. Мора совесно и напорно да работиме, ние копилињата од Македонија кои ништо не сме виделе од светот, што продаваме памет, па потоа со истите пари си купуваме конфузија, го зајакнуваме нашето его, со тоа што му оддолеваме и го одбиваме. Сепак, надежта последна умира, ама ако од твојата музика немаш леб, тешко дека љубовта кон неа ќе те нахрани и облече. Во најлош случај, ќе се обесиш и мајка ти ќе те одере, исецка и испече!

Спротивно од оваа доминантна школа на размислување – дека ако сè и онака е (пот)просечно нема зошто индивидуално да се трудиме – Foolish Green прикажува јасна решителност за (бркање) перфекционизам. Каде ги лоцираш корените на оваа потреба и како ја одржуваш во живот ако знаеш дека ќе поминеш солидно и со значително помало (себе)вложување?
– Никогаш не е идеално, ниту перфектно, и во тоа е убавината на еволутивниот механизам и надградувањето на себеси. Секогаш знаеш до каде си, а до каде претходно си стасал. Би рекол повеќе дека се обиди за пробивање на рамките на медиокритетот и големиот мерак да се крчка во лабораторијата. Зашто би се изложувал на помало (себе)вложување, кога уживам и знам дека е здраво?
Ваквата посветеност на детали е една од највпечатливите карактеристики на Escape. Очигледно е дека самите песни, а и целиот албум, се цврсто осмислени и покрај тоа што не криете оти сакате и импровизации. Како одлучуваш, како ја одредуваш вистинската точка до која сметаш дека треба да одиш во ситници, а во која потоа е нужно да ги пуштиш уздите – и компонирачки и свирачки?
– Сè е во зависност од првичната идеја, моментот додека работам. Милиони мали парчиња од мозаикот на влијанијата кои ја полнат мојата имагинација и ѝ даваат поголеми крилја за летање и начини за креирање. Но, немам некое особено правило при музичкиот израз. Понекогаш предводен од инспирацијата, убавата мисла, по некоја капка емоција, некогаш и мрзата, заморот, внатрешниот мир и немир, неодлучноста (кога немам конкретизирано што сакам да направам, експериментирам, лупам, додавам некои финеси, па случајно ќе излезе нешто интересно и учинковито). Честа појава е и самите грешки, фалшови и несовршености да создадат и по некоја автентична и препознатлива слика. Во ред е и ставот дека „секогаш може и подобро“, но мислам дека најредовно се навраќам на првиот израз. Па откако ќе го завршам целиот концепт на албумот, ЕП-то, проектот или што и да е, повторно ги скенирам сите теми поединечно со крајна одлука (ова иде како што е, треќава може и подобро, шестата ја вадам, али ќе се најде за друго, на деветава само пратечките да се препеат, итн. ,итн, со поставување свој краен рок), сè додека не сум задоволен од крајниот резултат. Од тој момент, го оставам тој материјал да си прилегне и преоѓаме на следно.

Албумот дефинитивно е направен тука и сега и без мака опстојува во денешен, современ, контекст, ама има и јака ретролинија. Не во смисла дека рециклирате, туку оти не се срамите од инспирацијата од подалечното минато. Зошто токму 60-тите и 70-тите, зошто баш психоделичен поп, како се поврза со ова време и жанр?
– На тоа највише жени трзаат. Се шалам… Не знам, едноставно ни прилега на духот, растени сме со секаква музика, но баш тоа е базата на која сме најнавлечени, се идентификува со нашиот капацитет за творење, и е „зачинета“ со сè она што преку сите сетила се задржало во мозокот и ни разбудило секакви чувства. Потоа, самата топла vintage текстура на звукот во користењето на разноразни атмосферски звуци, чудни инструменти и ефекти, текстура која ја содржат и многу модерни правци како hip hop, breaks, soul, trip hop, electro, house, dub (преку „семплување“, преработување, модулирање, итн.). Една огромна дисперзија на зракот на музичката призма што отвара големи хоризонти. А богами и треба да се искористи сè што нуди новата технологија за музицирање, незаборавајќи го човечкиот фактор и емоциите, се разбира.

