Baroness – Purple [Abraxan Hymns, 2015]

Познато е тврдењето дека занимавањето со креативна работа треба да те исполнува. Не за секого и не во сите околности, парите се најбитен мотив. За многумина, доволно е тоа што го создаваат, како и самиот процес на изразување да им носи задоволство. Бездруго, ова може да се смета и за клише. Меѓутоа, доколку мораш сметки да плаќаш, што во превод значи да преживееш, може да биде шокантно што сѐ човек е подготвен да истрпи. Ако во прашање е трошење енергија на нешто убаво, чија цел би била да инспирира, прагот на толеранција веројатно е значително понизок. Ситуацијата го губи црно-белиот признак и особено се усложнува кога творештвото е тоа што обезбедува опстанок. Со тек на време, тие што успеале да го спојат авторството со заработката се наоѓаат пред многу дилеми. Некои од нив, пак, се соочуваат и со можеби најтешката: дали вреди да продолжиш да се изразуваш и откако тоа што го креираш за влакно ќе те убие?

На ова прашање, помалку од еден месец од објавата на албумот Yellow & Green, во 2012 година, членовите на Baroness беа принудени да дадат одговор или ако ништо друго, да размислуваат опсежно. Набргу по стартот на тогашната промотивна турнеја, автобусот со којшто патуваа низ Англија излета од вијадукт и тресна во канал. Повредени беа девет лица, од кои двајца сериозно – возачот и фронтменот на групата, Џон Даер Бејзли. Тој се здоби со скршеници на ногата и на левата рака, за која што во опција била и ампутација, поради степенот на оштетеност. За многу краток период, четворката од Савана тогаш се вивна во височините (метафорички) со нагласено позитивниот прием на плочата, но се сплеска (буквално) на земја пред воопшто да може музиката да ја сподели со публиката. Настрана фактичката физичка болка, ваквата спротивност создава трауматично емотивно искуство од кое, сосема разбирливо, не може секој да се опорави.

Што и делумно се случи, затоа што во март 2013 ритам-секцијата сочинета од Ален Бликл и Мет Маџиони без кавги се раздели со бендот. Физикалната терапија полека ги враќаше членовите во нормала, ама ова можеше да биде настан од којшто Baroness ќе има повеќе последици, отколку од сообраќајната несреќа. Се испостави дека среќата, конечно, малку ги послужи. Речиси без мака ги најдоа басистот Ник Џост и тапанарот Себастијан Томсон и побитно, веднаш ја пронајдоа заедничката бранова должина. Резултатот од тоа е Purple, цеде кое истовремено драстично се одвојува и е баланс од сите претходни. Концизноста е таа што најпрво отскокнува во споредба со двојниот диск, на којшто оваа 43-минутна плоча е директен наследник. Како и на тоа остварување, зад микс-пултот и тука е Џон Конглтон, продукцијата продолжува во слична, „сува и остра“, насока, само што сега делува како да реже од секој можен агол. Буди слики на исечен лим, скршени шипки и здробено стакло.

Така некако и Morningstar ја отвора колекцијата. Сите инструменти бучно се судруваат, дури и се смачкуваат едни во други, но брзо се исправаат и се обединуваат во џиновски риф. Ако целта на групата било звучно да ја отсликаат незгодата, им успеало, исто како што со моќта на гитарите им пошло од рака да пренесат дека решително се издигнале од (скоро) мртвите. Ваков интензитет доминира и со наредните три парчиња. Сајзерот нуди мал здив на воведот од Shock Me, по што групата влегува во трибален ритам, се отвора широко со рефренот и со средишното гитарско решение исчашува вратни мускули. По ова Бејзли и Адамс епски ги хармонизираат лидовите, што како момент се случува и на други композиции, без притоа да стане напорно. Марширањето е основата на Try to Disappear, секундарната акустика додава длабочина, гласот на тест ги става белите дробови, а кога рифот студиски ќе ја намали јачината, не губи моќ, туку добива диско-грув. На излезот се појавуваат и оркестрации, за да го заокружат епскиот филинг. Темпото на Kerosene зема замав како да е драменбејс, a електрониката се појавува и преку глич-ноиз фрагменти.

Инструменталката Fugue смирувачки го заокружува баражот на првите четири песни и елегантно го прави преминот кон Chlorine & Wine, која што во седум минути поминува низ брда и долини, клисури и рамници, самостојно и здружено извикување стихови и грандиозни гитарски лид-хармонии. Панк-влијанијата целосно ги покажуваат острите заби на The Iron Bell, која што со минимална дисторзија го крева притисокот пред вистински да експлодира, па дури и да накалеми класична хеви-разлетаност. Кај Desperation Burns нема чекање, развлечениот слаџ веднаш потопува со тешкиот риф, којшто окупира сѐ наоколу и си заминува како трескачки грув-фестивал. Штуриот бас и амбиенталните клавијатури го шират и го оставаат просторот на вокалот да беседи на If I Have to Wake Up (Would You Stop the Rain?), пред тој да еволуира во крик акцентиран од ѕвончиња (и камбани) и во финишот подвлечен од дуо „распеани гитари“. Рефренот ја издигнува атмосферата на повисоко ниво, а таква инспиративна улога има и на сите останати траки – занатски перфектно склопени, овие вокални моменти поседуваат мелодија што се памти, но која се движи помеѓу пркос и меланхолија, не и патетика.

Мизеријата е отсутна и од текстовите. Немаше да биде неприродно ако четворката на помрачен или на побезнадежен начин го споделеше тоа штом им се случило. Несреќата, дури и не се забележува во тоа што е напишано и отпеано. Барем не директно, затоа што преносно, може да се прочита во термини како шок, исчезнување, керозин, камбани, изгореници или будење од бесознание. Бејзли раскажува дека сите сме како кревко дрво, пронаоѓа стамена решителност по голема трагедија, не може да го претрка ѕверот што му го тестира менталното здравје, укажува дека ќе бара уште од лековите против болка, има илјадници милји пред да се врати дома, ја плука крвта и ги пие соништата. Во сѐ ова може да се пронајде тага, скршеност, но фронтменот секогаш наоѓа начин како од таа точка да се издигне, да направи скок, да се промени. Или едноставно, да биде благодарен. Како на самиот финиш, кога светлата целосно се гасат, кога денот не е како што треба, тој сепак, се потсетува на десет раце кренати високо во воздухот и дека во мигот на паѓање, сака на дното да го чекаат најблиските. Причината за тоа е проста: ако веќе мора да се разбуди, дали тие ќе го сопрат дождот. Слушајќи го Purple, и четири години по издавањето, одговорот е позитивен, а трансформацијата постигната. Кога ја почнале, Baroness и буквално биле виолетови, но бендот нашол сили да не се откаже. Модринките? Се повлекле.

Артист: Baroness
Албум: Purple [стрим]
Датум на објава: 18 декември 2015
Продуцент: Дејв Фридман
Етикета: Abraxan Hymns

Листа на песни:
1. Morningstar – 4:16
2. Shock Me – 4:17
3. Try to Disappear – 4:52
4. Kerosene – 5:10
5. Fugue – 2:34
6. Chlorine & Wine – 6:49
7. The Iron Bell – 4:24
8. Desperation Burns – 4:14
9. If I Have to Wake Up (Would You Stop the Rain?) – 5:41
10. Crossroads of Infinity – 0:16

Слични написи

Остави коментар