Освен што црпите од споменатите ери и правци, како и од други „меѓународни“ звуци, на Escape се забележува и здраво домашно влијание од автори како Шпато чии композиции ги изведуваше квартетот „Импулси“. Кои карактеристики на овие песни и на овој славен „фестивалски“ период би ги издвоил како најмоќни и кои те привлекле да им се навратиш?
– Ха! Навистина сум почестен што си ме поврзал со овие великани-мајстори, безвременски автори и пионери на ова тло. Ме привлекуваат аражманските решенија прима виста, начинот на компонирање, дисциплината, врвните оркестрации, како и благата и малку наивна староскопска поезија. Што знам, убава раскошна градина.
Македонија има ризница од вакви квалитетни и препознатливи хит-песни, ама нивниот дух ретко се слуша во поп-траки од актуелни изведувачи. Овие нумери баш и не се среќаваат на радио или ТВ, а и на интернет не се наоѓаат лесно. Што те инспирира да следиш што модерно се случува, но и да „копаш“ по архиви ако се знае дека за повеќето млади луѓе како тебе ова би било „арчење време“?
– Да посегнуваш по нешто кое те задоволува, те инспирира и ти го зајакнува моџото, не би рекол дека е арчење време. За некого и одење во обложувалници, вежбање тенис, ловење риба е трошење време. Сепак, има толку многу убава музика на светов што немала можеби толку услови да излезе на површина во големи светски рамки. Не дека сум некој посветен crate digger, но многу често се радувам кога ќе откопам стара добра музика од автори кои никој не ги знае и кога ја споделувам со заинтересираните соиграчи.

Не се истурени напред, меѓутоа, во одредени ритмички решенија и во битови на Escape наслушнувам и хип-хоп што се должи на твоето искуство како продуцент во „Легијата“ и Green Out и преку соработки со артисти кои гравитираат околу оваа екипа. Ваквиот подвиг би го нарекол „пронаоѓање рамнотежа меѓу рапот и рокот“. Што е најпривлечно, најпредизвикувачки, во сето ова?
– Немам одредено правило и ограничен концепт за тоа како „мора“ да звучи затоа што некој го поставил и систематизирал на тој начин. Во уметноста има еден општ критериум за композиција и тука секоја сложувалка во мозаикот си наоѓа свое место. Знам дека е ретка појава, не само кај нас, туку и во светот, но едноставно не знам, само по себе си доаѓа. Срце на терен, мозок во соблекувална и тоа е тоа.

Хип-хопот и рокенролот се прилично различни и иако во текот на 90-тите тие се фузираа во популарна мешавина, генерално, „сцените“ си останаа одвоени. И покрај дигиталното бришење на границите и достапноста на музиката, доминира впечатокот оти поделеноста по „кланови“ и натаму е широко присутна. Како ти изгледа тоа кога денешните интернет-генерации избираат ограниченост?
– Незрело, едноставно. Но, најверојатно е и тоа некој процес на созревање, малку поразличен од оној во 90-тите, па и порано. И онака од сите тие жанрови, се издвојуваат уште еден мал милион потправци каде што веќе границата е скоро невидлива и нејасна. Но, мене лично, отсекогаш ме воодушевувале вакви нестандардни колаборации и тоа не само помеѓу овие два правци. Во нашата средина веќе скоро и да згасна онаа урбана улична култура каде се собираа разни организми, ендемски видови, прототипови и си разменуваа по некој шамар меѓу овие одредени „кланови“. Но, тоа не претставуваше поделеност во однос на музиката, туку сите си ја истакнуваа својата оригиналност. Баш напротив, музиката беше таа која ги зближи. Сега наместо преку интернетот да се комуницира и едуцира, тој повеќе стана поле за размена на фрустрации во својата соба и всушност тука настана проблемот со овие предрасуди.

Со промените предизвикани од дигитализацијата и од навиките на луѓето и во развиените земји одамна е тешко да се живее само од музика. Најголемиот дел од независните соло-артисти и бендови и работат и создаваат и одат на турнеи. Оваа ситуација е уште помачна на места како Македонија. Какви подолгорочни желби, планови и проекции имаш за Foolish Green земајќи предвид сè погореспоменато?
– Емпатија. Да се поврзуваме мисловно и духовно со секој наш слушател, да сочувствуваме, значи да продолжиме да чекориме по светата почва. Да ја шириме пораката и да ги допишуваме поглавјата во зелената книга. Сите подвизи се јасни!

Фото: Кристијан Теодоров

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>